Македонија
Граѓани добивале пораки од директорот на БЈБ, МВР предупредува на меѓународна измама
Деновиве, во Министерството за внатрешни работи (МВР) пристигнале пријави од граѓани за добиена електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски.
Во пораките пишувало дека во наводна соработка со Европската полиција (Европол) примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа примачот на пораката се повикувал да стапи во контакт со испраќачот за да му објасни за какви кривични дела станува збор. Освен ова, полицијата добила пријава дека постои лажна веб-страница на Управата за јавни приходи (УЈП), од каде што се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на граѓаните на лажниот линк. Поради ова, денеска МВР издаде соопштение со кое ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака и дека зад не се крие меѓународна измама.
„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака, која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира со испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци што ќе ви бидат побарани“, предупредуваат од МВР. Исто така, од МВР предупредуваат граѓаните што ќе добијат вакви пораки да не ги отвораат линковите и датотеките што се испратени во прилог на имејл-пораката што доаѓа од непознат испраќач со цел заштита на сопствениот компјутерски систем од вируси.
„Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот. Ги информираме граѓаните дека и во Секторот за компјутерски криминал е пријавено оти е изработена лажна веб-страница на Управата за јавни приходи, од каде што се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама“, предупредуваат од МВР. Ова не е првпат лажни пораки од МВР да бидат испраќани на адреса на граѓаните. Во 2020 година МВР предупреди граѓаните да не наседнуваат на пораките што непознат сторител ги испраќал во името на државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска. До сега нема јавно објавена информација дали полицијата ги најде сторителите на оваа измама, велат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Недостасуваат 204 судии, Филков најави кадровско зајакнување во 2026 година
Во присуство на претставници на Делегацијата на Европската Унија, на амбасадите во земјава, судии, јавни обвинители, адвокати, Советот на ИКТ, меѓународни и домашни организации и донаторската заедница, на 9-от состанок на Секторската работна група за правда, министерот за правда Игор Филков нагласи дека кадровското зајакнување е предуслов за успешна дигитализација и функционално правосудство.
Надзорот спроведен од Министерството за правда покажа алармантни податоци: пополнетост на судиски места од 67% (432 од 636), судска служба со само 36% пополнетост, што директно влијае врз ефикасноста и должината на судските постапки.
Токму овие констатации, како што истакна Филков, се основа за преземање конкретни и координирани мерки, со кои во 2026 година ќе се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
„Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите”, рече Филков.
Македонија
Мицкоски објави судска пресуда: „СДСМ и формално е утврдена како клеветничка партија“
Премиерот, Христијан Мицкоски, објави одлука од Апелациониот суд со која се утврдува дека СДСМ изнесувала невистини и клевети против него.
„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд со правосилна пресуда утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија. Тоа што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес е официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава“, вели Мицкоски.
Според него, оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета.
„Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади“, вели Мицкоски.
Тој вели дека оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници.
„Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене. СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, напиша Мицкоски.
Македонија
Бензините поевтинуваат
Од ноќеска на полноќ цените на бензините ќе се намалат за два денари, а цената на дизелот ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 19.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 19.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, се наведува во соопштението на РКЕ.

