Економија
Народната банка: Граѓаните сè повеќе ги прифаќаат дигиталните плаќања
Дигиталните платформи и канали за извршување на плаќањата сè почесто се користат од граѓаните на нашата земја за што говорат и податоците за последниот квартал од 2022 година, како и за целата година, велат од Народната банка.
„На крајот од 2022 година во оптек беа 2,1 милиона платежни картички, од кои 70 % засновани на бесконтактна технологија. Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 30.011 уреди на физичките места на продажба кај 13.359 трговци во земјата, од кои дури 86 % ја поддржуваат бесконтактната технологија. Според овие податоци, граѓаните во земјата можеа на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата. Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба што ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст (во споредба со 2021 година) од 1 %, односно 3 %. Годишен раст од 16 % во однос на 2021 година е забележан и кај бројот на трговците што прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата.
Во четвртиот квартал од 2022 година и натаму се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата, за 11 % и 16 % соодветно. Бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) забележуваат раст од 6 % и 2 % соодветно. Иако плаќањата со кредитни трансфери сè уште најмногу се вршат на шалтерите на банките (74 %), податоците за последниот квартал од годината ја потврдуваат и сè поголемата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 12 % кај бројот и 14 % кај вредноста на плаќањата иницирани електронски и раст од 21 % кај бројот и 25 % кај вредноста на плаќањата иницирани со употреба на мобилните апликации.
Менувањето на навиките на граѓаните, поточно сè почестото користење на дигиталните канали за извршување на плаќањата до крајот на 2022 година доведе до годишен раст од 13 % на плаќањата со платежни картички во трговијата и годишен раст од 8 % на плаќањата со кредитни трансфери иницирани електронски.
За извршувањето на плаќањата со прифаќање на платежните картички, според најновите податоци за 2022 година, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,13 % од вредноста на прометот, што е помалку за 0,06 п.п. во споредба со 2021 година. Најголемо намалување се забележува кај надоместокот за плаќањата на бензинските станици (за 0,19 п.п.), на јавните и комуналните услуги (за 0,19 п.п.) и во електронската трговија (за 0,14 п.п.).
Показателите преку кои се следи финансиската вклученост на населението и натаму ја потврдуваат високата стапка на финансиска вклученост преку клучниот показател ‒ поседувањето платежна сметка. Имено, на крајот на 2022 година граѓаните располагале во просек со 1,8 сметка на жител, што е за 0,1 сметка повеќе во однос на просечниот број сметки на жител [1] кај населението во Европската Унија [2]. Притоа, сопствениците на сметките ги користеле дигиталните услуги за увид кај околу 42 % од сметките, додека, пак, електронски плаќања се извршуваат кај 18 % од сметките.
Според податоците за возрасната структура на имателите на сметките, во 2022 година е видлива поголема употреба на дигиталните услуги кај сите возрасни групи, во споредба со минатата година. Забележан е годишен раст на бројот на платежни сметки на активни пристапувачи и бројот на платежни сметки на активни плаќачи за 19 % и 9 % соодветно. Притоа, најголеми корисници на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на електронските плаќања се возрасните групи од 25 до 54 години, со 2,3 сметки по глава на жител. Поголемиот дел од сметките во нивна сопственост, односно над 51 % им биле достапни за електронски увид, а 24 % за извршување електронски плаќања.
Од аспект на родовата структура, податоците посочуваат на родов јаз од 0,5 сметки повеќе во корист на мажите (2,1 сметки на жител од машкиот пол наспроти 1,6 сметки на жител од женскиот пол). Сепак, во споредба со мажите, во текот на 2022 година жените биле умерено поактивни во користењето на дигиталните канали за увид во сметките и за извршување на плаќањата. Така, 41% од сметките коишто се во сопственост на жените биле искористени за плаќање преку интернет-банкарство или мобилна платежна апликација, додека за таа намена мажите користеле 40 % од своите сметки. Воедно, жените направиле најмалку еден електронски увид во состојбата и промените кај 63 % од нивните сметки, а мажите кај 62 %.
Според достапноста на инфраструктурата по општини, најголема покриеност со банкомати на десет илјади жители е забележана во Маврово и Ростуше (12), Охрид, Дојран и Гевгелија (10), а најголема покриеност со уреди на физичките места на продажба на десет илјади жители е евидентирана во Гевгелија (321), Охрид (285) и Скопје (269). Во рамките на градот Скопје, најголема покриеност со банкомати и уреди на физичките места на продажба на десет илјади жители имаат општините Центар, Карпош и Аеродром“, соопштија од Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
COMBO.mk – Новата онлајн дестинација за алат, апарати за домаќинство и многу повеќе
COMBO официјално ја пушта во употреба својата нова онлајн продавница, со цел купувањето да стане побрзо, поедноставно и подостапно за сите корисници низ државата. Со новата платформа, COMBO ја пренесува својата богата понуда во дигитално искуство што овозможува лесна нарачка, преглед на производи и безгрижна набавка од дома.
COMBO е современо продажно одредиште со продажен простор од 6.000 м² и асортиман од над 15.000 производи, внимателно селектирани за секојдневни потреби и професионална употреба. Понудата опфаќа девет главни категории: машини и алат, градинарски алат, апарати за домаќинство, автокозметика, лепила и силикони, електрика, оков за мебел, чешми и туш системи, како и производи за домашни миленици. Компанијата посветува внимание на брза достава и професионална услуга, со фокус на практичност и доверба при секоја нарачка.
Што добиваат купувачите
- Онлајн купување со широк избор на производи во девет различни категории.
- Практична набавка од едно место – од професионални алати и градинарска опрема, преку апарати за домаќинство и електрика, до чешми, туш системи и производи за домашни миленици.
- Брза достава и флексибилни опции за испорака низ цела Македонија.
- Стручна поддршка и советување при избор на производи.
- Сервисна поддршка и гаранција за производите.
- Услуга насочена кон лесно, сигурно и безгрижно корисничко искуство
(ПР)
Економија
До 15-ти јануари регистрација и дерегистрација на ДДВ Обврзници
Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите правни и физички лица кои заклучно со декември 2025 година оствариле вкупен промет повисок од 2.000.000 денари од вршење на оданочив промет на добра и услуги, дека имаат обврска да поднесат Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).
Доколку како физичко лице изнајмувате деловен простор во земјата, давате менаџерски, правни, економски, инженерски, занаетчиски услуги, давате приватни часови на ученици и студенти, остварувате приходи од продажба на земјоделски производи или вршите друг оданочив промет и во 2025 година сте оствариле промет над 2.000.000 денари треба да се регистрирате за целите на ДДВ.
Вкупен промет за целите на ДДВ е прометот што го направил обврзникот во текот на годината по основ на продажба на добра и извршени услуги. Во вкупен промет не влегува прометот кој е ослободен од ДДВ без право на одбивка на претходен данок, како на пример: изнајмување на станбени објекти и станови за живеење, услуги на осигурување и реосигурување, здравствени услуги, услуги за изучување на странски јазици, услуги на компјутерски центри, меѓународен превоз на патници и др. Исто така, во вкупен промет не влегува и прометот кој се врши кон странски даночни обврзници и кој не подлежи на оданочување со ДДВ, како на пример: вршење на консултантски, адвокатски, ИТ и други услуги кон странски даночни обврзници. Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, вкупниот годишен промет за цели за ДДВ се пресметува на тој начин што се зема вкупниот остварен промет за месеците кога ја вршел дејноста, истиот се дели со бројот на месеците на работење и се множи со дванаесет, при што се добива вкупен годишен промет.
На пример: Ако сте склучиле договор за закуп на деловен простор со почеток од 01.07.2025 година, а месечната закупнина изнесува 200.000 денари, пресметката за вкупен годишен промет за цели на регистрација за ДДВ е следна: Бруто приход за 6 месеци: 1.200.000 денари Месечен бруто приход: 1.200.000 / 6 месеци= 200.000 денари Вкупен годишен приход: 200.000 * 12 месеци= 2.400.000 денари Во овој случај даночниот обврзник има обврска да се регистрира за целите на ДДВ. Пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01), може да се достави и од даночните обврзници кои сакаат доброволно да се регистрираат за ДДВ. Пријавите за регистрација за ДДВ се доставуваат најдоцна до 15-ти јануари 2026 година, електронски на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices, лично во организациска единица на УЈП или по пошта. Истовремено укажуваме дека физичките лица – ДДВ обврзници, заради електронско потпишување и поднесување на ДДВ пријавите, треба да набават и дигитален сертификат на USB токен. Во однос на оние кои се регистрирани за ДДВ, а кои не оствариле промет над 2.000.000 денари во претходната календарска година и кај кои е истечен најмалку тригодишен период од регистрацијата за целите на ДДВ, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност. Исто така, и ДДВ обврзниците кои во секоја од двете претходни календарски години поднесувале даночни пријави со вкупен промет помал од 2.000.000 денари и кои во секоја од двете претходни календарски години не искажувале претходен данок за одбивање, можат да поднесат Пријава за отповикување на регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01Б).
Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б) се поднесува најдоцна до 15-ти јануари 2026 година по електронски пат на http://etax.ujp.gov.mk/eTaxServices , лично во најблиската организациска единица на УЈП или по пошта. Воедно, потсетуваме и дека Управата за јавни приходи може службено да изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ доколку утврди дека: •во претходната календарска година, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажан данок за извршен промет и без искажан претходен данок за одбивање; •во двете претходни календарски години, даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, со исклучок кога во истите периоди во даночните пријави искажува само промет ослободен од данок со право на одбивка или претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него; •даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности; •даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава за најмалку два даночни периоди кај месечните или тримесечните даночни обврзници; •кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување. За дополнителни информации, правните и физичките лица може да се обратат во Контакт Центарот на УЈП на: [email protected] или преку телефонските броеви: •Од фиксна линија: 0800 33 000 •Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Од полноќ поскап бензин
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,03% во однос на одлуката од 5.1.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,332%, кај дизелот има намалување за 0,317%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,391% и кај мазутот има намалување за 4,067%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7158%.
Од 13.1.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,133 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,668 ден/кг и сега ќе изнесува 32,133 ден/кг.
Фото: Depositphotos

