Македонија
(Видео) Ковачевски-Пленковиќ: Силна поддршка од Хрватска за членство на Македонија во ЕУ
Премиерите на Македонија и Хрватска Димитар Ковачевски и Андреј Пленковиќ одржаа тет-а-тет средба, на која разговараа за повеќе прашања од интерес на двете земји.
На средбата меѓу Ковачевски-Пленковиќ беше оценето дека взаемната соработка и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, со фокус на продлабочување и зајакнување и на економски план. Заеднички беше констатирано успешното градење на билатералните односи, како и тоа дека Македонија и Хрватска немаат отворени прашања. По тет а тет средбата, премиерите на двете земји, одржаа билатерална средба заедно со владините делегации.
На средбата, во состав на македонската делегација беа првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменикот на претседателот на Владата, за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, како и амбасадорот на Македонија во Хрватска, Милаим Фетаи.
Во состав на хрватската делегација, присуствуваа Давор Филиповиќ, министер за економија и одржлив развој во Владата на Република Хрватска, Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во хрватскиот Сабор, задолжена за албанското, босанското, црногорското, македонското и словенско малцинство во Република Хрватска, Стрибор Кикерец, директор на Директоратот за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Република Хрватска, како и Нивес Тигањ, амбасадорка на Република Хрватска во државава.

На билатералната средба заеднички беше констатирано дека Република Хрватска, е еден од нашите најсилни поддржувачи на патот кон евроинтеграциите, поддршка која никогаш не губи на интензитет, туку напротив, постојано се засилува. Двете страни ја истакнаа констатацијата за успешното градење на билатерални односи, како и тоа дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени, нерешени прашања.
Во насока на негување на долгогодишната соработка меѓу двете земји, досега се склучени дури 44 меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште петнаесетина.
За одличната билатерална соработка зборуваат и 15 твининг проекти, како и користење на хрватското искуство во пристапните преговори со ЕУ. Премиерот Ковачевски, на средбата истакна дека ќе продолжиме засилено да работиме во насока на продлабочување на односите со Хрватска, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добро соседството.
Беше изразена определбата на двете земји во следниот период да се работи на зајакнување на економската соработка. Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година изнесува 217 милиони евра и има потенцијал за зголемување на истата. Осврнувајќи се на хрватските инвестиции во земјава, премиерот Ковачевски констатираше дека најмногу се застапени во услужниот и прехрамбениот сектор,а додаде дека има простор за зајакнување на взаемната соработка во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежните компании и туризмот.
Беше констатирано значењето и понатамошното јакнење на економската соработка преку активностите на хрватско-македонскиот бизнис клуб во Загреб, чија основна цел е зголемување на трговската размена меѓу нашите земји.
Потенцирано е дека двете земји, како НАТО сојузници, цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите во регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

