Свет
Пресврт за убиството на рускиот блогер, се појави група што тврди дека го убила
Окружниот суд во Москва го одобри барањето на обвинителот за притвор на Дарија Трепова, која беше уапсена по експлозијата, во која во неделата загина воениот блогер Владлен Татарски. Трепова се товари за тероризам и нелегално тргување со експлозиви. Таа ќе остане во притвор до 2 јуни 2023 година, а рочиштето беше затворено за медиумите.
Според Обвинителството, Трепова во неделата попладне му ја предала статуетката полна со експлозив на Татарски во кафулето во Санкт Петербург. Откога таа му го врачила подарокот на блогерот, статуетката му експлодирала во рацете, при што Татарски загина, а 40 гости биле повредени. Истражниот комитет го квалификуваше како терористички напад тврдејќи дека бил планиран и организиран во Украина.
„Медуза“ известува дека организацијата, која себеси се нарекува Национална републиканска армија (НРА), ја презела одговорноста за убиството на Татарски. Претходно, таа ја презеде одговорноста и за убиството на Дарија Дугина, ќерката на соработникот на Путин, Александар Дугин.
„Организиравме и спроведовме акција на 2 април 2023 година против групата ‘З-активисти’ и лично против познатиот воен пропагандист, воениот злосторник Максим Фомин, познат како Владлен Татарски“, се вели во пораката објавена од НРА.
„Овој чин го подготвивме и го извршивме самостојно и немаме никаква поврзаност, ниту сме добиле помош од странски структури, а камоли од специјални служби“, соопштија од таму.
НРА исто така изјави дека нивната акција не била насочена против мирните цивили и оти сите жртви на нападот биле поддржувачи на руската војна против Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
По руските удари, Зеленски повторно бара повеќе противвоздушна одбрана
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, по руските воздушни удари и употребата на ракетата „Орешник“, повторно побара од западните земји да ѝ испорачаат на Украина повеќе средства за противвоздушна одбрана.
„Денешниот удар најсилно ги потсетува сите наши партнери дека поддршката за ПВО за Украина е постојан приоритет“, напиша тој на својот канал на Телеграм.
Во петокот Министерството за одбрана соопшти дека руските сили употребиле ракети „Орешник“ во рамки на масовен удар врз критични објекти во Украина, како одговор на нападот врз резиденцијата на Владимир Путин.
Медиумите известија за серија експлозии во Киев и Лавов. Според градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко, во градот има оштетувања на критичната инфраструктура. Во одделни делови се регистрирани и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Фото:Depositphotos
Европа
(Видео) Трагедија во Турција: куп снег падна од покрив и усмрти 21-годишна девојка, несреќата снимена од безбедносни камери
Невидена трагедија се случи во турскиот град Битлис, кога куп снег падна од покрив и уби девојка.
Трагедијата се случи во вторник, 6 јануари, кога снег од покривот падна врз 21-годишната Ајше Идер додека одеше по тротоарот, објавија турските медиуми.
Ајше Идер беше тешко повредена во инцидентот, а снегот се натрупа врз неа двапати, соборувајќи ја на земја. Минувачите веднаш истрчаа да ѝ помогнат, дури и ризикувајќи го сопствениот живот кога снегот падна на земја по трет пат.
📹Bitlis'in Tatvan ilçesinde çatıdan düşen kar ve buz kütlesinin altında kalan 21 yaşındaki Ayşe İder hayatını kaybetti https://t.co/Bcs5z4BaDF pic.twitter.com/4rqQ9yeEvi
— Habertürk (@Haberturk) January 6, 2026
Младата девојка, на која ѝ беше укажана прва помош од медицински екипи испратени на местото на настанот, а потоа однесена во државната болница Татван, не можеше да се спаси. И покрај сите напори им подлегна на повредите.
Инцидентот, кој беше снимен и од безбедносните камери, и смртта на младата девојка, која се подготвуваше за приемен испит на универзитет, предизвикаа голема тага во округот Татван. Телото на Ајше Идер, кое беше преземено од болницата наутро, беше погребано на гробиштата Кучукшу.
Свет
(Видео) Експлозив фрлен во близина на опозициска пратеничка во Хондурас
Опозициската политичарка од Хондурас, Гладис Аурора Лопез, е повредена кога во нејзина близина била фрлена експлозивна направа во Националниот конгрес во Тегусигалпа.
Според соопштението на Националната партија, експлозивот детонирал на само неколку сантиметри од Лопез, при што таа се здобила со повреди на грбот.
Видео до кое дојде „Ројтерс“ го прикажува моментот кога предметот бил фрлен додека Лопез се приближувала за да разговара со претставници на медиумите, по што дошло до експлозија.
Инцидентот се случил во период на политичка недоверба по изборите, на кои центристичкиот кандидат Салвадор Насраља поднел жалба до Изборниот правосуден трибунал, барајќи повторно пребројување на гласовите во повеќе департмани, откако изборното тело го прогласило кандидатот на Националната партија, Насри Асфура, за победник, со разлика помала од еден процент од гласовите.
Двајцата настојувале да ја соборат од власт левичарската партија Либре на претседателката Ксиомара Кастро, чија кандидатка Рикси Монкада на изборите завршила на третото место.
Фото: pexels

