Македонија
Џафери-Пленковиќ: Да не се губи време на патот кон ЕУ, моделот мора државата сама да го најде
Претседателот на Собранието Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој престојува во официјална посета на државата. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска, Благица Ласовска, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова. Во придружба на хрватскиот премиер беа и Давор Филиповиќ, министер за економија и Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во хрватскиот Сабор, надлежна за малцинствата во Хрватска.
Џафери упати голема благодарност за континуираната и силна поддршка што Република Хрватска ја дава на европската перспектива на Северна Македонија. Истакна дека минатиот јули ја одржавме првата меѓу-владина конференција со што го отворивме процесот на пристапување и го прифативме францускиот предлог, односно прифативме влегување и на други етнички заедници во Уставот, со цел да ги отвориме преговорите по кластери, според новата методологија. Нагласи дека процесот не е лесен и, иако одлуките се носат во интерес на граѓаните, во јавноста се поставува дилемата дали е тоа последниот услов. Понатаму, информираше за учеството на државата во соработката на регионално ниво, како Берлинскиот процес, Иницијативата Отворен Балкан, а се осврна и на нашето претстојно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа и активностите кои ќе бидат организирани во Собранието. Џафери нагласи и дека Северна Македонија се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина и постигна целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Информираше и за формирањето на Интер-партиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа во Собранието на Република Северна Македонија. Во однос на претседавањето со ОБСЕ, изрази уверување дека како претседавачи ќе успееме да ги исполниме очекувањата.
Пленковиќ, изрази благодарност за приемот во Собранието и за можноста да се обрати пред пратениците. Билатералните односи ги оцени како срдечни и пријателски, нагласи дека двете земји имаат партнерски однос во НАТО и се соседи во поширока смисла. Потсети дека Северна Македонија пред Хрватска го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија и упати порака, како претставник на држава која го поминала патот, покрај сите оправдани дилеми, да се направат напори да се постигне политички договор за државата да напредува на европскиот пат и да не се губи повеќе време. Моделот, како што нагласи Пленковиќ, мора државата сама да го најде. Понуди сесрдна поддршка за постигнување на целта на државата до 2030 година да стане членка на Европската унија.
Во разговорот се вклучи и Ермина Лекај Прљаскај, пратеничка во хрватскиот Сабор, надлежна за малцинствата во Хрватска, која информираше дека постојат 5 национални малцинства во Саборот, а соработката со Македонците во Хрватска ја оцени како многу успешна. Благица Ласовска, претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Хрватска, ја пофали соработката со Амбасадата на Република Хрватска во Северна Македонија и изрази надеж дека двете држави ќе бидат заедно во Европската унија, но, како што нагласи, не на штета на македонскиот народ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

