Македонија
Грковска: Институциите и носителите на функции не смеат да ги игнорираат наодите за корупција
„Антикорупциската борба е систем на сврзани садови и кога клучните елементи во тој систем целосно затајуваат, последиците ги чувствуваме сите. Четирите проценти доверба во судството се доволни да ја опишат оваа состојба, но и да покажат дека само со темелни промени во оваа гранка на власта и елиминирање на неказнивоста, вистински ќе функционираат и ќе дадат резултат сите други механизми.
И само така може да ја менуваме целокупната култура, менталитетот и односот на секој поединец кон корупцијата, која го разјадува општеството, го блокира развојот и ни ја краде иднината и перспективите“, истакна Заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска на денешната конференција на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Нагласувајќи ја важноста на проактивниот однос на сите институции кога станува збор за спречување на корупцијата, Грковска посочи дека институциите и носителите на функција не смеат да ги игнорираат наодите од кој било релевантен извештај.
„Унапредувањето на свеста за потребата од интегритет и професионално, одговорно и ефикасно работење кај носителите на јавни функции и јавните службеници е суштинско за менување на политичката култура, која, мора да си признаеме е недоволно развиена“, изјави Грковска.
Во своето обраќање, таа се осврна на тековните активностите предводени од нејзиниот Кабинет во насока на јакнење на антикорупциските практики и механизми во извршната власт.
Меѓу нив се напорите да се обезбеди трајно системско решение за задолжителни обуки за интегритет и антикорупција, стимулирање на проактивната транспарентност на институциите, подобрување на правната и регулаторната рамка за јавните набавки, подготовка на закон со кој ќе се дозволи конфискација на имот за кој судот одлучил дека не може да се докаже дека е стекнат од законски извори и измени на прописите со кои се уредува функцијата в.д. директор за да се ограничи злоупотребувањето на позицијата.
Грковска, исто така, нагласи дека подобрувањето на пристапот до услугите за граѓаните и елиминирањето на корупциските ризици се во основата и на Концептот за дигитална трансформација на општеството, чија имплементација се
подготвува периодов.
Годишната конференција на ДКСК за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 претставува осврт на активностите, предизвиците и пречките со кои што се соочуваат институциите при нејзината имплементација и со тоа сигнализира какви измени се потребни вo поглед на самата Стратегија и на регулативите за намалување на корупциските ризици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

