Економија
Ангеловска-Бежоска на регионалниот состанок на гувернерите: Стабилноста на девизниот курс – сидро на ценовната и финансиската стабилност

„Стабилноста на курсот на денарот и во текот на последната криза се покажа како сидро на стабилноста во домашната економија. Стратегијата на фиксен девизен курс спречи поголеми инфлациски притисоци, а придонесува и кон одржување на финансиската стабилност со оглед на релативно високата евроизација во кредитното портфолио на банкарскиот систем“. Ова беа дел од пораките на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на тркалезната маса на гувернери, во рамките на регионалниот состанок на гувернерите, што се одржува во Опатија, Хрватска.
На тркалезната маса на гувернерите на тема „Фатени во виорот: монетарните политики и малите отворени економии во услови на висока инфлација 2.0“, покрај гувернерката на Народната банка, учествуваа Борис Вујчиќ, гувернер на централната банка на Хрватска, Боштјан Васле, гувернер на централната банка на Словенија, Сенад Софтиќ, гувернер на централната банка на БиХ, Радоје Жугиќ, гувернер на централната банка на Црна Гора, како и универзитетскиот професор Саша Дрезгиќ, декан на Економскиот факултет во Риека. Гувернерите врз основа на своите искуства зборуваа за монетарните политики во услови на инфлациски раст, како и за просторот за дејствување на централните банки на помалите отворени економии во услови на глобални инфлациски шокови. По излагањата на панел-дискусијата, гувернерите одговараа и на прашања од студентите што присуствуваа на настанот.
Во контекст на одржувањето на фиксниот девизен курс на денарот, а со тоа и макроекономската и финансиска стабилност во земјата, гувернерката посочи на соодветното ниво на девизните резерви, кои според последните податоци изнесуваат 4,2 милијарди евра. Ова е историски високо ниво и е клучен показател на капацитетот за успешно спроведување на монетарната стратегија. Таа посочи и дека од почетокот на енергетската криза, поради високите увозни притисоци, за одржување на стабилноста, Народната банка интервенира на девизниот пазар со што овозможи задоволување на повисоката побарувачка на девизна ликвидност. Веќе од јули минатата година на девизниот пазар дојде до значително стабилизирање, а Народната банка интервенира со откуп на девизи, што заедно со надворешното финансирање обезбеди дополнителна поддршка на девизните резерви.
За годинава се очекува намалување на трговскиот дефицит при постепено стабилизирање на берзанските цени (особено на енергентите), што ќе придонесе за помали притисоци врз увозот, но и при поповолна конјунктура за дел од извозниот сектор. Ова, заедно со дополнителните текови преку финансиската сметка, и натаму би ги јакнело девизните резерви како основа за одржување на стабилноста на девизниот курс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалуваат цените на дизелот и на бензините

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,06 % во однос на одлуката од 4.8.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,391%, кај дизелот за 3,169%, кај екстра лесното масло за 3,989% и кај мазутот намалувањето е за 0,667%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,0797%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,159 ден/кг и сега ќе изнесува 39,786 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 12.8.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Мицкоски: Опозицијата се служи со лаги, земјоделските производи се откупуваат

„Исплатата на субвенциите кај земјоделците е навистина за мене би рекол изненадувачки позитивна, бидејќи изминатата недела веќе се исплатија околу 400 милиони денари за околу 7 илјади земјоделци и ценам дека на тој начин ќе продолжиме и понатаму да ја придвижуваме економијата и земјоделската активност“, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на обвинувањата од страна на опозицијата Мицкоски посочи дека тие се служат со лаги, мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но како што рече земјоделците да бидат спокојни бидејќи имаат Влада која работи во нивен интерес.
„Ги следам пораките од опозицијата коишто се обидуваат повторно со конструкции, лаги, да напаѓаат. Јас би сакал да кажам следно: фактите се сосема поинакви. А, кои се фактите; оваа Влада беше избрана пред нецели 14 месеци, имавме во национални шуми и во А.д. Водостопанство неисплатени плати повеќе од 3 месеци, тоа се заврши и се исплатија тие плати и до ден денес се исплаќаат редовно.
Имавме неисплатени субвенции од 2021 година, сега се завршува со исплатата на субвенциите за 2024 и се отпочнува со тековните од 2025 година. Во делот на тутунот-договорите коишто беа потпишани на 375 денари по килограм и 80 денари субвенција откако беше избрана оваа Влада, со нови преговори со откупувачите се качија од 375 на 400 денари и субвенцијата од 80 на 100 денари со што се постигнаа рекордни 500 денари по килограм продаден тутун, а реколтата од 17, 18 милиони килограми порасна на 22, 23 милиони килограми, затоа што донесовме закон во којшто кажавме сè додека и последниот лист македонски тутун не биде откупен нема да се увезува друг тутун.
Рано-градинарските продукти, дали е тоа зелката пролетна, доматите, краставицата, лукот, кромидот, пиперките итн. забележуваат рекордна откупна цена. Затоа што ние како Влада и Министерството не се договараме со откупците околу цената, како некој што го правеа тоа во минатото да профитира на маката на земјоделците и секаде се бележат рекордни цени. И кај мелничарите, и кај производителите на пченица, кај грозјето исто така. Оваа година имаме и род 25% повеќе, затоа што навремено работеа системите за водоснабдување коишто минатата година не работеа; ако минатата година беше 70, 75 милиони килограми, сега ќе биде над 100.
И тоа сè се факти. А тоа што го гледаме од страна на опозицијата е само обид да се конструира нешто и мал обид за политикантство; тие си имаат своја агенда, а ние треба да работиме во интерес на граѓаните. Тие ќе лажат, нема да ја говорат вистината мислејќи дека на тој начин ќе добијат некој политички поен, но граѓаните нека бидат спокојни имаат Влада којашто води сметка за се“, истакна тој.“
Економија
9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Стоковите резерви на пченица се полнат со македонска пченица, откупена директно од македонските земјоделци. Државните резерви, со своите вредни и неуморни раце, ги полнат македонските земјоделци“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
„Со одлука на Владата, 9.000 тони македонска пченица ќе се откупат за потребите на стоковите државни резерви.
Тоа ја покажува и потврдува вистинската грижа и посветеноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за интересот на државата и земјоделците.
Наместо да се купува увозна, која како држава скапо ја преплаќавме, како што беше случај во време на власт на СДС и министер Љупчо Николовски, сега државните стокови резерви ги полни пченицата од македонските земјоделци.
За време на владеење на СДС, стоковите резерви се полнеа со пченица купена од странство за 25% поскапа од берзанска, односно 27 денари по килограм, што беше за шест денари поскапо.
А профитот, односно ќарот 100% од ваквите зделки, завршуваше кај посредниците, а сега целата добивка завршува директно кај македонскиот земјоделец.
Тоа време заврши. Сега никој не заработува на грбот на другите, посебно на трудот на земјоделецот и на штета на државата“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.