Македонија
Пендаровски: Платите да останат исти, не можеме во ситуација кога замрзнуваме цени, ние да си ги зголемуваме платите

Коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, со која се овозможува зголемување на платите на функционерите, шефот на државата, Стево Пендаровски, истакна дека Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност платите на функционерите од него, па сè до локалната самоуправа, да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти, со измена на основица.
„Мојот став го знаете. Мене ми е криво што повеќе носители на функции не го делат овој мој став. Тука има две работи. Прво, одлуката на Уставниот суд мора да се почитува затоа што непочитувањето на одлуката на Уставниот суд е кривично дело. Меѓутоа, повикав и во мојата прва изјава на оваа тема. Владата мора да направи сè што е во нејзина моќ и надлежност, а има надлежност, платите на функционерите, од мене па сè до локалната самоуправа, да останат на ова ниво на кое се сега, со измена на коефициенти, со измена на основица, поинаку не можеме да излеземе пред граѓаните и да им кажеме дека во оваа тешка ситуација кога замрзнуваме цени на основни продукти, ние си ги зголемуваме платите“, потенцира Пендаровски.
Уставниот суд неодамна овозможи зголемување на платите на државните функционери за 78 отсто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова-Саид Ал-Хајарин: Единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Рашид бин Саид Ал-Хајарин, вршител на должност во aмбасадата на државата Катар во Скопје.
На средбата беа разменети мислења за севкупниот развој на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова изрази подготвеност и отвореност за нивно зајакнување и унапредување. Според неа, единството на малите и средни држави може да биде важен фактор во обликувањето на глобалната политика.
Одбележувањето на три децении дипломатски односи следната година, според претседателката, е добра можност за интензивирање на контактите на највисоко политичко ниво, со очекувано позитивно влијание врз развојот на односите во енергетиката, градежништвото, земјоделството, образованието, културата, науката и туризмот.
Сиљановска-Давкова го истакна интересот за унапредување на економската и трговската соработка и ја посочи отвореноста за директни инвестиции од Катар. Таа изрази очекување за наше вклучување во проектот за извоз на природен гас од Катар, како и за повторно воспоставување на директна авионска линија Скопје-Доха.
Соговорниците разменија мислења и за состојбите на Блискиот Исток, при што се истакна важната улога којашто Катар ја има во напорите за обезбедување мир и стабилност во регионот.
На претседателката Сиљановска-Давкова и беше врачена покана од неговото височество шеик Тамим Бин Хамад Ал-Тани, емир на Државата Катар, за учество на Вториот светски самит за социјален развој што ќе се одржи во Доха во ноември, клучна платформа за глобален дијалог и соработка за општествен напредок во време на растечки нееднаквости, демографски промени и брза технолошка трансформација.
Македонија
До 15 септември сите службени возила ќе имаат таблици во боја

Сите државни институции и јавни правни лица имаат обврска најдоцна до 15 септември 2025 година да ги заменат регистарските таблици на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Оваа одлука е донесена на денешната владина седница, по иницијатива на директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски.
Од СОЗР појаснуваат дека целта на оваа мерка е зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила.
Обележувањето на возилата ќе овозможи граѓаните лесно да ги разликуваат од приватните, со што ќе се спречи нивна злоупотреба за лични, приватни или партиски цели.
Во наредниот период ќе биде отворена и телефонска линија на која граѓаните ќе можат да пријавуваат неправилна употреба на службените автомобили. Секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури.
Во завршна фаза е и изготвувањето на централен регистар за сите службени возила, кој ќе обезбеди дополнителна контрола и увид во нивното користење.
Македонија
Со 71 глас „за“, изгласана интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Собранието денес ја изгласа интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од партијата „Левица“. Со 71 глас „за“, без воздржани и без гласови против, Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
Партијата Левица ја поднесе интерпелацијата минатиот месец поради селективност во истрагата за пожарот во Кочани, политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Пред почетокот на седницата, на прес-конференција, пратеникот од СДСМ, Јован Митрески кажа дека партијата нема да учествува во гласањето оти интерпелацијата за јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, нема правни последици туку дека е негова одлука дали ќе остане на функцијата. Митрески нагласи дека како пратеничката група на СДСМ и Коалицијата останува на принципиелниот став дека јавното обвинителство мора да биде независно, ослободено од политичко влијание и притисок и сите одлуки мора да се по словото на законот и никако поинакви.