Спорт
Маса на суд ќе ја бара титулата на Хамилтон од 2008 година
Фелипе Маса, поранешниот возач на ферари, на суд ќе ја бара титулата која во 2008 година ја освои Луис Хамилтон, тогаш возач на мекларен.
По интервјуто со поранешниот шеф на Ф1, Берни Еклстоун, во кое тој призна дека трката во која Британецот профитирал и освоил клучни поени требало да биде откажана, Фелипе Маса, 15 години подоцна најави тужба.
Во 2008 година, Хамилтон ја освои првата од седумте шампионски титули во една од најнеизвесните и најконтроверзните сезони во историјата. На крајот имаше само еден поен повеќе од Маса, откако на последната трка во сезоната во последниот свиок го престигна Тимо Глок. Маса сега тврди дека Хамилтон немаше да биде во таква позиција на последната трка доколку не се случеше инцидент во Сингапур, во режија на тимот на Рено.

Премиерната трка за Големата награда на Сингапур остана запаметена по аферата „Крашгејт“, односно намерна несреќа предизвикана од Нелсон Пике јуниор, со цел да му помогне на тимскиот колега Фернандо Алонсо да победи.
Пике јуниор добил инструкции од шефот на тимот Флавио Бријаторе. Поради судирот безбедносното возило излезе на патеката, а Ферари погреши во тактиката на боксот, па по менувањето на гумите Маса од првата падна на 13. позиција и остана без бодови, додека Хамилтон заврши на третото место.
Таму Британецот изгради разлика од шест поени што се покажа како клучна, но не требаше да биде затоа што трката требаше да биде откажана, како што Еклстоун потврди во интервју за Ф1 Инсајдер. Пике подоцна призна дека му било наложено од тимот да излета за да ја намести трката и да му овозможи на Алонсо да победи.
Пике тоа го откри дури следната година, а Еклстоун вели дека тој и претседателот на ФИА, Макс Мозли знаеле за тоа претходно, но одлучиле да не прават ништо.
„Мозли и јас бевме информирани во текот на сезоната за тоа што се случи во Сингапур. Пике јуниор му кажал на својот татко дека тимот побарал од него да удри во ѕидот за безбедносното возило да излезе на патеката и на тој начин да му помогне на Алонсо.
Решивме да не правиме ништо затоа што сакавме да го заштитиме нашиот спорт од голем скандал, па го убедив таткото на Пике да молчи до понатамошно известување. Тогаш важеше правилот дека конечниот поредок останува непроменет по доделувањето на наградите. Така Хамилтон го доби трофејот и се беше во ред.
Немаме доволно информации за да започнеме истрага. Според статутот на ФИА, под такви услови требаше да ја откажеме трката во Сингапур. Тоа значи дека таа не требаше да се смета за генерален пласман, односно светски шампион ќе станеше Фелипе Маса, а не Луис Хамилтон“, изјави Еклстоун.
Откако го слушнал ова, Маса решил да ги истражи сите правни опции за да се бори за правда 15 години подоцна, бидејќи тогаш адвокатите го увериле дека ништо не може да се смени откако ќе биде прогласен победникот.
„Многу е тажно да се дознае дека трката требаше да биде откажана и дека јас ќе станев шампион. На крајот, јас бев тој кој загуби најмногу со тој резултат“, изјави Маса за „Аутоспорт“, иако признава дека и самиот не верува дека нешто може да се промени.
„Правдата е важна. Мислам дека ако сте казнети за нешто што не е ваша вина, ако тоа е последица на грабеж, украдена трка, правдата мора да биде задоволена. Единствената правилна одлука беше да се откаже таа трка“, изјави Маса.

Во 2008 година, Маса беше најблиску до шампионската титула во Формула 1. Хамилтон по 2008 година, освои уште шест титули помеѓу 2014 и 2020 година и се изедначи со Михаел Шумахер како најтрофеен возач во Ф1 историјата. Ако по некое чудо тужбата на Маса помине, Шумахер повторно ќе биде сам на врвот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тер Штеген во Џирона до крајот на сезоната
Голманот на Барселона и германски репрезентативец, Марк-Андре Тер Штеген, ќе игра на позајмица во Џирона до 30 јуни оваа година, објавија двата шпански клуба.
Според договорот што го постигнаа клубовите, Барселона ќе исплаќа околу 90 отсто од платата на тер Штеген.
Тер Штеген (33) пристигна во Барселона во 2014 година од Борусија Менхенгладбах, а оваа сезона одигра само еден натпревар за тимот од „Ноу Камп“.
Тер Штеген денес го имаше својот прв тренинг со својот нов клуб. Тој бранеше за германската репрезентација на 44 натпревари.
Foto/ depositphotos
Спорт
Конте: Не сме на нивото на Лигата на шампионите
Тренерот на Наполи, Антонио Конте, изјави дека е разочаран од нерешениот резултат против Копенхаген во седмото коло од Лигата на шампионите, објавија денес италијанските медиуми.
Фудбалерите на Копенхаген и Наполи играа вчера во Данска без победник, 1:1. Копенхаген од 35-та минута играше со фудбалер помалку, бидејќи црвен картон доби искусниот Томас Дилејни.
„Ме боли и мора да ги боли моите играчи. Мора да бидеме лути, мора да бидеме разочарани. Имавме во вистински услови за победа и пласман во плејофот. Можеме да имаме илјада изговори, но тие не вредат, бидејќи натпреварот одеше толку добро во тие околности, што мораше да победиме“, рече Конте.
Наполи моментално е на 23-то место на табелата на ЛШ со осум бода.
„Четврти натпревар по ред покажавме дека се мачиме. Имавме целосна контрола, со 11 играчи против 10, па дури и ако ви недостасуваат 10 играчи и се чувствувате уморни, мора да победувате во вакви натпревари. Едноставно – мора. Постои разочарување, бидејќи не успеавме, па затоа е очигледно дека нашето ниво не е соодветно за ова натпреварување во моментов. Имаме само осум бода во Лигата на шампионите, сите мора да ја прифатиме вината. Во оваа ситуација, мора да победите“, нагласи Конте.
Фудбалерите на Наполи ќе го пречекаат Челзи во последното, осмо коло од Лигата на шампионите.
Foto/ depositphotos
Спорт
Барселона му нуди нов договор на Левандовски
Барселона е подготвена да го задржи Роберт Левандовски уште една година.
Неколку каталонски медиуми денес открија дека Барселона одлучила да му го продолжи договорот на Левандовски.
Понудата содржи и неколку услови, Левандовски треба да прифати да биде втора опција во нападот, што значи помалку минути на теренот и да се согласи на намалување на платата од најмалку 50 отсто.
Левандовски во моментов иам најголема плата во тимот, па според неговата улога во новата сезона, клубот очекува тој да се согласи на значително намалување на платата.
Според претходните најави, токму ова го сакаше Левандовски, бидејќи ужива во Барселона со своето семејство и со задоволство би останал на „Камп Ноу“ до крајот на кариерата.
Левандовски пристигна во Барселона во летото 2022 година за 45.000.000 евра од Баерн Минхен. Освои две титули во Ла Лига, Купот на Кралот и два Суперкупа.
Foot/ depositphotos

