Македонија
Лекарската комора: Здравствените работници се најважниот капитал на здравствениот систем
Лекарите и другите здравствени работници се најважниот капитал на здравствениот систем што треба да се почитува, заштити, поддржи и навремено да се надополнува за системот да биде во кондиција, да испорачува квалитетна здравствена заштита, истакнува Лекарската комора по повод одбележувањето на 7 Април, Светскиот ден на здравјето, велат од Лекарската комора.
Пандемијата предизвикана од Ковид-19, според нив, покажа дека заштитата на здравјето е од фундаментално значење за одржување на сите други системи во едно општество поради што треба да се инвестира во сите негови сегменти, особено во здравствените работници, кои се сржта на тој систем. Лекарите како основни носители на здравствената дејност очекуваат трудот што го вложуваат да биде соодветно валоризиран, да имаат можности за професионален раст и развој и да се чувствуваат безбедно на работните места.
Лекарската комора како стручно здружение води регистар на издадени, продолжени и обновени лиценци за работа, според кој има 9.520 активни докторки лиценци. Лиценците се издаваат со период на важење од 7 години по што се обновуваат во согласност со законските услови. Минатата година 435 доктори на медицина положиле стручен испит и првпат стекнале лиценца за работа. Трендот на миграција на лекарите е присутен, но кај нас поголем проблем е што имаме концентрација на голем број лекари во Скопје. Доколку се изнајдат механизми за редистрибуција на постојниот кадар, значително би се подобрила достапноста на медицинските услуги на целата територија во државата. Сериозен притисок за наредниот период прави и старосната структура на лекарите што сега работат, особено во одредени сегменти на здравствениот систем.
За да ги задржиме лекарите во нашата земја, особено е важно и да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство. На младите лекари неопходно е да им создадеме услови за вработување веднаш по завршување на образованието, кои ќе им гарантираат пристојни приходи, но и олеснување на условите за специјализација, за што се направија некои позитивни промени, но процесот сè уште не е завршен. Реформите во примарното здравство исто така очекуваме да имаат позитивен импакт на ова прашање.
Комората истакнува и дека од голема важност за здравјето на пациентите, работењето на лекарите и за функционирање на системот воопшто е да престане јавениот линч и осуда на лекарите и здравствените работници, без да се има аргументи за тоа. Лекарите посветено ги извршуваат своите работни обврски и максимално се залагаат да дадат квалитетна здравствена заштита во согласност со расположливите услови за работа и искрено се борат за животот на секој пациент. Загубата на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине. Треба да се има предвид и дека медицинските состојби во одредени случаи знаат да бидат многу комплицирани, болестите да не се прикажат со типични симптоми, а одговорот што го дава третманот да не биде како што се очекува.
За да се одговори на овие предизвици, Лекарската комора го поддржува повикот на Светската здравствена организација за преземање итна акција за регулирање на прашањето со здравствените работници и поставување на овој проблем како стратешки приоритет. Според процените на СЗО, до 2030 година се очекува да има недостиг на 10 милиони здравствени работници во светот, а овој проблем особено ќе биде изразен во земјите во развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Објавена петиција за забрана на социјални мрежи за деца до 12 години во Македонија
Граѓанската иницијатива „Иницијатива за безбедно детство“ објави петиција со која се бара воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија.
„Ние сме група загрижени и општествено одговорни родители, наставници, стручни лица и граѓани што започнуваме петиција со која бараме воведување забрана за употреба на социјални мрежи за деца до 12 години и регулација на пристапот за малолетници до 16 години во Македонија. Под името „Иницијатива за безбедно детство“, ова граѓанско движење има за цел да поттикне законски измени и системска регулација во нашата држава, што ќе ја заштитат дигиталната безбедност, менталното здравје и приватноста на најмладите“, велат од иницијативата.
Од таму велат дека штетата веќе се случува пред нашите очи.
„Сите сведочиме на негативните ефекти, од нарушено ментално здравје, онлајн врсничко насилство, самоповредување, опасни „предизвици“, намалена концентрација и изобличена перцепција за вредности и успех. Во услови на недоволна законска регулација и слаб надзор, тие остануваат изложени на ризици кои државата има обврска да ги превенира. Австралија, Франција, Шпанија, Шведска, Данска, Словенија итн. се охрабрија кон првиот и најважен чекор: забрана за употреба на социјални мрежи за деца и регулација на употребата од страна на адолесцентите. Обединетите нации препорачуваат да се подигне возрасната граница за дозволена употреба на социјални медиуми, а Европскиот парламент усвои препорака со која се предлага минимална возраст од 16 години за неограничен пристап до социјалните мрежи во ЕУ“, велат од граѓанската иницијатива.
Тие со петицијата бараат заштита на децата преку иницирање законска и практична рамка:
● Воведување забрана за употреба на социјални мрежи до 12-годишна возраст и регулација за деца до 16 години при регистрирање и самостојна употреба на социјални мрежи и платформи за кратки видеа, преку задолжителна верификација или целосна забрана доколку не се прифатат и имплементираат пропишаните стандарди.
● Обврска за социјалните медиуми и апликациите да обезбедат технички и правни механизми за родителска согласност/сертификат од родител или старател и спречување или ограничување пристап за деца под 12 години.
● Ограничување на алгоритамско таргетирање и автоматско препорачување креативни и вирусни содржини за профили идентификувани како детски.
● Обврска за посебна заштита и обработка на детските податоци согласно национални стандарди, со засилени безбедносни мерки.
● Јасно дефинирани санкции и механизми за брзо отстранување на штетна и опасна содржина.
● Национална програма за дигитална писменост и поддршка на менталното здравје на учениците и нивните семејства.
Линк до петицијата: https://c.org/g5MnSHrB8Y
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.

