Свет
Сторми Даниелс: Добивам смртни закани, се плашам сама да одам во тоалет
Порноѕвездата Сторми Даниелс откри дека добивала смртни закани од приврзаниците на МАГА (слоганот на Трамп – „Да ја направиме Америка повторно голема“), кои ги спореди со бомбаши самоубијци бидејќи на нивниот лидер Доналд Трамп му се суди за тоа што ѝ дал пари за да молчи за нивната наводна врска во пресрет на изборите во 2016 година.
Даниелс во интервју за „Фокс“ вели дека заканите станале уште пострашни бидејќи Трамп може да се соочи со затворска казна доколку судот на Менхетн го прогласи за виновен.
„Тие (приврзаниците) суштински чувствуваат дека прават нешто добро. Дека се патриоти. И сега тоа го прават во стил на бомбаш самоубиец. Тие, искрено, во длабочините на душата веруваат дека прават нешто добро“, рече Сторми.
Таа додаде дека и претходно добивала закани поради нејзината работа во порноиндустријата, но заканите драстично се зголемиле по веста дека добила 130.000 долари од соработниците на Трамп за да молчи, која излезе во јавноста во 2018 година.
Даниелс тврди дека имала афера со Трамп во 2006 година, што поранешниот претседател категорично го негира.
„На почетокот ми рекоа дека сум лажга и други навреди“, рече таа за заканите во 2018 година, како и дека на почетокот една од 100 закани била смртна, а сега една од 10.
На прашањето дали заканите имаат влијание врз нејзиниот секојдневен живот, таа рече дека ја изгубила независноста и дека заканите добиле замав и дека се плаши сама да оди во тоалет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје и дека нема средства во светот кои би можеле да го пресретнат.
Тој најави масовно производство на ова оружје, нагласувајќи дека овој нов систем стана уште еден гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на Русија.
„Во денешниот свет нема одговор за таков проектил, ниту средства за нејзино пресретнување. И уште еднаш ќе нагласам дека ќе продолжиме да го тестираме овој најнов систем“, рече Путин.
Тој на состанокот во Кремљ изјави дека ракетниот систем „Орешник“ ќе биде пуштен во употреба со стратешките ракетни сили на Русија и дека е донесена одлука за масовно производство на овој систем.
„Со оглед на посебната сила на ова оружје, неговата моќ, тоа ќе биде ставено во служба на стратешките ракетни сили“, рече Путин.
Тој истакна и дека е донесена одлука за масовно производство на системот „Орешник“, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека ракетниот систем „Орешник“ кога масовно се користи „против непријателски цели“ има значење на стратешко оружје и е создаден во согласност со најновите технички достигнувања.
„Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје. Безбедноста на Русија е обезбедена“, нагласи тој.
Врховниот командант на руските стратешки ракетни сили Сергеј Каракаев исто така предупреди дека „Орешник“ има способност да погодува цели во Европа.
„Врз основа на поставените задачи и дострелот на ова оружје, тоа може да погоди цели низ Европа, што го разликува од другите видови прецизно оружје со долг дострел“, рече Каракајев.
Путин на состанокот во Кремљ им честитал на раководството на Министерството за одбрана и на конструкторите за успешното тестирање на ракетите „Орешник“.
Регион
(Видео) Излизгани возила, застој на автопатиштата, сообраќаен колапс поради снежна бура во Србија
Попладнево во Србија падна снег кој зад себе остави колапс во сообраќајот и предизвика дефекти во електричната мрежа.
Дождот и силните налети на ветерот се претворија во снег во Белград, каде снегот паѓаше со поголем интензитет, што дополнително ја усложни состојбата во сообраќајот и предизвика тотален колапс, пренесуваат тамошните медиуми.
Поради снежни наноси застој има на автопатот од Ниш кон Белград, на делот од патот од Алексинац кон Ражње.
Сообраќајот се одвива отежнато и на автопатот Ниш-Димитровград кај тунелот Банчарево, поради снежни наноси и сообраќајна несреќа во која учествувале патник и товарно возило, стои во написите.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ ја информира јавноста дека при денешните обилни врнежи од снег на речиси целата територија на Србија, во повеќе случаи товарни возила се излизгале и на тој начин биле блокирани повеќе патни правци, поради што сообраќајот бил во прекин и на автопатот и и на патиштата со низок степен, поради некористење зимски гуми и опрема од страна на неодговорни возачи на тешки моторни возила – шлепери.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира особено до возачите на тешки моторни возила и сите други учесници во сообраќајот да не излегуваат на пат без задолжителна зимска опрема, да користат синџири, особено во ридско-планинските предели, да ги почитуваат ограничувањата на брзината, сообраќајните сигнали и да ја приспособат својата брзина на условите на патот.
На целата територија на Република Србија, механизацијата е достапна на терен 24 часа, а екипите на патиштата се во готовност и подготвени да интервенираат за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот, пишуваат српските медиуми.
Свет
Писмо со сомнителен прав доставено до кабинетот на белгискиот премиер Де Кроа
Писмо во кое имало прашок од сомнителен состав утрово е доставено до кабинетот на белгискиот премиер Александар де Кроа, пренесоа белгиските медиуми.
Инцидентот го потврдија од Бриселската противпожарна бригада, кои соопштија дека едно лице кое дошло во контакт со писмото, превентивно било пренесено во болница.
На местото на настанот, покрај противпожарната бригада, се испратени и полиција и цивилна заштита, кои го однеле писмото на дополнителна анализа, пишува „Brasels tajms “.
Според извештаите, ова е трет пат оваа недела во Брисел да се најде писмо со сомнителен прав.
Во средата наутро сличен инцидент се случил во канцеларијата на Службата за државна безбедност, а уште еден сомнителен плик бил откриен во средата попладне во полицијата.
Во инцидентите немало последици од контаминација, а засега не се знае дали овие три случаи се поврзани, пренесува Танјуг.