Економија
Гурманска дилема: чаша просеко и џелато пред Фонтана ди Треви или парче маргарита и вино во семејна траторија во Неапол?

Знаменитости, историски места, пријатни медитерански плажи, богато културно наследство и можеби најсовршената медитеранска клима – сето тоа ја прави Италија исклучително атрактивна дестинација за истражување.
Воопшто не е важно зошто имате желба да ја посетите. Едно е сигурно – Италија е рај за гурманите. Италијанскиот гастрономски свет е богат со традиционална храна и пијалаци, па токму затоа италијанската кујна низ историјата била прославена од поети, патници, книжевни класици, уметници, државници. Доколку сме искрени, богатите ароми дефинитивно ја поседуваат моќта да го „разбудат“ апетитот.
Италијанците можат и дење и ноќе да зборуваат за особеностите на убавината на националните семејни специјалитети и нивната подготовка. Прашањето: „Што имавте за појадок, ручек или вечера денес?“ e познато и сосема очекувано, како и прашањето: „Како си?“
Накратко, доколку сакате да бидете среќни и добро најадени, Италија е гурманскиот рај кој ви е потребен.
Невозможно е да се замисли Италија без вино за одлична вечер, без просеко и аперитив за супер ден, без еспресо за полна доза енергично утро. Оваа земја е позната по своите одлични вина и ликери, чиј вкус како национален симбол носи стабилен имиџ и статус на висококвалитетни алкохолни пијалаци. Секој национален италијански пијалак е доволен да ги освои симпатиите еднаш, но засекогаш. А, да се појави дури и најпребирливиот дегустатор на вино и кафе со сигурност ќе се согласи со една позната мисла на авторот Ентони Капела во книгата „Храната на љубовта“, која гласи Anni, amori e bicchieri di vino, nun se contano mai, односно „Години, љубовници и чаши вино – овие работи не смеат да се бројат“.
А, храната? Храната во Италија е издигната на ниво на култ во буквална смисла на зборот. Од нивните најпознати тестенини, до оригиналниот вкус на она што значи да се дегустира автентична италијанска пица, која не е само типично национално јадење, туку и симбол на земјата.
Најголемата гурманска дилема во Италија е следната: Дали да се зачини денот со чаша просеко пред Фонтана ди Треви или, пак, со парче пица маргарита од стереотипниот Неапол, местото каде е и измислен рецептот за оваа пица во 1889 година? Речиси и не постои човек кој барем еднаш во животот не би сакал да ужива во богатите вкусови на традиционалните јадења на земјата на виното и страсната љубов.
И, каков е заклучокот? Италија е земја која е буквално еден од најдобрите примери на Медитеранот за тоа како најмногу треба да се ужива во секој миг од животот. Или што би рекле Италијанците – ma tantissimo!
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Идни инженери на своите први работни задачи во Министерството за енергетика“, Божиновска ги посети студентите на нивните практикантски позиции

Студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја започнаа студентската практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.Веќе се распределени по сектори и започнаа со практична работа во рамки на Министерството и органите во негов состав.
Министерката Сања Божиновска денес ги посети младите практиканти на нивните работни позиции, при што лично се запозна со нивните ангажмани, задачите што им се доделени и областите во кои се вклучени.
„Гордост е да се види енергијата и мотивацијата што овие млади луѓе ја носат со себе. Веќе од првиот ден, тие не се тука само како набљудувачи – туку активно се вклучени во конкретни процеси, подготвуваат материјали, истражуваат и дискутираат. Ова е таа нова генерација која сакаме да ја задржиме во земјата и да ѝ дадеме можност да се развива тука – во институциите каде што се градат јавните политики,“ изјави министерката Божиновска.
Во разговорот со студентите, министерката упати порака на поддршка и охрабрување: „Потребни ни се луѓе што разбираат технологија, енергетика и современи предизвици. Но уште повеќе ни се потребни луѓе што сакаат да направат разлика. Вие сте тука не само за да учите, туку и да донесете нова перспектива. Ќе ве поддржиме во секој чекор.“
Студентите се распределени според нивната стручна насоченост во одделенијата за енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност, минерални суровини, стратешко планирање и дигитализација. Со нив работат ментори од редовите на администрацијата, со цел да добијат реален увид во функционирањето на институцијата и активна улога во тековните задачи.
Програмата се реализира врз основа на Меморандумот за соработка меѓу Министерството и ФЕИТ, како дел од заложбата за поддршка на млади инженери и нивно вклучување во развојот на енергетските политики. Министерството најавува продолжување и проширување на оваа програма и во иднина, со цел создавање континуитет во градење на домашен стручeн кадар и обезбедување генерации експерти подготвени да ја водат енергетската транзиција.
Економија
Министерството за финансии достави барање до 22 меѓународни финансиски институции и банки за финансирање на брзата пруга

Министерството за финансии денеска испрати до 22 меѓународни финансиски институции и странски комерцијални банки барање за покажување интерес за финансирање на проектот за изградба на брза пруга долж Коридорот 10.
Станува збор за финансиски институции од Европа, САД, Јапонија и Обединетото Кралство, од кои дел се институции со коишто земјата и претходно соработувала на одредени проекти.
Поконкретно барањето е доставено до Светска банка, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Фондот за меѓународен развој на ОПЕК, Француската развојна агенција, КФВ Развојната банка, Италијанската развојна банка, Јапонската агенција за меѓународна соработка, германската ДЗ Банка, Морган Стенли, Уни Кредит Банка Австрија, Сити банк, ЏП Морган, Дојче Банк, Сосиете Женерал, Рајфајзен банк, ЕРСТЕ банк, Банка ИМИ, британската Стандард чартерд, Банка на Америка, јапонската МУФГ Банка, како и американската Голдман Сакс. Износот кој се бара за реализација на проектот е 1,91 милијарда евра.
Согласно испратеното барање, одговорот за пројавување интерес меѓународните финансиски институции и странските комерцијални банки треба да го достават до крајот на овој месец, со можност за продолжување на рокот по барање на банките.
Имено, Министерството за финансии го испраќа барањето за пројавување интерес со меѓународните финансиски институции врз основа на Заклучок на Владата и врз основа на законските прописи, односно Законот за јавен долг. Заедно со барањето Министерството за финансии испраќа до меѓународните финансиски институции и банките и образложение за проектот подготвено од Министерството за транспорт и врски и МЖ Инфраструктура, а кое исто така е разгледано од страна на Владата.
Економија
(Видео) Дебакл на економиските политики на власта: Македонија на дното на Европа, велат од СДСМ

„Согласно последните податоци на Евростат, Македонија денес е претпоследна во Европа по висина на минимална плата, зад нас е само Албанија. Истовремено сме последни по куповна моќ. Ова не се бројки и податоци од некоја црна хроника – ова е нашата реалност со власта на ДПМНЕ. Овие статистики се потрда за реалноста во која платата не им стигнува на граѓаните ниту до 10-ти во месецот“, вели Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.
„Реалност во која граѓаните мора да кратат и штедат на се додека функционерите на ДПМНЕ се луксузираат, си ги покачуваат платите и продаваат приказни дека сме четврти во Европа.
Ова веќе не е само економска криза, ова свесно и намерно понижување на достоинството на секој граѓанин на Македонија.
Евростат не лаже. Но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лаже – лаже кога вели дека „се грижи“, лаже кога зборува дека сме четврта најјака економија во Европа, лаже кога ве убедува дека добро живеете. Сите економски параметри укажуваат на драматично влошување на квалитетот на животот. Инфлацијата оди нагоре, цените повторно се без контрола, платите стагнираат. Во Макеоднија моментално добро живеат само функционерите од власта.
Дуото Трајко Славевски и Христијан Мицкоски ова го прават намерно и осмислено. Целта е јасна, да се држат граѓантие во неизвесност, да се држат платите на минимум додека тие ги спроведуваат своите криминални проекти и задолжувања. Ниту ги интересира состојбата во која живеат луѓето, ниту сакаат да помогнат реално нешто да се смени, ги интересираат само нивните огромни бизнис зделки.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти. Што правеше СДСМ? Го зголемивме минималецот од 9.000 на над 20.000 денари. Донесовме закон за автоматско усогласување на платите со трошоците за живот за да не може никој политички да ги уценува граѓаните за растот на платите туку да им следува со закон.
Ги зголемивме платите во приватниот сектор. Инвестиравме 2,6 милијарди евра во економија, помош за граѓаните и стабилизација на струјата.
А што прави ВМРО-ДПМНЕ? Ги одби сите предлози за покачување плати. Ги блокираше мерките за поевтини основни производи. Не вложи ниту денар во поддршка за граѓаните во криза. Си гледа само за себе – за привилегираните бизнис партнери, но не и за народот.
Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе останат запаметени не како реформатори, туку како луѓе што ја згазија економската надеж на оваа земја. Како политичари што ја заборавија работничката рака која го движи оваа држава.
Време е за одговорност. Време е за гласна борба за повисоки плати, за фер услови, за економија во функција на граѓаните, не за бизнис партнерите на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ нема да молчи. Ќе зборуваме секој ден, за секој човек што живее тешко и заслужува повеќе. Затоа што докажавме со дела што е економски патриотизам и како секој граѓанин е важен. Покажавме дека сме различни и дека државата може да има власт која се грижи за граѓаните а не за сопствените интереси“, изјави Симона Цветаноски – членка на Извршниот одбор на СДСМ.