Спорт
Фудбалерките до 19 години остварија победа над Гибралтар

Младата женска репрезентација на Македонија до 19 години забележа нова убедлива победа во второто коло на квалификацискиот турнир за пласман на ЕП што се одржува во Скопје.
На тренинг центарот „Петар Милошевски”, денеска беше надиграна селекцијата на Гибралтар и беше остварена нова убедлива победа со 3:0. Избраничките на селекторот Астрит Мерко сосема заслужено ја остварија втората победа од два одиграни натпревари на овој квалификациски турнир.
Панеска рано во 11. минута го отвори резултатот на денешната средба. Села во 22. минута го зголеми водство на Македонија и ја навести новата победа.
Во продолжението од мечот, поточно во 48. минута, Панеска погоди уште еднаш, за убедливи и конечни 3:0.
Во претходното коло, младата репрезентација на Македонија славеше убедлива победа над Грузија со 4:0.
Астрит Мерко на денешниот натпревар против Гибралтар по 100 пат ја водеше женската репрезентација на Македонија до 19 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
ФИФА пресуди – Лапорт се враќа дома

Францускиот Баск, Ајмерик Лапорт се врати во Атлетик Билбао.
Лапорт успеа во намерата да се врати на „Сан Мамес“, каде што помина шест години, пред да замине во Манчестер сити во 2018 година.
Трансферот на искусниот стопер од Ал Наср во Атлетик прво не успеа, бидејќи Саудијците доцнеа со поднесувањето на документите, но по жалбата на 31-годишникот, неговото заминување од Арабија беше овозможено од ФИФА.
Лапорт официјално објави дека се враќа во Баскија и предизвика возбуда кај навивачите на клубот од „Сан Мамес“.
Во кариерата репрезентативецот на Шпанија има одиграно 222 натпревари за Атлетик.
Спорт
Јамал: Спиевме во кујната, штом заработив пари, ѝ реков на мајка ми да избере нова куќа

Ламин Јамал, најдобриот играч на Барселона, ја „отвори душата“ во подкастот на Хозе Рамон де ла Морено. Младиот ас зборуваше за својата мајка, образованието, но и за својот прв тренинг со каталонскиот сениорски тим.
Секако, прашањето за роденденската прослава беше неизбежно. Да потсетиме дека Ламин Јамал организираше контроверзна забава по повод неговиот 18-ти роденден, што предизвика гнев во јавноста и потенцијални тужби поради ангажирањето џуџиња како келнери. Забавата беше тајна, без мобилни телефони, а еден од гостите изјави дека се бараат русокоси со специфичен изглед, со понуда за пари за доаѓање.
„Не се налутив поради она што беше напишано. Ми беше смешно. Се обидоа да го оцрнат моето име на многу начини. Една жена тврдеше дека сум одбирал девојки на еден или друг начин, а сè беше лага. Потоа и приказната со келнерите. Вистината е сосема поинаква“, рече Ламин Јамал. Потоа младиот ас се осврна на куќата што ја купил за својата мајка.
„Ја прашав за областа и ѝ реков да избере која сака. Сега гледам насмевка на лицето на мајка ми. Порано живеевме во стан каде што кујната и спалната соба беа на исто место. Сега ја гледам мајка ми среќна. Тоа што мојот брат може да го има детство што го сакав ме прави најсреќен. Татко ми е во мир во својот дом, мајка ми може да има сè што сака. Таа е мојата кралица, ја сакам најмногу, таа е буквално сè што едно дете може да посака.“
Јамал признава дека не бил добар ученик и дека дека отсекогаш повеќе го интересирал фудбалот.
„Не жалам за ништо. Дали би сакал да имам високо образование? Би сакал, но не бев создаден за тоа.“
Оваа година, многу се зборува за Златната топка. Многумина веќе го гледаат Јамал со истото во рака, додека други се за тоа Дембеле да ја добие.
„Не сонувам да имам една Златна топка, туку да имам многу. Тоа им го кажувам на моите пријатели. Имам способност да го направам тоа и ако не успеам, тоа ќе биде затоа што не сум ги направил работите како што треба“.
Потоа се присети на своето доаѓање во првиот тим.
„За време на тренингот со младите, тренерот ми рече дека ќе имаме тренинг со првиот тим. Одигравме натпревар со нив и постигнав два гола. Братот на Чави ме праша како е можно да не играм во првиот тим, но ме советуваше и да бидам смирен. Кратко потоа, бев повикан во сениорската екипа. Бев во тимот еден натпревар, но не играв, во следниот дебитирав против Бетис“.
Спорт
Полуфинални дуели на Евробаскетот – Во центарот на вниманието е дуелот Грција-Турција

До крајот на Евробаскет 2025 останаа да се одиграат уште четири натпревари. Денес на програмата се полуфиналните натпревари на шампионатот во Рига, во кои ќе се натпреваруваат Финска – Германија и Турција и Грција.
Јасно е дека очите на јавноста ќе бидат вперени во второто полуфинале, пресметката на соседите. Сè е подготвено за уште еден епски судир.
Турција ја победи Полска во четвртфиналето со 91:77, по одличната игра на Шнегун, кој забележа трипл дабл (19 поени, 12 скока и 10 асистенции). Грција ја победи Литванија со 87:76 во четвртфиналето, предводена од Јанис Адетокумба, чии поени на крајот го решија натпреварот.
Во последните осум меѓусебни натпревари, Грција ја победи Турција исто толку пати, вклучувајќи ги и пријателските. Интересно е и тоа што Грците не загубиле од Турција во официјален натпревар од 2010 година. Тогаш на Светското првенство во Истанбул, Турците победија со 76:65, а подоцна го освоија среброто.
Пред овој дуел, Турците имаат голем проблем бидејќи Чеди Осман се повреди против Полска и прашањето е колку долго и дали воопшто ќе биде на теренот.
„Тој прими терапија, но не можеше да тренира со тимот. Ќе знаеме каква е неговата повреда и дали ќе биде подготвен за натпреварот, непосредно пред почетокот“, рече селекторот Ергин Атаман.
Чеди Осман е еден од најзаслужните за досегашниот настап на Турција на првенството – тој има просек од 14,9 поени, 2,4 скока и 1,6 асистенции по натпревар, со дури 51 процент успешност во шутот за три поени.
Од друга страна, Грција се потпира на Јанис Адетокумбо, кој постојано покажува дека е лидер на оваа грчка селекција.
Грција и Турција полуфиналето ќе го започнат во 20 часот, претходно во 16 часот својот меч ќе го започнат Финска и Германија.