Македонија
Гравот, краставиците, кромидот и доматот приоритет на контролите на УЈП
Управата за јавни приходи влезе во сите правни субјекти лоцирани на Кванташкиот пазар. Инспектори има и во три објекти во Струмица, односно Ново село. Проверките доаѓаат непосредно откако увозниците се жалеа на зголемени трошоци при увоз, а пак, министерот за економија најави зголемување на. замрзнатите цени на зеленчукот.
Според извори на „Макфакс“, инспекторите се фокусирани за проверката на цените по се продаваат, но и увезуваат производите: грав, кромид, домат, краставици. Тие ја проверуваат целата документација со која располагаат правните субјекти.
Паралелно со УЈП, контроли врши и Пазарната инспекција.
Ќе поскапат некои од производите со замрзнати цени оти поскапел увозот. Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека во вторник следната недела ќе има корекции на некои од цените по утврдувањето дека увозниците пријавиле повисоки цени во Царинската управа.
„Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, следниот вторник Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари за што дополнително ќе ја информираме јавноста“, рече министерот Бектеши.
Во понеделникот оваа недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 70 денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари. Некои од овие производи ќе имаат нови цени поради новите увозни цени пријавени во Царинската управа иако во одлуката стоеше дека цените треба да останат до крајот на месецот. Веќе на почетокот на следниот месец се очекува домашното производство на пазарот, кое треба дополнително да ги намали цените на производите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССМ: Ако газдите не се одважат да дадат дел од колачот на работниците, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денес напладне ги блокираше стопанските комори во Скопје кои одбиваат да се согласат минималната плата да се големи на 600 евра, а сите останати да се зголемат за 100 евра. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов од улица им кажа на газдите во коморите, за кои смета избркаа цели семејства надвор од државата, дека се оставени да бидат единствени виновници што не се покажува минималната плата.
„Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
Им порача на газдите дека понудата за зголемување на минималната плата е се уште на маса, но нема да остане уште долго оти следниот пат ќе се појават со генерален штрајк. Кажа дека во неработен ден ќе организираат голем работнички протест со организиран превоз за работниците, за да се даде шанса на секој работник да им се придружи.
Претседателот на ССМ Трендафилов објасни дека пред коморите, исто како и пред Собранието, се појавиле со само 21 работник оти толку бара законот, но да немало такво ограничување тој кажа дека бил подготвен за застане сам за да ги заштити работниците да бидат сликани и снимани.
Потпретседателот на ССМ, Иван Пешевски кажа дека се подготвени секојдневно да им бидат пред очи и на пратениците и на газдите.
„Доколку газдите не се одважат дел од колачот да го дадат на работниците кои во минатото им го овозможиле тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади со шатори и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме“, рече потпретседателот на ССМ, Пешевски.
За вторник следната недела ССМ најави блокада на Владата, пред повторно да преминат на нов голем работнички протест и генерален штрајк.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денес кажа дека блокадите и протестите на ССМ имаат политичка заднина и во деновите што доаѓаат на македонската јавност ќе и покажа како лицата кои блокираат се поврзани со опозицијата.
Македонија
Кривична пријава против поранешен директор на „Водовод“ – Кочани за местење тендер од 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против A.К.(44), поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ – Кочани, З.Г.(53), вработен во претпријатието, Б.А.(64), исто така, вработен во претпријатието и против З.Ј.(55) поранешен вработен во јавното претпријатие, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот, како претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, и трето и четвртопријавените, како членови на Комисија за спроведување на јавна набавка, во текот на 2021 година постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка на стоки – средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија, при што составиле и усвоиле тендерска документација која содржела спецификација за продукти кои не постоеле на пазарот со цел да ја ограничат конкуренцијата меѓу економските оператори и фаворизирање на правно лице од село во општина Могила.
Првопријавениот, иако бил должен да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на КЈП „Водовод“ Кочани склучил договор со што му овозможиле на операторот да се стекне со противправна имотна корист од 1.406.306 денари.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.

