Економија
Гувернерката им ги додели наградите на учениците од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ на Квизот организиран од Народната банка
Подигањето на јавната свест за значењето на финансиската писменост, како за граѓаните, така и за економијата, има значајна улога во спроведувањето на процесот на финансиска едукација. За оваа цел, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска го посети СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ ‒ Скопје, доделувајќи им награди на учениците кои учествуваа на едукативниот квиз на Народната банка по повод одбележувањето на „Глобалната недела на парите“. Во оваа прилика, гувернерката одржа едукативна презентација пред учениците и оствари работна средба со раководството на училиштето на која се разговараше за можните форми на натамошна соработка во доменот на финансиската едукација.
Во својата презентација, гувернерката се осврна на основните цели и функциите на Народната банка, како и на нејзината улога во одржувањето на ценовната и финансиската стабилност. Исто така, беше истакнато и значењето на финансиската писменост на населението и сѐ поголемата улога на централните банки во овој домен. Народната банка во последните години вложува зголемени напори за зајакнување на финансиската едукација и инклузија, во согласност со првата национална стратегија во овој домен донесена од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка. Централната банка има објавено бројни едукативни материјали и на редовна основа спроведува едукативни активности за различни старосни групи, особено за младото население. Како поранешна ученичка од ова средно училиште, гувернерката го истакна финансиското знаење како суштинско, не само за тие кои одбрале професионално да се занимаваат со финансии туку и за целото население, особено во современиот динамичен финансиски систем.
По одржувањето на презентацијата, им беа доделени пригодни награди на Ева Младенова, Кристина Митовска и Јована Петровска, ученичките кои ги освоија првите три места на едукативниот квиз што виртуелно се одржа на 23 март 2023 година, за време на одбележувањето на „Глобалната недела на парите“, во организација на Народната банка. На едукативниот квиз учествуваа 26 ученици од III и IV година кои одговараа на прашања од доменот на работењето на Народната банка и на банкарскиот систем. Централната банка и во иднина ќе презема ваков тип едукативни активности за учениците од основните и од средните училишта во земјава, со цел да се зголеми нивото на финансиската писменост кај младите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Државата воведува ред во енергетиката, усвоен Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес одржа прес-конференција на која министерката Сања Божиновска ги презентираше Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година.
Во рамки на Годишниот план за 2026 година, до Министерството беа доставени вкупно 284 иницијативи од заинтересирани инвеститори, по јавен повик објавен во септември 2025 година, со рок за поднесување до 01.10.2025, согласно Законот за енергетика. По спроведена постапка на проверка и евалуација, изработена е ранг-листа по принципот „прв дојден – прв услужен“, при што се прифатени 67 иницијативи за изградба на нови енергетски објекти за производство на електрична енергија со инсталирана моќност поголема или еднаква на 1 MW.
Прифатените проекти опфаќаат:
· 59 фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 3.014,103 MW и проценета инвестиција од 2.109.872.100 евра,
· 7 ветерни електроцентрали со вкупна моќност од 907,7 MW и инвестиција од 1.180.010.000 евра,
· 1 когенеративна гасна електроцентрала со инсталирана моќност од 495 MW и инвестиција од 445.500.000 евра.
Вкупната инсталирана моќност на објектите опфатени со Планот изнесува 4.416,803 MW, а вкупната проценета вредност на инвестициите е 3.735.382.100 евра.
Значаен сегмент од Планот се системите за складирање на електрична енергија, кои се клучни за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем. Во Планот се опфатени:
· 77 интегрирани складишта во склоп на постоечки или нови електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност од 1.389,68 MW и капацитет за складирање од 3.465,96 MWh,
· 19 изолирани складишта со инсталирана моќност од 637,518 MW и капацитет од 1.494,746 MWh.
Вкупно, Планот опфаќа 96 складишта на електрична енергија, со вкупна моќност од 2.027,198 MW, капацитет од 4.960,706 MWh и проценета инвестиција од 1.984.282.400 евра.
Дополнително, во Годишниот план се вклучени и 56 енергетски објекти од општинските енергетски планови доставени од 7 единици на локалната самоуправа – Македонски Брод, Лозово, Дебрца, Кавадарци, Куманово, Брвеница и Кочани. Станува збор за фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 51,8795 MW, како и 61 складиште на електрична енергија со вкупна моќност од 27,6792 MW и капацитет од 117,56 MWh, што ја нагласува улогата на локалните самоуправи во енергетската транзиција.
Во Планот се вклучени и прелиминарни мрежни и пазарни анализи од нацрт–Интегралната студија, која согласно Законот ја изработуваат ОПС МЕПСО АД и ОДС Електродистрибуција ДООЕЛ, во соработка со Министерството. Анализите обезбедуваат стабилност на системот, N–1 сигурност, како и пресметки за инвестициските трошоци и роковите за приклучување на новите енергетски објекти, вклучително и потребите од дополнителни мрежни инвестиции.
„Нашата цел е јасен баланс – економски развој, заштита на животната средина и силен јавен интерес. Ова се документи што внесуваат ред, сигурност и долгорочна визија во енергетиката“, нагласи Божиновска.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,77% во однос на одлуката од 26.1.2026 година.
Од 3.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 72,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 74,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,885 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,786 ден/кг и сега ќе изнесува 33,885 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,433%, кај дизелот за 4,757%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 3,829% и кај мазутот зголемувањето е за 5,973%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,6498%.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

