Македонија
Археолозите на протест: Господа пратеници, не смеете да озаконите неповратно уништување на културното наследство
Македонското археолошко друштво (МАД) пред Собранието на Македонија имаше протест против гласањето на измените на Законот за заштита на културното наследство, кој се најде во собраниска процедура по скратена постапка.
„Денешниот јавен собир на Македонското археолошко друштво е апел до пратениците во Собранието на РС Македонија, до Владата, и целокупната јавност, да ги разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измените во Законот за заштита на културното наследство, со кои бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на поголем јавен интерес зад кој, всушност, се крие профитерска зделка од огромни размери“. Ова го изјавија од Македонското археолошко друштво.
Нивното соопштение во целост:
Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието на РС Македонија по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата. Господа пратеници, не смеете да дозволите заобиколување на постојните правни норми и институционалниот систем, што државата ги изградила да го штити културното наследство, кое е од исто толку голем јавен интерес како и инфраструктурните проекти, и уставно загарантирана темелна вредност, која се заштитува во секакви околности и на целата територија. Не смеете да дозволите надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство. И што понатаму? Со кои правни или оперативни ресурси тој ќе постапува за негова заштита? Или тоа е целта на измената, да се прикрие, забошоти и уништи културното наследство за да не „се соочи реализацијата на проектот со тешкотии поради обврските што настануваат за изведувачите на работите при наоѓање археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење“.
Господа пратеници, отворете ја археолошката карта и ќе видите дека во регионот, каде што се предвидени инфраструктурните зафати за коридорите 8 и 10 д, веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инженер? Па Законот за заштитата има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект.
Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион под заштита на УНЕСКО? Дали сте свесни колку закони и меѓународни конвенции, кои се ратификувани во оваа држава, ќе прекршите со дигањето рака „за“ овие измени? Господа пратеници, свесното уништување и прикривање на културно наследство е кривично дело без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата, која всушност треба да се грижи за него.
Потенцираме за јавноста, дека со Законот за утврдување на јавниот интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите 8 и 10 не е само културното наследство во ставено во опасност туку 8 други сфери во општеството регулирани со посебни закони, што е во спротивност со начелото на правна сигурност и владеење на правото. Впрочем, уставноста на овој ЗАКОН НАД ЗАКОНИТЕ, од кој потекнуваат овие небулозни измени во Законот за заштитата, не без причина е оспорен од Државната комисија за спречување на корупцијата уште во 2021. Цитирам: „Законот е со висок ризик за корупција и судир на интереси и ВО СУШТИНА ГО СУСПЕНДИРА ПРАВНИОТ СИСТЕМ ВО ДРЖАВАТА, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.‟ Дали Уставниот суд со донесување на одлука за непостапување на иницијативата на антикорупционерите направил „превид‟ и дозволил еклатантно урнисување на правниот поредок во државава заради нечии профитерски амбиции?
На крајот, господа пратеници, дали уништувањето на културното наследство е нашиот пат за ЕУ? Ги повикуваме претседателот на државата, г. Пендаровски, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во државата, граѓанските здруженија, правдољубивите граѓани и дипломатските претставништва, особено американската амбасада во Скопје, која со децении е клучен сојузник на државата во зачувување на културното наследство и подигнување на свеста на граѓаните за неговото значење преку многуте проекти финансирани со амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство, да се приклучат кон апелот да се повлечат спорните законски измени пред да биде доцна. Не постои начин, ниту какви било средства на светот што ќе може да го вратат уништеното културно наследство, кое не е само наше, туку е светско и треба да го оставиме за идните генерации“, велат од Македонското археолошко друштво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.

