Македонија
(Видео) Стоилковски: СДС го турка „ЕЛЕМ турс“ во стечај поради долгови, а отвора две фирми
СДС сè уште молчи зошто во стечај турка едно претпријатие во државна сопственост, како „ЕЛЕМ турс“, без работа остава околу двесте вработени, за да отвори две нови фирми ќерки на државниот ЕЛЕМ со иста дејност давајќи ги на блиски лица?
Единственото државно претпријатие ЕЛЕМ, водено од СДС, го затвора, става во стечај „ЕЛЕМ турс“, како непродуктивно и создавач на долгови, а истовремено отвора две исти фирми ќерки со иста дејност – туризам и угостителство, со поделба на хотелите и туристички капацитети на Попова Шапка, Маврово, Дојран, Охрид и Струга, истакнува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Како е можно ‘ЕЛЕМ турс’ да се затвора како непродуктивно, а истовремено за една од двете нови фирми, ‘Ски-центар Попова Шапка’, да се најавува стратешка инвестиција и долготрајна концесија? Уште повеќе, прв човек на новата фирма за која е најавена инвестиција, е токму досегашниот директор на турнатата фирма во стечај, Адем Авзиу? Како сега ќе знае да работи рентабилно со новата фирма, а не знаел со ЕЛЕМ ТУРС?“, прашува тој.
СДС, како што вели, го турка „ЕЛЕМ турс“ во стечај поради долгови, а на директорот на „ЕЛЕМ турс“, Адем Авзиу, кадар на ДУИ, му отвора нова фирма со имот на „ЕЛЕМ турс“!
Втората фирма, додава Стоилковски, „ЕСМ Молика“, е оставена на Миле Вељановски, сопартиец, личен пријател, семеен другар и шофер на Васко Ковачевски!
„Внимавајте, шоферот на Васко Ковачевски, добива и ќе водел државна фирма за угостителство и туризам, со капацитети во Дојран, Охрид, Струга, државната фирма ЕСМ Молика!? СДС го турка ЕЛЕМ ТУРС во стечај заради долгови, а отвора две фирми, за директорот на ‘ЕЛЕМ турс’, кадар на ДУИ, и за шоферот на Васко Ковачевски, сопартиец и другар од СДС Битола! Едно од најважните прашања е зошто при поделбата на двете фирми, 200 веќе вработени лица од ЕЛЕМ ТУРС не се преземаат во новите фирми, туку или се избркани од работа, или им се нуди времено вработување по системот – земи или остави?“, вели Стоилковски.
Според него, целта е јасна.
„По теркот на мрачната транзиција, се турка стечај, наводна нерентабилност на државна фирма, се приграбува имот, се бркаат 200 вработени, останува неисплатен долг на доверители од околу 150 милиони денари. Но, се добиваат две фирми, хотели, туристички капацитети, на Шапка, Маврово, Дојран, Охрид, Струга се добиваат инвестиции, и можности за партизација, огласи за вработувања, и секако можност за приватизација на државен имот! СДС не може да излезе од матрицата на мрачната транзиција, уништување и грабање, од шемата на лаги и партизација“, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

