Култура
Почнува шестото издание на „Џез-фактори фестивалот“ во Битола
Вечерва, ќе биде отворено 6. издание на „Џез-фактори фестивалот“ во Народниот театар од Битола, институција што се јавува како домаќин на Фестивалот.
„Ние сме кодомаќини и трите вечери ќе се одржуваат на големата сцена на НТБ. Ние колку можеме, го помагаме ‘Џез-фактори фестивалот’, шестата години ветува одлична програма, а во Битола ќе видиме и ќе слушаме квалитетна џез-музика, која ќе ни ја понудат светски џез-музичари“, истакна директорот на Фестивалот, Иван Јерчиќ.
Сашо Поповски, кој е осоновач на Фестивалот, објави дека главната програма почнува со оригинален проект, направен токму за „Џез-фактори фестивалот“, а такви оригинални проекти има три, што е реткост.
„На сцената ќе го имаме најголемото име на светската џез-сцена, Баби Сисоко, кој доаѓа од Мали, Африка, а ќе настапи заедно со Тони Китановски од Македонија и Васил Хаџиманов од Србија. Вториот концерт е настапот на ‘Славен Љуиќ триото’ од Црна Гора и Баптист Хербин од Франција, а ова ќе биде дел од мрежата во која е и Општина Битола, а ги обединува градовите во кои има џез-фестивали во Франција“, рече тој.
Годинешното 6-то по ред издание на „Џез-фактори фестивалот“ ќе се одржи од 13 до 15 април.
Следниот ден е резервиран за настапот на „Милан Петровиќ квартетот“ од Србија и Liquid Carpet од Словенија.
Последниот ден во НУ Народен театар Битола ќе биде доделена наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар во 2022 во соработка со Општина Битола по што следува настапот на Vertitur, non mutatur и Џијан Емин од Македонија.
На 13 април како дел од споредната програма во кафе-барот „Порта џез“ ќе настапи Arnau Garrofé Farràs Quartet.
Следниот ден е резервиран за конференцијата RJFB France- Balkan Jazz Network, со почеток од 12 часот во Pub Bourbon Street.
Вечерта во Камарите ќе настапи Иле Косата заедно Стефан Тасевски.
На завршниот ден, со почеток од 13 часот, ќе настапи United Group Department feat Леана Таќи од Македонија, во Камарите.
Џез-одделот при Музичката академија – Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, несомнено е главен генератор и двигател на современата македонска џез-сцена во изминатите 15 години. Токму членовите на United Group Department своето формално образование го стекнуваат на УГД моделирајќи ја својата музичка визија преку јазикот на џез-музиката. Јован Цветковиќ, Филип Стипшиќ, Емил Ејупи и Теодор Јаневски во комбинација со Леана Таќи ќе ве поведат на музичко патување низ разните историски периоди на џез-културата.
За годинешниот плакат на фестивалот се погрижи Даниел Ѓурчиновски.
Фестивалот се организира под покровителство на Општина Битола со поддршка од НУ Народен театар Битола, КИЦ Битола (Офицерскиот дом) и Министерството за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.


Култура
Во Чифте амам се отвора ретроспективната изложба „Рефлексии“ посветена на Ратка и Димче Протугер
Атриум го најавува отворањето на ретроспективната мултимедијална изложба насловена „Рефлексии“, во Националната галерија – Чифте амам, на 20 декември, со почеток во 19 часот. Изложбата нуди продлабочен поглед кон животот и творештвото на непокорните брачни другари – партизанката и авторка Ратка Ковачева Протугер и ликовниот уметник Димче Протугер.
Од уметничката продукција посочуваат дека изминатата година реализирале истражувачки и продукциски процес со цел да ја споделат слоевитоста на наследството што Ратка и Димче, како припадници на една будна генерација, им го оставиле на сите нас.
Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, за изложбата напиша:
„(…) Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија.
Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата – онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.
Димче, сликар и педагог, ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“
Од Атриум, покрај поканата за заедничко чествување на делото на Ратка и Димче Протугер, во сабота, со почеток во 19 часот, во Чифте амам, упатуваат и огромна благодарност до блиските семејства, потомците и пријателите кои придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска, Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.
Истражувачки тим:
Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Матеј Лазаревски
Проектен тим:
Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска, Деспина Ралевска
Авторки на текстови во публикацијата:
Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова, Воденка Протугер Тошевска
Одговорна уредничка на публикацијата:
Ива Рајчевска
Соработничка во уредништвото на публикацијата:
Веда Ивановска
Дизајнерка на постер:
Ива Јованова
Фотографија:
Александра Костадиновска
Видео:
Исток Чаповски
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија и Контура, на чии претставници им се заблагодаруваме за придонесот и поддршката.
Изложбата ќе биде отворена до 27 декември.

