Македонија
Грковска: Ја зајакнуваме постапката за избор на членови на управните одбори во јавните претпријатија
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска присуствуваше на презентацијата на извештајот од следењето на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, подготвен од Центарот за управување со промените.
Таа ја поздрави подготовката на ваквиот извештај, кој е добра основа за креирање идни политики, во насока на надминување на утврдените предизвици и слабости бидејќи, како што рече, од осамостојувањето на нашата држава до денеска не е посветено доволно внимание на мерење на ефикасноста на овие тела, што е клучен принцип за политики за добро владеење.
„Морам да истакнам дека за некои од слабостите што се детектирани во извештајот од следење на управувачките структури во институциите од јавниот сектор, што беше презентиран денеска, мојот Кабинет веќе презеде конкретни мерки и политики, што за мене е охрабрување дека сме на добар пат. Секако, тоа е резултат и на партнерскиот однос што мојот Кабинет го има со граѓанскиот сектор, на кого јас гледам како на клучен фактор во процесот на подобрување и унапредување на нашето општество“, нагласи вицепремиерката Грковска и се осврна на позитивните резултати што ги дава тесната соработка на Владата со граѓанскиот сектор.
Во тој контекст таа посочи дека во самиот извештај, во наодите во сите области, забележано е дека недостига транспарентност на институциите и додаде дека веднаш по преземањето на оваа позиција и заедно со Центарот за управување со промените и Агенцијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, по претходна заедничка анализа на состојбата, подготвено е упатство, со кое Владата ги задолжи сите институции, а кое ќе значи унапредување на транспарентноста, која мора постојано да се унапредува и надградува.
„Во тек се и низа други мерки, кои значат зголемување на одговорноста на функционерите, а во насока на унапредување на ефикасноста на институциите, кои се во директна корелација со наодите дадени во овој извештај. На пример, забележан е проблемот со поставувањето в.д. директори во институциите што, слободно ќе кажам, според мене, упатува и на злоупотреби.
За таа цел, со поддршка на нашите меѓународни партнери и во соработка со Институтот за демократија работиме на анализа на законската регулатива и на фактичката ситуација, ги детерминираме слабите точки, по што ќе произлезат и конкретни препораки по кои потоа ќе постапуваме“, додаде Грковска.
Како позитивна перцепција во извештајот се посочува на последните измени на Законот за јавните претпријатија, со кои се утврдени определени критериуми, кои треба да ги исполнуваат членовите на управните и надзорните одбори, кои се поврзани со надлежностите на одборите, се дефинира постапката за нивен избор. Под координација на вицепремиерката Грковска усвоен е правилник во таа насока, но е намален и бројот на членови на управните одбори, со што се обезбедува и значителна рационализација на процесот.
На денешната презентација на извештајот, покрај тимот на Центарот за управување со промените, предводен од Неда Малеска-Сачмароска, учествуваа и претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, главниот државен ревизор Максим Ацески, Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнл“ и Миша Поповиќ од Институтот за демократија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

