Македонија
Градоначалникот на Кисела Вода подели хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства
Во пресрет на големиот христијански празник, Велигден, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски посети повеќе социјално загрозени семејства од општина Кисела Вода на кои им донираше пакети со прехранбени производи.
Истакна дека токму во овие денови кога се празнува христијанството чија суштина е добрината и љубовта, сите луѓе треба да почувствуваат радост и сплотеност. Честитајќи го Велигден, тој им се заблагодари и на сите кои преку дело ја покажаа својата поддршка, на тој начин овозможувајќи помошта да стигне онаму каде што е најмногу потребна.
„Да се стремиме да бидеме подобри луѓе, да си помагаме и подаваме рака, да пристапиме со добрина и љубов – тоа е највозвишената човечка особина! Големи денови се пред нас, го чекаме Воскресението Христово. Ова се денови на радост и сплотеност, денови кога треба да покажеме дека сме луѓе помеѓу луѓето.И токму затоа – секој заслужува да ги помине како што доликува! Денес поделивме прехранбени пакети на семејствата од социјален ризик во Кисела Вода. Се потрудивме со мало внимание да им ги разубавиме празниците, да знаат дека не се сами и дека секогаш има некој кој ќе стои како столб во поддршка дури и во најтешките времиња.
Јас можам само да се заблагодарам за силно стиснатата рака, да се заблагодарам и на оние кои помогнаа да изнудиме некоја искрена насмевка денес. Тоа за мене е најголема награда, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Неколку општини во Скопје денеска без струја
Поради планирани прекини во електро дистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат следните корисници:
– Од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од ул.Тодор Чангов. (опш.Аеродром);
– Oд 08:30 до 12:00 часот, дел од корисниците од село Злокуќани. (опш.Карпош);
– Од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од Волково на ул.81, 79, 87, 91 (опш.Ѓорче Петров);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Архитекст Никола Добровиќ, Пушкинова. (опш.Аеродром);
– Од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од улиците Даме Груев, Мито Хаџивасилев Јасмин (oпш. Центар);
– Од 12:00 до 13:00 часот, Пумпна станица Шуто Оризари. (опш. Шуто Оризари).
Скопје
Посебен режим на сообраќајот во Скопје
СВР Скопје ги известува граѓаните на Скопје дека денеска поради официјална посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје.
СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.