Македонија
Демократски сојуз: Да се објави договорот со „Бехтел и Енка“ за да се спречи грабеж на столетието

Демократскиот сојуз инсистира Договорот за изградба на коридорите 8 и 10 д со „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ да се објави и да биде предмет на стручна анализа и јавна расправа, особено што причина за законските измени се обврските вградени во договорот и прифатени од преговарачите и Владата.
Криењето на договорот од јавноста, експертите и од пратениците, според ДС, само ги засилува сомнежите и веќе изнесените информации, дека тој овозможува коруптивни активности и претставува своевиден „ГРАБЕЖ НА СТОЛЕТИЕТО“.
Демократскиот сојуз ги повикува сите пратеници да отфрлат продолжение на расправата по законите во скратена постапка и да инсистираат за нив да се расправа во редовна и јавна дискусија, откако зад законите ќе застане Владата, а не група пратеници.
„Доколку продолжи мајоризацијата на ДУИ и СДСМ, тогаш ќе предложиме имплементацијата на договорот да се одложи преку измена на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10 д.
Доколку и натаму главна улога има Артан Груби, претходно како координатор на Комитетот за преговори при склучување на договорот со „БЕХТЕЛ и ЕНКА“, а сега како Координатор за спроведување на договорот, кој тврди дека договорот е „тајна и никогаш нема да се објави“, можно е да останеме и без пари и без автопати’“, велат од партијата на Трајанов.
Инаку, како што велат, досега проценетата вредност на овој проект е една милијарда и шестотини милиони евра (1,6 милијарди евра), но според проценките на експертите и поради лабавите клаузули во Договорот, можно е сумата да достигне и до 2 милијарди евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија и Италија за користење на ЕУ фондови

Во рамките на официјалната посета на Република Италија од делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од Петар Богојески, во Рим беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од Федерика Целестини Кампанари.
Овој стратешки документ претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.
Потпишувањето на ваков документ со една од основачките и водечки земји-членки на Европската Унија, Италија, претставува чин од особена важност за Република Македонија. Истовремено, тоа е јасен сигнал за проширување на европската солидарност и зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство на полето на образовниот и научниот развој.
Со овој договор, корисниците од Република Македонија ќе добијат непосреден пристап до институционални мрежи, програми и партнери од Италија, со можност за заедничка реализација на проекти и иницијативи од европски ранг.
Ова партнерство претставува уште еден чекор напред во заложбите на Националната агенција за создавање нови можности за македонските граѓани, во духот на европските вредности, меѓународната соработка и одржливиот развој.
Националната агенција изразува длабока благодарност до италијанските домаќини за топлиот прием и за визионерскиот пристап кон заедничката европска иднина на нашите млади генерации.
Македонија
Ѓорѓиевски: Награди за талентираните ученици

„Кисела Вода изобилува со талентирани ученици, на што сме исклучително горди! За таа цел, објавен е јавниот повик за доделување на награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода, што претставува еден стимул за нивното понатамошно градење како личности“, велат од Општината.
„Имено, се работи за Јавен повик за пријавување на најдобрите основци кои, постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот кои ќе добијат финансиска поддршка, а мешовити комисии составени од претставници на Советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација итн, ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно Правилниците донесени од страна на Советот на општината, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, истиот ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината.
Ги повикуваме сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во огласот, да не се колебаат и да земат учество во изборот“, се додава во соопштението на Општината.
Јавниот оглас и потребните документи за апликација може да ги најдете на следниот линк
Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.