Македонија
(Видео) Хаос за влез во Македонија од грчка страна: караници, претекнувања и чекање до два часа

За влез во Македонија, од грчка страна се чека повеќе од два часа. На граничниот премин „Евзони“, освен нервоза меѓу возачите, на секои пет минути избива и кавга. Додека едни стојат уредно во шест колони и чекаат, други, возејќи на дополнителни три-четири колони се обидуваат да го избегнат метежот и побрзо да стигнат до терминалите за пасошка контрола. Возачите револтирано свират и на секаков начин се обидуваат да претекнуваат за да го скратат времето на чекање.
„Ние сме со мали деца“, „И ние сме со мали деца“, „Ние чекаме два саати“, се дел од оправдувањата со кои возачи се обидуваат да воведат ред во хаосот.
Македонските возачи и Србите имаат меѓусебно разбирање и дозволуваат возила кои избегнуваат колони да влезат во редот за чекање до терминалот. Возилата со грчки регистарски таблици, не оставаат ниту минимум растојание од автомобилите пред нив, за да избегнат некој да влезе во колоната каде се чека и по два часа.
Дополнителен хаос прави и дождот. Многумина, границата ја поминуваат пеш, а потоа, влегуваат во фри-шопот, каде има нов хаос.
Претходно, Велигден ја наполни Грција со турсти. Голем дел граѓани отидоа кај јужниот сосед на продолжен викенд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бесплатни анализи на почвата во Општина Илинден

Во насока на унапредување на земјоделското производство, Општина Илинден и годинава ја реализираше акцијата за испитување на квалитетот на обработлива почва на територијата на општината. Земени се примероци од вкупно 20 локации, опфаќајќи ги сите населени места во општина Илинден.
„Агрохемиските анализи се извршени во акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта на ова испитување е земјоделците навремено да добијат стручни информации за состојбата на почвата која ја обработуваат, што ќе им овозможи прецизно и рационално ѓубрење на културите, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и намалување на загадувањето на почвата. Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се прегледаат на официјалната веб-страница на Општина Илинден (ilinden.gov.mk).“соопштија од Општината.
Од таму велат дека овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026 и најавија дека ќе продолжи континуирано да се спроведува, со цел да се опфатат што е можно повеќе земјоделски површини и да се обезбедат подетални податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.
Македонија
СДСМ: Не сметаме дека еврокомесарката Кос имаше лоша намера со изјавите за идентитетот

Не сметаме дека еврокомесарката имаше лоша намера, но апелираме да кога се говори за чувствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите, велат од СДСМ, во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, што ја даде во Скопје.
Кој рече дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување, идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца, идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина.
„Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки“, рече вчера Кос на прес-конференција во Владата.
Бурна реакција во јавноста предизвика изјавата на Кос која во контекст на идентитетот ги посочи традицијата, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, традиционалните носии.
„Очекувавме еврокомесарката Кос да го истакне она што ЕУ самата го има потврдено во сите документи и сите договори, а тоа е дека македонскиот јазик и идентите се целосно признати од Унијата. Ова е неспорен факт, ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имаша лоша намера, но апелираме да кога се говори за чуствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Индустриското производство во мај зголемено за 9,4 проценти во споредба со минатата година

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на индустриското производство во Македонија, изјави:
„Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока.
Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно“, вели Мицкоски.
Додаде дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, односно првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3 проценти, однсоно е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.
„Можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија.“