Македонија
(Видео) Фелата бара тикток-анестезиологот да остане без лиценца; Лекарската комора: Им се извинуваме на сите пациентки

Претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова, рече дека органите на Лекарската комора повеле постапка против тетовскиот анестезиолог, кој беше тиктокер. Етичката комисија констатирала дека Ваљон Девиши прекршил повеќе етички норми. Финалната одлука се очекува идната недела. Максималната казна што може да ја добие е одземање на лиценцата во најдолг рок од седум години.
„Тема е инцидентот во Клиничката болница во Тетово, каде што лекар во оваа здравствена установа, за жал, ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите, а со тоа го нарушил и угледот на нашата професија. Се одржа вонреден состанок и по детаљната расправа, комисијата донесе одлука за поведување случај пред судот на честа. Пријавата е прифатена против Ваљон Девиши со предлог привремено одземање на лиценцата за работа“, рече Гривчева-Старделова.
Таа посочи дека лекарите треба одговорно да си ја извршуваат професијата.
„Лекарот е обврзан да ја чува професионалната тајна. Изразуваме жалење и во име на целата струка им се извинувам на сите пациентки што лежеле во болницата. Судот на честа ќе заседава во најкус можен рок“, додава претседателката на Лекарската комора.
Претходно, судот му одреди осумдневен притвор на анестезиологот од тетовската болница, кој тајно ги снимал пациентите и ги објавил на социјалната мрежа „Тик-ток“. Тетовското Обвинителство поведе истрага против тетовскиот анестезиолог, кој снимаше пациенти во тетовската болница на одделот за гинекологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Казнета струмичка кланица, испуштала крв во река

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), утрово спроведоа вонреден инспекциски надзор по вчера вечер објавената информација на социјалната мрежа Фејсбук дека струмичка кланица, преку цевка, директно испушта крв во река.
Со надзорот утврдено е дека операторот постапува спротивно на законските одредби за нештетно отстранување на нус производи.
Кланицата е казнета со парична казна од две илјади евра во денарска противвредност, а одговорното лице во правното лице со 400 евра во денарска противвредност.
„Наредено е доследно спроведување на законските процедури за отстранување на нус производи од животинско потекло од категорија 3 (крв од животни заклани во кланица кои не покажуваат знаци на болест). Крвта како нус производ од колењето животни ( нус производ од категорија 3), согласно законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја, треба да се отстрануваат со претходно одвојување и собирање во посебно место“, соопшти АХВ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот совет ја обелодени вистината – за нив животот на Теодора вреди две години затвор

Парасистемот на СДС и ДУИ во судството ја гази правдата и ја урива државата, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Судскиот совет денес ја обелодени вистината – за нив, животот на Теодора вреди две години затвор. Тоа е нивната „правда“. Срамна, понижувачка и целосно дискредитирана. Да биде појасно: сите членови на овој Совет се избрани од СДС и ДУИ, во времето на Заев и Филипче. Тоа е нивниот Совет. Нивната мрежа. Нивниот инструмент за заштита на своите и покривање на криминалот“, велат од партијата.
Ова не е изолиран случај, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, ова е дијагноза на системот – болен, трул, партизиран до коска.
„Судии кои не се водат од закон, туку од партиска лојалност. Совет што не штити правда, туку крие срам. Кога велиме „калуѓери што мрсат и во петок“, мислиме на лицемерие без граници. Морален распад. Луѓе без срам кои носат одлуки со кои се убива надежта дека правдата постои. Но нема да остане така. Овој систем ќе падне. Ќе има независен судски систем, ќе има правда. Ќе има одговорност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
МВР со апел: Не отворајте линкови од сомнителни мејлови и не давајте податоци на сомнителни веб-страни

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Секторот за компјутерски криминал активно презема мерки за истраги и справување со phishing (фишинг) напади, кои имаат за цел да ги измамат граѓаните и да ги добијат нивните лични или финансиски податоци.
Фишинг – нападите најчесто се изведуваат преку лажни електронски пораки, веб-страници или пораки на социјалните мрежи, кои изгледаат како да доаѓаат од доверливи извори, како што се банки, државни институции или познати компании.
Од МВР информираат дека е забележана појава на достава на лажни фактури за уплата на парични средства на електронските адреси на вработени во правни лица кои се овластени за истото, во име на управителите на правните лица, но од лажни електронски адреси.
МВР апелира до граѓаните да не се отвораат линкови или прилози од сомнителни е-пораки, да се проверува адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да не се внесуваат лични податоци (кориснички имиња, лозинки, броеви на платежни картички) на сомнителни веб-страници, да се користи двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на сметките.