Македонија
Општина Кисела Вода: Ревизијата од ДЗР го потврдува недомаќинското работење на Темелковски за кое многупати алармиравме
Како институција што инсистира на транспарентно и чесно работење, должни сме да реагираме за натписите што се однесуваат на извршениот увид на ДЗР за што медиумите наведуваат дека се однесува на 2021 година, период во кој на чело на оваа институција е Филип Темелковски, истакнуваат од Општина Кисела Вода.
„За ангажирањето и исплаќањето огромни суми на лица што само се појавувале на платниот список, а никој ниту ги видел, а уште помалку видел каква било сработена работа од нив, сегашниот градоначалник Ѓорѓиевски алармира уште пред да стапи на градоначалничката функција“, додаваат во соопштението.
Појаснуваат дека како советник и претседател на координативната група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општината, тој уште тогаш алармирал за недомаќинското работење што се случувало зад затворените врати на институцијата.
„Јавноста подетаљно ја информира кога од граѓаните го доби градоначалничкиот мандат и веднаш излезе со детали за затекнатата состојба. Наследената општинска каса со 3 милиони евра долг, со речиси никакви сработени проекти, со цели листи на општински удомени роднини, пријатели, пријатели на пријатели, дури и лица со криминално досие, кои, за среќа или несреќа на другите, само примале плата, но не се појавувале во Општината. Состојбата одела до таму што, како никаде во светот, градоначалникот Темелковски си исплаќал сам на себе финансиски средства за прекувремена работа за што си постои уредна документација. Треба да се назначи дека во наодите од извештајот на оваа државна институција не се работи само за незаконското ангажирање скапи хонорарци, кои не сработеле ништо. Ако детаљно се прочита, ќе се види дека станува збор и за градење без постоење одобренија или каква било документација за низа забелешки за кои градоначалникот Ѓорѓиевски и самиот алармира и за кои веднаш презеде мерки.
Во прилог на претходно кажаното, на овој извештај жалба поднел поранешниот градоначалник Филип Темелковски и таа е одбиена. Утврдените неправилности веќе се надминати или се работи на нивното надминување бидејќи целта ни е кај граѓаните да ја вратиме довербата во институцијата. А довербата се враќа само преку завршени и спроведени проекти и искрен и транспарентен однос со граѓаните“, се вели во реакцијата.
Потенцираат дека овој извештај за незаконско работење се однесува на периодот во кој на чело на Општина Кисела Вода бил Филип Темелковски. „Период, кој, за среќа, останува зад нас и кој го заменивме со нов транспарентен начин на работа, период на решавање на децениските проблеми, на раздолжување на институцијата и враќање на нејзината финансиска кондиција. Токму затоа ние како институција заедно со нашите жители од поранешниот градоначалник бараме одговорност за потрошените пари на граѓаните и за нарушувањето на угледот на институцијата“, се дополнува во соопштението од Општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЕСМ го одбележува 60-годишниот јубилеј на хидроелектраната „Глобочица“ – шест децении енергија, традиција и напредок
АД ЕСМ и подружницата ХЕС „Црн Дрим“ денеска свечено го одбележаа големиот јубилеј – 60 години од пуштањето во употреба на хидроелектраната „Глобочица“, капитален проект од непроценливо значење за македонскиот електроенергетски систем.
Хидроелектраната „Глобочица“, дел од хидросистемот „Црн Дрим“, е пуштена во работа на 4 ноември 1965 година. Со инсталирана моќност од 42,5 MW, таа во изминативе шест децении произведе повеќе од 10.367 GWh електрична енергија, Средното годишно производство изнесува 175 GWh, а максималното е забележано во 2010 година – 292 GWh.
Во рамките на развојните програми на компанијата, „Глобочица“ претрпе повеќе ревитализации, со што нејзината првична инсталирана моќност е зголемена за дополнителни 9 MW. Денес, електраната претставува пример за успешно спојување на инженерската визија и одржливиот развој, обезбедувајќи чиста, обновлива енергија и намалување на јаглеродниот отпечаток.

Во рамките на Свечената академија, генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев најави капитален проект кој ги опфаќа хидроелектраните Глобочица и Шпилје.
„До крајот на годинава очекуваме почеток со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“ – Фаза 3, од кои една од главните придобивки ќе биде зголемување на вкупното производство од хидроенергија за 50 GWh, годишно. Од реализацијата на овој проект, најголема придобивка ќе имаат токму ХЕ „Глобочица“ и ХЕ „Шпилје“. Со овој зафат, гарантираме продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении“ нагласи Узунчев.
Директорот на Подружницата ХЕС „Црн Дрим“, Гоце Божиновски, во своето обраќање пред присутните нагласи:
„Денес славиме 60 години од првите киловат-часови произведени во ХЕ „Глобочица“ – електрана која не е само инженерско чудо, туку и симбол на визија, истрајност и иновативен дух. „Глобочица“ е животна лекција дека човечката визија и природата можат хармонично да соработуваат. Оваа електрана останува трајно сведоштво за силата на знаењето, посветеноста и трудот на генерациите што ја создадоа и ја одржуваат.“, рече Божиновски.
АД ЕСМ и ХЕС „Црн Дрим“ изразуваат искрена благодарност до сите поранешни и сегашни вработени, инженери и техничари кои во изминатите шест децении го вложиле своето знаење и труд во развојот и одржувањето на хидроелектраната „Глобочица“.
Компанијата останува целосно посветена на својата зелена агенда – модернизација и изградба на нови обновливи извори на енергија, кои ќе обезбедат стабилна и одржлива енергетска иднина за Македонија.
Македонија
Беким Сали ќе го наследи Изет Меџити како прв вицепремиер
Портпаролот на коалицијата ВРЕДИ, Дритон Сулејмани, денеска потврди дека Беким Сали ќе биде новиот прв вицепремиер, на местото на Изет Меџити кој стана градоначалник на Општина Чаир.
За нов министер за животна средина и просторно планирање, на местото на Меџити, сè уште се одлучува.
Беким Сали претходно беше министер за здравство од 2022 до 2023 година.
Сулејмани истакна дека ВРЕДИ ќе продолжи да функционира како единствен политички субјект, без поделби по партии, како и досега.
Во осврт на изборните резултати, тој оцени дека локалните избори ја потврдиле новата политичка реалност во земјата и дека ВРЕДИ станува втора политичка сила на државно ниво, со доминација во албанскиот политички блок.
Како примери на успех, Сулејмани ги посочи победите на Билал Касами во Тетово, Фети Абази во Боговиње и Даут Мемиши во Теарце, а резултатот во Чаир го нарече јасна порака од граѓаните против старите политики.
Македонија
Утре променливо облачно време, од четврток до понеделник дожд, најавува УХМР
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 8, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно претпладне со повремен слаб дожд. Ќе дува умерен, северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во среда и четврток во утринските часови има услови за појава на магла. Под влијание на влажна воздушна маса, од четврток од вечерните часови па се до понеделник, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

