Македонија
Ковачевски го праќа, Груби тврди дека е пратен, но до Обвинителството не е доставен договорот со „Бехтел и Енка“

За ист договор, Димитар Ковачевски и Артан Груби немаат исто мислење, а во однос на прашањето дали договорот со „Бехтел и Енка“ се крие и од обвинителот, кој треба да одлучи дали има злоупотреби, вицепремиерот Артан Груби пред седум дена рече дека примерок од договорот со „Бехтел и Енка“ има Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Вчера, премиерот Димитар Ковачевски рече дека договорот не е доставен до обвинителот, кој отвори предмет. И од Обвинителството потврдуваат – договор не добиле.
„Надлежниот јавен обвинител, кој постапува во предметот за кој покажувате интерес, уште од неговото оформување веднаш испрати барање за доставување податоци и на договорот до ЈП ‘Државни патишта’, но до овој момент до Обвинителството не е доставен одговор од нивна страна“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Макфакс“.
Спротивно тврдење имаше Груби, кој рече дека примерок е доставен до истражниот орган.
„Договорот со „Бехтел и Енка“ е класифициран и на нивно барање не се објавува, примерок од него има само Јавното обвинителство бидејќи отвори постапка“, посочи Груби пред седум дена на брифинг со новинарите.
Вчера, тврдењето на Груби го негира Ковачевски, кој рече дека договорот ќе биде доставен бидејќи дури сега Владата му дозволила на Јавното претпријатие за државни патишта да го направи тоа.
„Тој договор ќе биде доставен до Јавното обвинителство, па на нивно постапување понатаму да ги испитаат сите наводи што беа кажани од страна на политички партии, од страна на медиуми, од страна на поединци итн.“, рече Ковачевски.
Договорот го побараа и од антикорупциската комисија. Претседателката Билјана Ивановска за „Макфакс“ посочи: „Барањето е испратено на 11 април“. Одговор немаат добиено, а Јавното претпријатие има рок во кој треба да го достави.
Договорот помеѓу „Бектел и Енка“ наиде на забелешки и критики од јавноста во однос на обврските што ги презема Македонија сè до менувањето закони, со кои ќе ѝ се исполни барањето на компанијата што треба да го гради Коридорот 8.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.