Регион
(Видео) Скандал во хрватскиот парламент: пратеник го извика усташкиот поздрав

Хрватски пратеник предизвика бурни реакции во парламентот кога го извика усташкиот поздрав: „За дома спремни“.
Тоа се случи додека пратениците расправаа за предлогот за измена на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, што предизвика големо внимание во јавноста.
„Не е во ред што воведувате вербален деликт за да судите, меѓу другото, што е лажна вест и како би ги казниле членовите на ХОС за поздравот ‘За дома спремни’“, рече пратеникот Миро Буљ и ја доби првата опомена.
Буљ продолжи да зборува, а претседателот на Собранието, Гордан Јандроковиќ, му упати уште едно предупредување.
„Видете колкумина од вас се собраа да го протуркаат вербалниот деликт. Кој ќе суди што е лажна вест. Го наметнавте ова и најдовте модел како да ги казните луѓето што се бореа во ХОС и кои легитимно поздравуваат со поздравот ‘За дома спремни’“, рече Буљ.
Зборуваше и пратеникот Милорад Пуповац.
„Извикувањето на усташкиот криминален поздрав ‘За дома спремни’ за време на дискусијата во Собранието, како што тоа го направи пратеникот Буљ пред неколку минути, е сериозна навреда и повик на омраза и насилство“, рече Пуповац.
Јандроковиќ тогаш рече дека тоа е неприфатливо, а објаснување треба да даде Буљ, кој на крајот беше исклучен од седницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пукањето во Белград на само 300 метри од куќата на Мирослав Илиќ, пејачот се огласи: „Боже господе, што се случува“

Во пукањето во Вишњичка бања се повредени пет лица, меѓу нив и една жена за чијшто живот се борат лекарите.
Според неофицијални информации, на пукањето му претходела тепачка, а сè се случило на нешто повеќе од 300 метри од куќата на познатиот пејач на народна музика, Мирослав Илиќ, пишува „Блиц“.
Илиќ по повод настанот се огласи за домашните медиуми.
„Живеам во мирна улица, во мирен крај. Чувај Боже што се случува. Не сум гледал вести и не сакам да знам“, изјави Мирослав за Телеграф.
Иако првичните информации укажуваа дека една жена починала, докторите во Ургентниот центар успеале да ја оживеат.
Неофицијално, повеќе вооружени лица излегле од бело комбе и почнале да пукаат. Овие информации засега не се официјално потврдени, а во тек е полициска потера по напаѓачите.
Очевидци опишале дека од белото комбе излегле неколку лица и почнале да пукаат насекаде.
Регион
(Видео) Полицијата се’ уште трага по напаѓачите по пукањето во кафулето во Белград

Пет лица беа ранети во пукање во кафуле во белградската населба Вишњичка бања, а едно лице е во животна опасност. Напаѓачите, кои пристигнале со бело комбе, влегле во локалот и отвориле оган по гостите.
Повредените – две жени и три мажи – се пренесени во Ургентниот центар. Полицијата покрена акција и сè уште трага по сторителите, јавува „Н1“.
Очевидци раскажаа дека на автобуската станица во близина имало голем број деца кои се разбегале уплашени, а пристигнувањето на итната помош се чекало долго. Жителите потсетуваат дека веќе подолг период имаат проблеми со навивачки групи во оваа населба.
Регион
Детали за пукањето во Белград: Напаѓачите дошле со комбе до кафулето и почнале да пукаат кон гостите

Репортерка на „Н1 Белград“ од Вишњичка бања, каде денеска околу 14:30 часот се случи пукање во кое пет лица беа ранети, јави дека едно комбе дошло по Сланачки пат до локалниот бар и почнало да пука по присутните.
Претходно повеќе медиуми објавија дека починала жена, но според информациите од српската полиција, петмина се повредени. „Еуроњуз“ јави дека жената била донесена во болница без знаци на живот, но спасена е со реанимација. Во моментот се наоѓа во тешка состојба.
На местото на настанот има полиција и форензичари, а полицајците ги замолиле медиумските екипи да се оддалечат бидејќи е во тек увид.
Според жителите, кафулето е познато по тоа што таму се собираат и навивачи, а во него има и простор наменет за деца.
Не е познато дали во моментот на пукањето имало деца во кафулето, но жители и очевидци изјавиле дека на автобуската станица имало голем број деца кои се уплашиле и се разбегале, и додале дека долго се чекало на пристигнувањето на итната помош.
Жителите посочиле дека последните месеци имале големи проблеми со навивачки групи, за што редовно пријавувале во полиција. Полицијата и обвинителството реагирале кога медиумите укажувале на тоа.
„За нив ова е шокантно, но не толку изненадувачко, затоа што навивачките групи одамна прават проблеми,“ јави репортерката на „Н1“.
Засега нема официјални информации за мотивот за пукањето, а српски „Телеграф“ пишува дека станува збор за пресметка меѓу навивачи.