Економија
Државата дава по 80 илјади денари за фотонапонски централи во домаќинствата, 20.000 денари за ПВЦ-прозорци и 15.000 денари за сончеви колектори

Министерството за економија како и претходните години нема да го скрати буџетот, туку, напротив, ќе го зголеми буџетот за програмата за обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари.
Министерството за економија годинава првпат ќе дава субвенции до 80.000 денари за вградување фотонапонски електроцентрали во домаќинствата, а ќе продолжи и со субвенциите за ПВЦ-прозорци до 20.000 денари за домаќинство и за сончеви колектори до 15.000 денари. Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека буџетот за оваа намена година не е скратен, туку напротив, зголемен е и изнесува вкупно 70 милиони денари.
„За надомест на дел од трошоците за купени или вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година предвидени се вкупно 25 милиони денари за над 1.200 домаќинства во државата. Со цел да ја подобрат енергетската ефикасност на објектите, на лицата што ќе купат или вградат ПВЦ-прозорци ќе им обезбедиме поврат на средства до 50 % од трошокот, но не повеќе од 20 илјади денари од домаќинство. За вградување сончеви термални колекторски системи предвидени се 15 милиони денари за над 1000 домаќинства. Кофинансирањето е до 30 %, но не повеќе од 15 илјади денари од домаќинство. Третата мерка е надоместување трошоци на дел од трошоците за купување и инсталирање фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати во согласност со новата одлука што ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталирана можност во секое домаќинство. Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства како мерка што првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде до 30 %, но не повеќе од 80.000 денари“, рече министерот Бектеши.
Дополнително на тоа, министерот Бектеши потсети дека во согласност со новиот правилник и другите законски акти обврска на универзалниот снабдувач на електрична енергија е да го преземе произведениот вишок енергија од домаќинствата, да им ја плати произведената енергија или да им ја надомести на оние што ќе се одлучат за вакви инвестиции.
За Струмица и за Куманово, каде што веќе има мрежа за природен гас, предвидени се субвенции за приклучок на мрежата во висина од 70 % од трошокот, но не повеќе од 25.000 денари.
Министерството за економија до крајот на мај за стопанството ќе ги кофинансира сите инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби или за производниот процес и ќе покрива 20 % од трошокот. Целта на оваа мерка е да се намали потрошувачката на енергија од универзалниот снабдувач, кој се снабдува од ЕСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Министерство за енергетика: Стабилни инвестиции во обновливи извори, започна подготовката за воведување на CfD механизам во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го започна процесот за воведување на механизмот „договори за разлика“ (Contract-for-Difference – CfD) како нов модел за поддршка на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Моделот CfD, веќе докажан низ ЕУ, ќе ги забрза инвестициите во капацитети за обновливи извори на енергија, а истовремено ќе ги заштити потрошувачите од нестабилноста на пазарот.
На денешниот кик-оф состанок, министерката Сања Божиновска истакна дека CfD не е само финансиски инструмент, туку системска промена што обезбедува стабилност за инвеститорите и заштита за потрошувачите.
„Со оваа реформа поставуваме предвидливи и одржливи услови за инвестиции во соларни и ветерни капацитети, со што ги забрзуваме нашите амбициозни цели – 1.7 GW обновлива енергија до 2030 година. CfD механизмот создава сигурност, пониски трошоци и конкурентен пазар, што е клучно за забрзаната транзиција кон чиста енергија.“ изјави министерката Божиновска.
Со поддршка на ЕБОР и експертиза од меѓународни партнери, Македонија ќе го приспособи овој механизам на локалниот енергетски пазар, отворајќи нови можности за инвеститорите. Очекувањата се дека ова ќе доведе до забрзан развој на обновливите извори и стабилни долгорочни цени за потрошувачите.
Процесот на подготовка продолжува во наредните месеци, со детална анализа на регулативата и финансиските аспекти, со цел да се создаде модел што ќе донесе реални и одржливи резултати за македонската енергетика.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на одлуката од 24.3.2025 година.
Од 2.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 79,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 69,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 69,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 41,705 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,950 ден/кг и сега ќе изнесува 41,705 /кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 3,381%, кај дизелот зголемувањето е во просек за 1,884%, кај екстра лесното масло зголемувањето е во просек за 1,987% и кај мазутот зголемување во просек за околу 2,396%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,7218%.
Економија
Николоски: Креираме нов едношалтерски систем и поефикасни постапки за увоз, извоз и транзит на стока

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска претседаваше со Комитетот за управување со Националниот едношалтерски систем.
Комитетот го усови предлог на Законот за едношалтерска околина, нов закон со кој ќе се обезбеди збир на едношалтерски услуги кои ги обезбедуваат 15 институции во делот на увозот, извозот и транзитот на стока.
Целта на оваа регулатива е да се олесни трговијата преку рационализација на процесите при апликација и издавање на дозволи, нивната обработка и процесот на царинење на стоките при увоз, извоз и транзит низ државата.
Исто така со Законот се постигнува интероперабилност, односно размена на податоци меѓу сите инститиуции на национално ниво, подобра соработка како и координирани активности во рамки на овој систем.
Законот има за цел да направи и услогласување со европската регулатива, како и целосно усогласување со нецаринските системи во земјите од ЦЕФТА.
Република Македонија е дел од проектот за олеснување на транспортот и трговијата во земјите од Западен Балкан каде една од компонентите е имплементацијатa на овој Нов Национален Едношалтерски Систем што подразбира целосна замена на тековниот систем за управување со дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки со нов систем.
Во рамките на оваа активност, Министерството за транспорт преку Проектната единица во рамки на самото министерство е во фаза на подготовна на тендерска документација за нова електронска “Платформа за дозволи” како и хардверска опрема, која се очекува да се распише во месец мај оваа година.
Овoj софтвер подразбира дека во иднина сите дозволи за увоз, извоз и транзит како и плаќањето, ќе се одвива по електронски пат на една точка.