Македонија
(Видео) Трајчева го гони Рашковски и за ново кривично дело: Свесно употребил лажен доказ за кој знаел дека не е точен
Обвинителката Ивана Трајчева го гони ексгенералниот секретар Драги Рашковски и за ново дело – фалсификување исправа. Таа тврди дека тој свесно употребил лажен документ од банка за да докаже невиност во случајот „Софтвери“. Според обвинителката, Рашковски доставил картичка од банковна партија за лицето Љубен Милошоски за да прикаже одлив на средства од 620.033 денари и минусно салдо од 554.519 денари. Според Обвинителството, ова е невозможно бидејќи на сметката од Милошоски (роднина на семејството Рашковски) имало банкарски лимит на приближно 50.000 денари. Со документот од банка Рашковски правдаше потекло на парите на сметките од своите деца.
„Во делот меѓу другите докази предложени и изведени од страна на обвинетиот Драги Рашковски беше изведена и картичка од банковната партија за конкретното лице што го споменав (Љубен Милошоски) и на оваа банковна партија стоеше колкав е лимитот на лицето. И покрај лимитот, стоеше дека оди во многу поголем износ во минусно салдо, што едноставно не е возможно од причина што и сите знаете дека колку што е лимитот, толку може да се оди во минусно салдо. Со оглед што и самиот обвинет при изведувањето на доказите го потенцира овој дел, односно колку ова лице отишло во минусно салдо, за Обвинителството е неоспорно дека знаел што во суштина прави лажниот доказ. Кривичното дело што му се става на товар на обвинетиот е фалсификување исправа, но по самиот опис на дејствата произлегува дека обвинетиот Драги Рашковски свесно употребил лажен доказ за кој знаел дека не е точен, дека не е вистински, но свесно го употребил во текот на одбраната“, рече обвинителката Трајчева во изјава за „Макфакс“.
Адвокатот Владимир Доневски, бранител на Рашковски, бараше одлагање на расправата.
„Во однос на измените на обвинителниот акт, има повлекување дело. Ние ќе имаме потреба од одлагање на денешната главна расправа. Бидејќи има проширување, а одлагањето е потребно заради аргументирање и спротивставување на наводите на Обвинителството, да доставиме дополнителни докази, особено оригиналот на изводот од картичката. Предлагам судот ако има согласност на Обвинителството во овој дел да ја издвои постапката за обвинителниот предлог, а ако нема, и судот смета дека нема услови за тоа, да ни се даде рок за подготвување на одбраната“, рече адвокатот на Рашковски.
Се спротивстави обвинителката Трајчева на ваквиот предлог.
„Сметам дека не треба да се прифати предлогот за одвојување на постапката, а заради прибавување оригинален доказ, од причина што Обвинителството во доказната постапка достави оригинален доказ од НЛБ банка за лицето од кое беше употребена картичката за банковната партија и на таа картичка за банковната партија има потпис и печат на секоја нејзина страна, со што неоспорно се потврдува веродостојноста на доказот. Од друга страна, при образлагањето за обвинителниот предлог и на што тој се темели, доказите за овој обвинителен предлог се изведени во текот на постапката. Ниту Обвинителството не достави нови докази со поднесување на обвинителниот предлог. Ценам дека судот има доволно докази врз основа на кои може да ја утврди фактичката состојба во предметот. Се противам на одбраната да ѝ биде дадено дополнително време за спремање на одбраната од причина што, во согласност со утврдената динамика, на следното рочиште само Јавното обвинителство ќе дава завршни зборови, па дури потоа е планирано да се почне со завршни зборови за одбраната. Имајќи го предвид временскиот рок, како и фактот дека сите докази се изведени, меѓу кои и доказите на обвинетиот Рашковски, одбраната има време за завршни зборови на рочиштето за кое беше планирано“, врати Трајчева.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска не го прифати предлогот за раздвојување на постапката и рече: „Специфична ситуација е дека делото е сторено во текот на главната расправа. Тоа се содржи во списите на предметот“.
Трајчева на рочиштето направи и измена на обвинителниот акт.
Прашана од „Макфакс“ дали со измените му се олеснува положбата и дали може да добие поблага казна, Трајчева одговори: „За казната јас не би можела да кажам бидејќи тоа е одлука на судот дали ќе има осудителна или ослободителна пресуда и доколку има осудителна, колкава би била казната. Но, има само намалување во поглед на износот на паричните средства и временскиот период со оглед да финансиската состојба на обвинетиот Драги Рашковски беше испитувана од страна на Обвинителството за целиот временски период додека бил генерален секретар, а потоа советник. Со оглед на тоа што не се отвори точно од кое кривично дело потекнуваат парите од 2017 година до првата уплата од предметните јавни набавки, а притоа од сите податоци, односно докази што се набавени не произлегува дека можел да ги стекне на легален начин овие парични средства, од тие причини денеска јас како обвинител што постапува по предметот направив измена, го намалив временскиот период и го намалив износот на паричните средства, но истото кривично дело му останува. Но, за периодот од 2017 до првата уплата од парите од јавните набавки за овој временски период сосе доказите во согласност со склучениот меморандум помеѓу ДКСК и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Обвинителството испрати известување со прилог документација како надлежна институција до комисијата за да го испита овој временски период, односно дали овие парични средства имаат легално потекло или не бидејќи, според Обвинителството, немаат легално потекло“, рече обвинителката Трајчева.
Следното рочиште е закажано за 12 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

