Македонија
„Никоб обезбедување“: Нападите што ги лансира „Гласен текстилец“ се тенденциозни и крајно непрофесионални

Компанијата ги оценува како тенденциозни и крајно непрофесионални нападите кои ги лансираше „Гласен текстилец“ во врска со деловната одлука на Корисникот на услуги, која е надвор од наша можност на влијание.
Станува збор за промена на начинот на обезбедување од 24 часовен на 12 часовен, и од тие причини вработените од дирекцијата за физичко обезбедување на НИКОБ што беа ангажирани да ги обезбедуваат објектите на државната управа низ државата мораше да бидат прераспределени на други објекти што е редовна пракса кај агенциите за обезбедување.
Од непознати причини мал дел од вработените одбија да бидат распределени во рамки на можностите кои во моментот ги има компанијата. Право на личен избор на секој од нив е дали тоа ќе го прифатат или не.
Компанијата Никоб Обезбедување останува посветена на високите стандарди за работа и давање на врвни услуги од нашиот домен на работа. Ние и понатака ќе одговараме на барањата на сите клиенти согласно склучените договори, а според нашите високо професионални стандарди.
Создавањето искривена перцепција кај читателите не е реалната слика и вистинска информација за состојбите поврзани со конкретниот настан и не е во ничија корист.
За сите останати прашања вработените може во секое време да се обратат во секторите на компанијата, што е веќе 25 години воспоставена пракса. Ова е единствениот начин на кој се создава добра пракса и доверба.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонија и Италија за користење на ЕУ фондови

Во рамките на официјалната посета на Република Италија од делегација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, предводена од Петар Богојески, во Рим беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу македонската и италијанската Национална агенција, предводена од Федерика Целестини Кампанари.
Овој стратешки документ претставува темел за унапредување на билатералната соработка во областите на образованието, науката, младите, спортот и културата, со што се отвораат нови перспективи за директна поддршка на македонските универзитети, училишта, младински организации и компании преку европски фондови од Брисел, чии финансиски капацитети се значително повисоки од оние кои се достапни преку националните програми.
Потпишувањето на ваков документ со една од основачките и водечки земји-членки на Европската Унија, Италија, претставува чин од особена важност за Република Македонија. Истовремено, тоа е јасен сигнал за проширување на европската солидарност и зацврстување на меѓусебната доверба и партнерство на полето на образовниот и научниот развој.
Со овој договор, корисниците од Република Македонија ќе добијат непосреден пристап до институционални мрежи, програми и партнери од Италија, со можност за заедничка реализација на проекти и иницијативи од европски ранг.
Ова партнерство претставува уште еден чекор напред во заложбите на Националната агенција за создавање нови можности за македонските граѓани, во духот на европските вредности, меѓународната соработка и одржливиот развој.
Националната агенција изразува длабока благодарност до италијанските домаќини за топлиот прием и за визионерскиот пристап кон заедничката европска иднина на нашите млади генерации.
Македонија
Ѓорѓиевски: Награди за талентираните ученици

„Кисела Вода изобилува со талентирани ученици, на што сме исклучително горди! За таа цел, објавен е јавниот повик за доделување на награди на талентирани ученици и спортисти од основните училишта на територијата на Кисела Вода, што претставува еден стимул за нивното понатамошно градење како личности“, велат од Општината.
„Имено, се работи за Јавен повик за пријавување на најдобрите основци кои, постигнале одлични резултати на натпреварите во образованието, културата, науката и спортот кои ќе добијат финансиска поддршка, а мешовити комисии составени од претставници на Советите на родителите, наставничките совети, општинската администрација итн, ќе се погрижат за објективен и транспарентен избор на најдобрите, согласно Правилниците донесени од страна на Советот на општината, за таа намена.
Огласот е објавен на веб страната на општината и ќе трае пет дена од денот на објавувањето, а покрај објавата на општинската веб-страна и социјалните медиуми, истиот ќе биде објавен и на огласните табли на сите воспитно-образовни установи во општината.
Ги повикуваме сите заинтересирани кандидати кои ги исполнуваат условите наведени во огласот, да не се колебаат и да земат учество во изборот“, се додава во соопштението на Општината.
Јавниот оглас и потребните документи за апликација може да ги најдете на следниот линк
Македонија
(Фото) Герасимовски во Капиштец: Вложуваме во квалитетен живот на центарци, програмата заедно ќе ја пишуваме

Општина Центар, синоќа го почна караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ во населбата Капиштец.
Герасимовски, како што соопштува Општината, во интерес на транспарентноста и решавање на проблемите на центарци, во следните три недели ќе ги посети жителите и заеднички ќе дискутираат за проектите што се спроведуваат, но и ќе ги сослуша сите проблеми и идеи со кои ќе се креира новата четиригодишна програма за уште поубав Центар.
Пред жителите на Капиштец, Герасимовски информираше дека програмата за работа мора да произлезе од центарци, затоа што само така може општината да работи во интерес на граѓаните. Тој истакна дека во завршна фаза е реконструкцијата на паркот во Капиштец на површина од 7.800 м², кадешто има ново зеленило, нови патеки, урбана опрема и ЛЕД осветлување.
„Вложуваме во сè што значи квалитетен живот. Паркот во Капиштец целосно го обновивме и хортикултурно го уредивме, со нови дрвја, клупи и осветлување. Инвестираме во нова инфраструктура, ги реконструиравме улиците „Козара“, „Шарски Одред“ и го реконструиравме тротоарот на ул. „Народен Фронт“. Детското игралиште кај трговскиот центар „Зебра“ и спортското игралиште на ул. „Народен Фронт“ ги обновивме. Можам да кажам дека ги подобривме условите во целата населба. Пензионерите добија свој пензионерски клуб во Капиштец кадешто секојдневно се дружат и социјализираат“, рече Герасимовски.
Герасимовски, потенцираше дека се расчистени дивите депонии спроти Католичка црква и на ул. „Народен фронт“. „Општинските служби секојдневно се грижат за хигиената на општината, чистејќи го и сметот, но и дивите депонии. Изминатиов период, ЈП „Комунална хигиена“ потфрли во чистењето на контејнерите на територија на Центар поради што спремаме и кривични пријави. Недозволиво е централното градско подрачје да изгледа вака поради пропусти на градската власт“, посочи Герасимовски.
Караванот „Се гледаме во маало со Горан Герасимовски“ продолжува и денеска, на средби со центарци во Дебар маало, кај клупата на Горан Стефановски, со почеток во 18.30 часот.