Топ
(Видео) Детали за несреќата во Скопје со превртена Брза помош: тројца повредени, еден со потешки последици

Во несреќата кај „ЕУ инфо центар“, најтешки повреди има возачот на автомобилот „фолкфаген туран“ кој се судри со кумановското возило на Брза помош. Повреден е и пациентот, како и сопатничка од возилото за Брза помош. Автомобилот го управувал скопјанец на возраст од 57 години, додека пациентот кој се наоѓал во медицинското возило има 72 години.
„Пријавено дека во Скопје на крстосницата од бул.“Климент Охридски“ и ул.“Св.Кирил и Методиј“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ч.Д.(57) од Скопје и возило “мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки сопственост на Итна медицинска помош управувано од В.С.(23) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ч.Д., а со телесни повреди се здобиле возачот на возилото од Итна медицинска помош, сопатничката од истото возило А.К.(40) и лицето кое се превезувало како пациент Ж.Ц.(72) двајцата од Куманово констатирани во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ и Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’“, велат од МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Либералите бараат воведување на електронска нараквица за насилниците: „Трагедијата на Росица да биде последна“

Либерално-демократската партија предлага воведување на електронска нараквица за насилниците, по двојното убиство во Велес, кога Илија – поранешниот партнер на Росица – ја уби неа и нејзиниот татко.
„Нашето главно прашање е: дали вие, пратеници и пратенички, сте свесни дека со тоа што на 1 април не се издигнавте над партиските интереси и не дадовте поддршка на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, му овозможивте на Илија ладнокрвно да ги убие Росица и нејзиниот татко“, изјави Цветанка Геговска од Извршниот одбор на ЛДП.
Таа потсети дека, доколку измените предложени од нивната пратеничка и претседателка Моника Зајкова беа веќе усвоени, сторителот ќе носеше електронска нараквица и денес Росица и нејзиниот татко ќе беа живи.
Електронската нараквица, како што објаснува Геговска, ја предупредува жртвата кога насилникот ќе се приближи на оддалеченост помала од 100 метри.
„Со оваа мерка ќе се зголеми степенот на заштита на жртвата и ќе се намали можноста за повторно изложување на насилство. Нека трагедијата на Росица и нејзиниот татко биде последна“, порача таа.
Геговска ги потсети пратениците дека граѓаните ги избраа да носат одлуки со кои ќе го подобрат секојдневието и апелира, без разлика на политичката, етничката или верската припадност, да гласаат за воведување на електронската нараквица и да се стави крај на ваквите трагедии.
Македонија
Под истрага четири лица, меѓу кои татко и ќерка за Трубарево – непрописно ги складирале батериите и тонерите, што ги загадија почвата и воздухот

Скопското Обвинителство отвори истрага против четири лица и една фирма поради загрозување на животната средина. Се сомничи дека во фирмата непрописно се складирале електронски отпад, батерии, акумулатори и тонери на парцела во Трубарево, со што предизвикале сериозно загадување на почвата и на воздухот и опасност за здравјето на луѓето.
Главен осомничен е човек, кој, иако формално не бил управител, реално го водел работењето на фирмата. Заедно со ќерка си – формална управителка – и уште двајца соработници, организирал собирање, складирање и обработка на отпадот спротивно на законот.
„Тој и ќерката како соизвршители што постапиле спротивно на Законот за управување со отпадот и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и на воздухот, односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери“, соопшти Обвинителството.
Третиот осомничен е раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад. Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање работен однос, сепак презел дејства со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички го обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември депонираниот отпад се запали, а пожарот бргу се прошири и не можеше да се стави под контрола. Обвинителството потсетува дека согореле огромни количини електронски отпад и објекти на подружницата за рециклирање, а во воздухот се ослободиле токсични гасови, чад и пепел. Мерењата на Армијата и н аИнспекторатот за животна средина потврдија висока загаденост.
Поради тежината на делото, Обвинителството побара притвор за првиот осомничен, а за другите тројца куќен притвор. Се проверува и одговорноста на други лица.
Македонија
Поврзаноста не се мери во „допаѓања“, туку во љубов и присуство, порача Ѓорге Иванов на Конгресот на религии во Казахстан

Во периодот од 15 до 18 септември, поранешниот претседател на Република Македонија (2009 – 2019), Ѓорге Иванов, учествуваше на осмиот Конгрес на лидерите на светските и на традиционалните религии, што се одржа во Астана под покровителство и со претседавање на претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.
Во рамките на конгресот претседателот Иванов се обрати на панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, каде што во своето излагање ја истакна двојната природа на новите технологии и на вештачката интелигенција – можностите што ги создаваат и отвораат, но и предизвиците што стојат пред духовноста и човечноста.
Иванов предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во ‘допаѓања’, туку во љубов и присуство“ додавајќи дека духовните водачи имаат клучна улога да ги насочат луѓето кон трајните духовни вредности во еден свет што често нуди брзи, но празни одговори. Тој нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смее да бидат жртвувани во трката по иновации и повика на заедничка соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите во градењето етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција и заемно почитување, тој порача дека технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме, туку да ни помогне подобро да се откриеме себеси.
На овој значаен настан во Астана учествуваа повеќе од 100 делегации од 60-ина земји од целиот свет, меѓу кои и највисоките духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и од шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.
Претседателот Иванов го искористи своето присуство и за повеќе средби со учесниците со кои разговараше за современите предизвици на духовноста, за потребата од унапредување на дијалогот и за градење мостови на доверба. Во овие средби тој ја истакна важноста на Македонија како пример на вековно меѓурелигиско, меѓуетничко и меѓукултурно почитување и заедништво пренесувајќи ја пораката дека малите земји преку мудрост и искуство може да придонесат за глобалниот мир и за стабилност, особено во време на глобални несигурности и брзи промени кога улогата на духовноста и дијалогот е уште поважна за зачувување на човечките вредности и за градење посигурна иднина за следните генерации.