Македонија
Родителите на Јана еден месец откако почина: Ја качија на интензивна мртва само за да ги средат документите

Семејството на петгодишната Јана која почина во битолската болница откако прими инфузија, еден месец по загубата е уште поуверено дека лекарка грешка е причина за смртта. Таткото, Стојче Христовски, за „Макфакс“ вели дека од шокот не забележале дека лекарите уште веднаш почнале да ги токмат документите за да се заштитат.
„Ние бевме во шок и се надевавме дека нешто ќе се случи, но еве сега кога размислуваме, јасно ни е дека ја качија на интензивна нега мртва. И самите видовме дека отиде, пред нас се случи, пред нас ја реанимираа, а таа не даваше знаци на живот. И нив им беше јасно, но за да ја стокмат документацијата ја качија на интензивна. Да не стои дека починала на детско. Ни кажаа дека починала речиси три часа подоцна. Немаа ниту историја отворено. Ме натераа да отворам кога ја реанимираа. И за обдукцијата прво ни рекоа дека ќе завршат за два часа и ќе ни го дадат телот, но ја направија дури следниот ден. Од оваа временска дистанца гледаме дека во целиот случај има многу матни работи“, вели таткото Христовски.
Изминатиов месец, додека ги чекаат резултатите од обдукцијата, родителите на Јана ги исконтактирале многумина кои имале ист или сличен случај. Добиле поддршка да се изборат за вистината и од лекари од земјава, но и од странство кои го делат мислењето дека за Јана била пресудна инфузијата со глукоза при покачен шеќер.
„Ни се јави една мајка на 11-годишно дете со истите симптоми како Јана, вклучително и покачениот шеќер. Ни рече ’не ми се влегуваше в болница по вашиот случај’ оти сè било исто како кај Јана. Но кога отишле во болница на детето не му дале инфузија со глукоза туку му дале физиолошки раствор. И не е само таа. Ни се јавија и други, кажаа дека и нивни блиски починале по инфузија со глукоза. Јана не е единствен случај. Тие имаат документирано сè, се обратиле на многу места, но од никаде одговор на добиле“, објасни Христовски.
Иако и лично од министерот за здравство, Фатмир Меџити, добиле уверување дека случајот ќе се истера до крај, родителите на Јана немаат голема верба дека ќе биде утврдена грешка во лекувањето.
Добиле покана да се јават во Обвинителството за две и пол недели. Битолското Обвинителство веќе извести дека врши распит на лица за кои сметаат дека имаат сознанија за случајот, а за одлука ќе чекаат да стигне наодот од обдукцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Македонија
„Уапсени се полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер“: СДСМ ја поздрави акцијата на ОЈО ГОК за Кочани

„Ја поздравуваме вечерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција во која се лишени од слобода полицајци и полициски функционери кои биле на смена кобната вечер на 16 март во т.н. дискотека Пулс во Кочани“, соопшти СДСМ.
„Фактот што четири месеци ВМРО-ДПМНЕ се обидуваше да ја сокрие одговорноста на полицајците и полициските функционери, фактот што нивната вина беше негирана од страна на Панче Тошковски и Христијан Мицкоски укажува на тоа дека сите биле вмешани или на некој начин знаеле за нелегалното работење на Пулс и тоа го одобрувале.
Само поради обидите да се сокрие одговорноста од страна на Тошковски и Мицкоски на лицата кои тие ги поставија за полицајци, командири и началници би требало веднаш да си поднесат оставки.
Одговорност мора да има и за Александар Јанев, директорот на БЈБ. Тошковски и Јанев не смеат повеќе да ја попречуваат истрагата ниту да влијаат некој да не сноси одговорност.
Вистината за Кочани која цела недела ја објавуваше СДСМ е точна. Се покажа дека без силен притисок на јавноста, на дел од медиумите и на СДСМ нема да има правда за Кочани. Време е за одговорност, време е за оставки“, се додава во соопштението на СДСМ.