Свет
Пригожин: Во „Вагнер“ се бореше синот на портпаролот на Путин
Синот на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, се борел во Украина заедно со платеничките сили на приватната руска воена компанија Вагнер, откри шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин. Пригожин рече дека Песков, кој е доверлив човек на рускиот претседател Владимир Путин, лично му се обратил да разговара за вклучување на неговиот син во војната.
Шефот на Вагнер рече дека го советувал Песков да не го испраќа својот син да им се придружи на редовните руски трупи, кои Пригожин постојано ги критикуваше за лошата опрема и несоодветната обука и лидерство.
Синот на Песков, Николај, кој долго време живеел во Британија и е познат и како Николај Чолес, за московскиот таблоид КП изјавил дека служел затоа што тоа го сметал за своја должност. Печатот објави и фотографија од 33-годишниот Николај во воена униформа. Се наведува и дека бил одликуван. Критичарите, сепак, рекоа дека нема доказ за неговото наводно воено распоредување.
Пригожин рече дека синот на Песков служел како стрелец во војната во Украина во источниот регион Луганск под лажно име по тринеделна обука. Пригожин го оцени воениот рок на Песков како примерен.
Децата на поголемиот дел од руската елита ги избегнаа воените дејствија“, рече Пригожин. „Родителите ги кријат“, се пожали 61-годишниот шеф на Вагнер. Тој додаде дека синовите на водечките Руси се испраќаат на универзитет, каде што се ослободени од служење во вооружените сили, додека децата на работниците умираат во војната.
Пригожин не дал никакви докази за распоредувањето на синот на Песков. Како и неговиот татко, Чолес е предмет на санкции од Западот наметнати по руската инвазија на Украина во февруари минатата година.
На веста прво немаше реакција со коментари во корист на Песков. Пригожин рече и дека Песков се обидел да го одврати својот син од намерата да оди во војна. Според Пригожин, распоредувањето на синот на портпаролот било чувано во тајност и од другите членови на Вагнер.
„За тоа знаевме само јас и шефот на службата за персонал. Николај Песков покажа храброст и херојство како и сите други“, додаде тој. Синот на Песков моментално е на одмор по шест месеци стаж, изјави шефот на Вагнер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

