Свет
Повеќе од 3.000 мигранти тргнаа на протестен марш во Мексико
Речиси 3.000 мигранти во неделата тргнаа во, како што ја нарекуваат, масовна протестна поворка во јужниот дел на Мексико за да побараат затворање на притворските центри како оној што се запали минатиот месец, при што загинаа 40 мигранти, пренесува „Хил“.
Пожарот во Сјудад Хуарез, преку границата од Ел Пасо, Тексас, почнал кога мигрант наводно запалил душеци од пена во знак на протест поради неговиот трансфер. Огнот набргу го наполнил објектот со чад, но никој не ги пуштил мигрантите надвор.
Мигрантите тргнале од градот Тапачула, во близина на границата со Гватемала, а нивната цел е да стигнат до Мексико Сити за да побараат промени во третманот на мигрантите.
„Можеше да биде секој од нас. Всушност, загинаа многу наши сонародници. Единственото што го бараме е правда“, вели мигрантката од Салвадор Миријам Аргуета за загинатите во пожарот.
Сепак, во минатото, многу вакви маршеви продолжуваа до границата со САД, што речиси секогаш е нивна цел. Мигрантите се главно од Централна Америка, Куба, Венецуела, Еквадор и од Колумбија.
Мексиканските власти наметнаа ограничувања со документи и подигнаа контролни пунктови на автопатот за да задржат десетици илјади фрустрирани мигранти во Тапачула, што им го отежнува патувањето до границата со САД.
Аргуета објаснува дека кога мигрантите бараат работа во Тапачула, тие добиваат работни места што можеби не се понижувачки, но Мексиканците сепак не прифаќаат напорна работа што се плаќа многу малку.
Организаторот на маршот Иринео Мухика вели дека мигрантите бараат распуштање на Агенцијата за имиграција во земјата, чии претставници се обвинети – некои се обвинети за убиство – за пожарот на 27 март. Мухика ги нарече притворските центри за мигранти затвори.
Мексиканското Обвинителство најави дека ќе поднесе обвиненија против клучниот човек во Агенцијата за имиграција, Франциско Гардуњо, кој не ја спречил катастрофата во Сјудад Хуарез и покрај претходните индикации за проблеми во притворскиите центри на неговата агенција.
Владините ревизии откриле „шеми на неодговорно однесување и повторени пропусти“ во институтот за имиграција.
Шест вработени на Националниот институт за имиграција, чувар во центарот и венецуелскиот мигрант обвинет за подметнување на пожарот веќе се во притвор и се соочуваат со обвиненија за убиство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија со Трамп; „Киев да престане со политичката уцена“
Унгарија се приклучува кон Американскиот мировен комитет и, како што вели шефот на дипломатијата Питер Сијарто, сака да учествува во медијацијата не само во Газа, туку и во Украина, додека во исто време вели дека Будимпешта нема да се согласи на, како што тврди, политичка уцена од Киев.
Сијарто изјави во Вашингтон дека овој комитет може да се справи не само со ситуацијата во Газа, туку и со конфликтот во Украина, објави „МТИ“.
Унгарскиот министер истакна дека новиот светски поредок зависи од билатералните односи, меѓувладината соработка и личните контакти, и дека дипломатските напори на американскиот претседател Доналд Трамп нудат шанса за мир, споредлива со Абрахамовите договори од 2020 година што ги нормализираа односите меѓу Израел и арапските земји.
Покрај својата улога во мировните напори, Унгарија ги штити своите енергетски интереси. Сијарто ја критикуваше Украина за она што тој го тврди како обид за политичка уцена во врска со прекинот на испораките на сурова нафта преку нафтоводот „Дружба“.
Свет
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“: Мерц не гледа брз крај на војната во Украина
Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека има мали шанси за брз крај на војната во Украина преку преговори.
Тој изјави за германските весници НБР и „Рајнфалц“ дека според него војната ќе заврши само кога една од двете страни ќе биде исцрпена, „или воено или економски“.
„Разумот и хуманитарните аргументи нема да го убедат рускиот претседател Владимир Путин. Тоа е горчливата вистина“, рече Мерц.
Според него, целта на европските напори е „да се спречи руската држава воено да ја продолжи војната и нејзиното финансирање“, според „Шпигел“. Мерц рече дека смета дека е практично невозможно нормалните односи со Путин некогаш да се вратат.
„Кога го гледам овој режим и овој слеп, бесен терор, имам малку надеж“, рече германскиот канцелар.
Според Мерц, руската „владејачка елита“ не може без војна во догледна иднина и мора да ја држи воената машина во функција бидејќи немаат план што друго да прават со стотици илјади војници, од кои некои се тешко трауматизирани, кога ќе се вратат од фронтот.
Регион
(Видео) Јахорина: Детето кое падна од жичарата претрпе сериозни повреди
Детето, кое вчера падна од жичарницата на планината Јахорина, е надвор од животна опасност, соопштија утрово за „БН ТВ“ од болницата во Источно Сараево.
„Детето е згрижено, претрпе фрактура на бутната коска, што е сериозна физичка повреда, и е испратено во матичната установа во Нови Сад на понатамошно лекување“, изјавија од болницата за „БН ТВ“.
Медиумите потсетуваат дека вчера се случи непријатен настан на Јахорина, кога едно дете беше оставено да виси од жичарницата, а потоа падна на земја од висина од неколку метри.
Сето ова го забележаа скијачите кои случајно се најдоа таму.
Полициската управа Источно Сараево досега не го коментирала случајот, според медиумите во регионот.
Како што изјавија од Олимпискиот центар Јахорина, наскоро ќе биде објавено соопштение во врска со овој настан.

