Култура
МКЦ Скопје е домаќин на завршната конференција на европскиот проект Big Time Takover!

ЈУ Младински културен центар Скопје денес и утре е домаќин на завршната конференција во рамките на европскиот проект Big Time Takover, со учество на културни работници и едукатори од Associazione culturale Mulab од Италија, Rinova Limited (Велика Британија), HFC-Hope for children CRC Policy Centar (Кипар) и Fundacija Arteria (Полска).
ЈУ МКЦ од јуни 2021 е дел од овој значаен меѓународен проект развиен преку „Еразмус KA2-програмата за соработка и иновација и размена на добри пракси на Европската Унија за стратешки партнерства“, кои вклучуваат образовни програми за млади“. Проектот има цел да ги поттикне младите да ги користат својата креативна моќ и потенцијалот на модерната технологија за да проговорат на прашањата што ја засегаат заедницата. МКЦ во овој проект ја согледува можноста да ги вклучи младите во креирање содржина што е во склоп на проектните активности и цели, но најмногу во интерес на сегашната итност во креирање грижлив пристап кон природата.
Јавниот дел на програмата се состои од отворање изложба во Галеријата 2 (над киното „Фросина“) в понеделник, 24 април, со почеток во 18.30 часот, која нуди можност да се запознаат учесниците и да се претстави документација на активностите на сите партнери од проектот. Од РС Македонија ќе биде претставен трудот на ученичките Ева Божиновска, од СУГС „Никола Карев“ во Скопје, која ја напиша приказната „Гаја и градината“, дистописка претстава за свет во кој се губи контактот со природата, која потоа беше илустрирана од Елена Апостоловска, Мирјана Спасоска и Јана Стефановска, ученички во втора година во средното уметничко училиште ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје на одделот за мултимедија. Во тек е подготовка на публикација која ќе биде промовирана пред јавноста во текот на мај 2023.
Следниот ден, во вторник, 25 април, со почеток во 10 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи завршната конференција. Воведен збор ќе имаат Маргарита Арсова, координаторка на проектот од страна на МКЦ заедно со Христина Иваноска и Јане Чаловски, визуелен уметници и ментори. Ќе следува презентација на Хајан ал-Халаби, познавач во областа на пермакултурата и соработник во проектот „ГРАДИДНИНА: Градината како инструмент, пермакултура како методологија“. Ќе следуваат презентации на партнерите Сара Симеоне и Барбара Руиз Лопез, Матерахуб од Италија, Енцо Пелегрини и Ана Марија Пиколи, Мулаб од Италија, Венанцјуш Охманод Фондацијата Артерија од Полска, Андреа-Фотини Хаџиконстантину и Аријана Тортели, од организацијата „Надеж за деца“, од Кипар, како и Тревор Бурџис од организацијата „Ринова“ од Лондон, Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Магично патување од срцето на Балканот до Шпанија

Звуците од кастењетите на прекрасната уметница Луцеро Тена и на харфата од Гзавије де Местре вчеравечер создадоа вистинска магија во акустичниот амбиент на црквата „Света Софија“ на Шпанската вечер што се организира традиционално, секоја година на фестивалот „Охридско лето“.
Шпанската вечер на отвори амбасадорот на Кралството Шпанија во Р.С.Македонија, Рафаел Сориано Ортиз кој рече дека „Охридско лето“ е настан кој не смее да се пропушти во лето зашто секоја година ги собира извонредните уметници од целиот свет.
-Фестивалот на тој начин ја исполнува својата цел да ја трансформира културата и уметноста со големо У во мост на разбирање помеѓу луѓето и нациите. Голема благодарност и честитки до сите кои го овозможуваат тоа. Шпанија и оваа година е присутна во Охрид. Во оваа прилика со големо задоволство ви ја претставувам извонредната Лусеро Тена, голема фламенко танчерка, во поголемиот дел од нејзината долга кариера. Таа сега е најголемиот виртуоз на кастењети во светот. Лусеро е придружувана од големиот уметник, Гзавије де Местре,исто така, виртуоз на својот инструмент и извонреден музиколог. Тие ќе изведат неколку дела заедно кои магично ќе не однесат од срцето на Балканот до мојата сакана Шпанија, рече амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Рафаел Сориано Ортиз.
Луцеро Тена, која италијанскиот печат ја нарече „Паганини на кастењетите“ е пионер во концептот „солист на кастењети“ и е препознатлива по нејзиниот специфичен стил на интерпретација. Во 2027 година заедно со Гзавије де Местре го издава ЦД-то „Шпанска серенада“ и го промовираат на турнеја низ светот. Во 2018 година настапува на „Холивуд Боул“ со Пласидо Доминго, на фестивалите МИТО и во Равена во Италија заедно со Гзавије де Местре и дебитира во „Филхармонијата“ во Париз. Ангажманите кои ја очекуваат се рецитали со Гзавије де Местре во Германија, Франција, Кина и Јапонија, како и на фестивалот „Шлезвиг-Холштајн“, настапи на шпанските летни фестивали, како и солистички настапи во шпанските театри и оперски куќи.
Гзавије де Местре е еден од водечките харфисти на денешницата и исклучително надарен и креативен музичар. Како виртуоз на харфата придонесува кон збогатување на репертоарот за овој инструмент, нарачувајќи нови дела од современите композитори, но и создавајќи транскрипции за харфа од веќе постоечкиот инструментален репертоар. Редовно настапува со водечките оркестри во светот како симфониските оркестри во Чикаго, Монтреал, Бирмингем, оркестрите на Шведското и Финското Радио, оркестрите во Лос Анџелес, Лондон, Санкт Петербург, Осло, Париз, Цирих, како и оркестрите во Кина, Сао Паоло и Салцбург, работејќи со диригенти како Сер Андре Превин, Сер Сајмон Ратл, Рикардо Мути, Даниеле Гати, Филип Жордан, Бертранд де Били, Андрес Орзоко Естрада, Даниел Хардинг, Сузана Малки и др.
Двајцата големи уметници, Луцеро Тена и Гзавије де Местре на концертот на „Охридско лето“ изведоа дела од нивниот албум кој е снимен за „Сони мјузик“ и е распродаван ширум светот.
Култура
Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак со емотивно видео: „Ја обожавав“

Раде Шербеџија се збогуваше со Габи Новак. Тој објави видео на Фејсбук во кое ја опиша Габи не само како голем уметник, туку и како свој долгогодишен пријател чие заминување му донесе голема тага.
„Кога Матија си замина, сите ние, нејзините блиски пријатели, се плашевме дали тоа срце ќе издржи. Не издржа. Габи Новак беше пред сè една од најбожествените пејачки. Зад тоа, по што ја паметиме – таа беше вистински пријателка на многу луѓе. Ја обожавав. Имав чест да бидам со неа и со целото фантастично семејство толку многу години. Таа беше исто така некако тивка, скромна, мудра“, рече тој.
„Не знам што друго да кажам освен тоа, освен огромна тага и жал што си замина. И покрај тоа, остана нешто што сите ќе го паметиме. Освен што не беше сама. Тоа беа Габи и Арсен и Арсен и Габи, двајцата што нè шармираа сите со својата харизма“, додаде тој.
Габи Новак почина на 11 август 2025 година на 90-годишна возраст. Нејзината кариера траеше речиси шест децении, а вклучуваше поп, шансона, џез, преработки и соработки со бројни музичари. Особено е значајна нејзината уметничка и животна врска со Арсен Дедиќ, со кого создаде уникатен музички опус исполнет со поезија, емоции и препознатлив звук.
Меѓу нејзините најпознати интерпретации се „Се сеќавам само на среќни денови“, „Вино и гитари“, „Долга, долга ноќ е“ и „Дозволете ми да спијам“. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и „Порина“ за нејзиниот посебен придонес во хрватската музика.
Култура
Драмскиот театар – Скопје со премиера на копродукциската претстава „Плејбои…“ на 39. фестивал „Град театар“ – Будва

Синоќа, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, Црна Гора, се играше премиера на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.
Во програмската белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“
На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Од 2012 до 2016 година тој работи како драматург во бројни претстави во различни хрватски театри. Од 2014 година редовно ги режира своите текстови. Пресвртница во неговата кариера во 2021 година е наградената претстава „Знаеш ти кој сум јас“, во продукција на ХНК Загреб. Сите негови проекти се примени со воодушевување кај стручната и пошироката јавност и се играат на реномирани фестивали во земјата и странство. Иван Пеновиќ е директор на Драмата во ХНК Сплит .
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).
Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
Претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на годинешниот 39. фестивал „Град театар“ Будва ќе биде изведена и вечерва и утре, на 12 и 13 август со почеток во 21 часот на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.
Непосредно по премиерата и двете изведби во Будва, македонската публика ја има можноста копродукциската претставата да ја гледа во недела на 17 август во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“. Претставата ќе се игра во 21 часот на „Долни Сарај“.