Македонија
Облачно време, со повремени врнежи од дожд и грмежи
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на места нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на ситен град, информираат од УХМР. Температурите ќе се движат од 12 до 22 Целзиусови степена.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а во делови од котлината нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме, со температури до 20 Целзиусови степени.
Утре нè очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. На места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, поизразен по должината на Повардарието и во источните делови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пожарникари извлекле жена во срушена куќа во Велес
Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало 2.142 повици во последното деноноќие на бројот за итни случаи 112, а немало пожари на отворено.
ЦУК информира дека вчера, од 9:30 до 10:15 часот, четворица пожарникари со едно противпожарно возило од ТППЕ Велес извлекле жена во срушена куќа. Жената се стекнала со мали повреди и со возило на итна медицинска помош била пренесена во болница во Велес.
ТППЕ Куманово дека вчера, од 12:08 до 12:30 часот, извлекувала лице од возило при сообраќајна незгода во близина на Домот за стари лица „Зафир Сајто“. Лицето, како што се наведува, имало тешки телесни повреди.
РЦУК Тетово, пак, информира дека околу 4:30 часот возило излетало во река во село Беловиште, Општина Гостивар. Се интервенирало со едно возило и четворица пожарникари. Сите лица биле извлечени, а само еден сопатник бил телесно повреден, кој бил пренесен во Гостиварскиот клинички центар.
Македонија
СДСМ: Скопје е како Див Запад, вчера беше рането 19-годишно момче
Секоја вечер во нашите градови има нови инциденти, пукања, насилство и криминал, а вчеравечер во Чаир во пукотница е повредено 19-годишно момче со 4 прострелни рани, реагираат од СДСМ.
„Ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи, Тошковски, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Улиците ни се претворија во Див Запад. Имаше пукање во Чаир, во Арачиново, се случи убиство кај Мавровка, а пред тоа пукања имаше и во Синѓелиќ, Батинци, Тетово, и на Пластичарска улица. За сите овие инциденти сторителите не се пронајдени, а од 10 убиства и обиди за убиства, Тошковски успеа да расчисти едвај еден случај. Граѓаните стравуваат за својата безбедност, а Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно неспособни да ги заштитат. За само 100 дена ова е еклатантен пример за неспособна власт каде криминалците прават што сакаат. Дали Мицкоски ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност, или повторно ќе застане во негова одбрана?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДС го подготви најскандалозниот тендер за пругата кон Бугарија
„Владата на СДС го подготви најскандалозниот тендер за пругата кон Бугарија која завршува во тунел без излез, а чини 560 милиони евра, неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека за да одиме напред мора да знаеме факти за минатото.
„За да одиме напред мора да знаеме што ни остави претходната влада на СДС и ДУИ. Да видиме каде сме треба да знаеме од каде почнавме и што наследивме? За да оцениме дали сме задоволни треба да знаеме што се случувало? Каква држава остави владата предводена од СДС? Држава која тоне во корупција и криминал, скандалозни тендери, руинирани институции, Македонија на дно во регионот по сите параметри и што уште не, листата е долга. Во низата скандалозни тендери се и оние на Македонски железници и Државни патишта. Станува збор за тендери за пругата кон Бугарија и патот Прилеп – Градско. Станува збор за најскап тендер за пругата кон Бугарија која завршува во тунел без излез, а вредноста е зголемена за 220 милиони и изнесува 560 милиони евра наместо првично предвидените 340 милиони евра. Овој начин на работа, вакво трошење на народните пари останува во минатото. Неспособноста завршува со нив, работиме 100 проценти одговорно за твојата иднина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.