Македонија
(Видео) Со аплауз дочекан докторот обвинет за пожарот во тетовската болница: Ослободете го, го чекаат пациенти
Докторот Бобан Вучевски, кој е обвинет за пожарот во модуларната болница во Тетово, со аплауз беше пречекан од пациенти пред судот, каде што се даваа завршни зборови. Тој се поздрави со некои од нив, кои беа собрани за да побараат слобода за него. Се заблагодари и за поддршката. Десетици граѓани порачаа дека судот треба да донесе ослободителна пресуда.
„Конечно, време е веќе да се донесе ослободителна пресуда за докторот. Да не доаѓа во овие судници, нему местото му е да биде со пациентите. Затоа, за жал, во нашата држава, најдобрите и најхумани доктори ќе ни ја напуштаат земјата и ќе нема кој да нè лекува. Овој доктор треба да биде награден, а не да доаѓа овде во судниците, затоа што нема никаква вина. Тој колку може – помагал и сè уште им помага на пациентите. Ова е нанесена неправда, тој треба да се награди, а не овде да си го губи времето. Него го чекаат пациенти на кои им дава што е можно најголема помош“, рече жена, која беше на протестот пред судот.
Лице дојдено да го поддржи докторот Бобан Вучевски му посочи на судот дека ако сака да го подобри процентот на доверба – тогаш да размислат за пресудата.
„Грешката е кај Обвинителство, докторот има обврска да ги лекува луѓето, а не да прави прием во модуларна болница, да проверува електрична инсталација, да провери дали панелите од бараките се огноотпорни или помалку запаливи. Вината е кај тој што ја конструирал модуларната болница, а не кај докторот, кој 24 часа им беше достапен на сите граѓани“, додаде друго лице, кое бара ослободување од вина.
Судењето е пред носење пресуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

