Македонија
Канческа-Милевска тврди дека е невина за „Тендери“, судот ќе каже дали е така за две недели

Завршија завршните зборови за „Тендери“ каде обвинета е Елизабета Канческа-Милевска. Таа се изјасни како невина во судскиот процес кој се суди пет години. Нејзините бранители посочија дека таа не ја злоупотребила службената положба и овластување.
Пресудата за овој случај, Канческа-Милевска која е ексминистерка за култура ќе ја чуе на 12 мај. Процесот го успори и нарачаното супевештачење од страна на судот.
Овој случај се врати на повторно судење откако минатиот пат пред изрекување на пресудата, судија-поротник отиде во пензија.
Во случајот „Тендери“ покрај ексминистерката Канческа-Милевска, за злоупотреба на службената положба и овластувања се гонат уште две лица. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на Музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: Интензивно се работи на изградба на нова детска градинка во Кисела Вода со сместувачки капацитет за 70 дечиња

Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во увид на градежни активности на нова детска градинка во Драчево.
„За неколку недели од денеска овој објект ќе биде целосно функционален и во годините коишто следат би требало да биде дом на отприлика 70-тина дечиња. И во таа насока ќе продолжиме и во периодот којшто следи“, кажа Мицкоски.
„Наследивме, би рекол, една прилично хаотична и катастрофална состојба. За дел од проблемите коишто ги наследивме зборуваше и градоначалникот, зборуваше и заменик-министерот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, но полека но, сигурно се надминуваат тие предизвици, посебно кога станува збор со листите на чекање за дечињата, но и за кадарот којшто треба да работи со децата во градинките.
Така што главен наш приоритет ќе продолжи да биде ова, односно изработка на инфраструктура, од проста причина што демографијата е еден од водечките предизвици коишто оваа Влада ќе треба во годините коишто следат да ги совлада. Затоа што демографијата подразбира каква иднина ќе имаме, дали ќе имаме иднина со многу дечиња или иднина во којашто за жал ќе биде и нацијата доведена под знак на прашање.
Еден од тие параметри во таа равенка е токму обезбедување доволно сместувачки капацитети за дечињата, бидејќи најголемиот дел од младите кога ги прашувате, како одговор кажуваат зошто не се одлучуваат на формирање семејство или многудетно семејство е токму листите на чекање во градинките“, рече Мицкоски.
„Така што, еве ние како Влада ќе работиме да нема листи на чекање, да има повеќе ваков тип на капацитети за повеќе дечиња. Тоа е она кое што е основна и суштинска политика на оваа Влада.
Јас на крај би сакал да му честитам на градоначалникот на Кисела Вода за посветената работа, овде изминативе речиси четири години. Слушнавте колку објекти од листа на чекање повеќе од 400 дечиња, сега ќе сведеме на нула, нема да има таква. Да се заблагодарам за посветеноста на пратеничката, на членовите на Советот, на администрацијата во рамките на Општина Кисела Вода, на сите оние коишто допринесоа Општина Кисела Вода да функционира навистина, би рекол одлично. Да му се заблагодарам на заменикот во Министерството за социјална политика, демографија и млади, на министерот на луѓето коишто неуморно работеа изминативе речиси 14 месеци да совладаат предизвици коишто беа наследени од минатото и очекувам така да продолжат во годините коишто следат. И да реализираме уште многу вакви проекти.
Ете тоа би било она коешто го би имал јас да го кажам и набргу од денеска оваа градинка, овој објект да биде ставен во функција. Тоа го посакувам на директорката и на сите тие коишто ќе го поминуваат денот тука во овој објект“, изјави Мицкоски.
Македонија
„СДС е последен што има основа да зборува за животниот стандард на граѓаните, а Филипче и Заев, освен луксузирања со народни пари, не знаат ништо друго“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„СДС се последни кои имаат основ да зборуваат за животниот стандард на граѓаните. СДС за почеток треба да погледнат назназад седум години и да видат што направија за стандардот на граѓаните“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Богданка Кузеска.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за само една година ги зголеми платите во повеќе области. Се зголемија платите во здравство, образование, социјала, полиција. Пензионерите за година и половина добиваат 7.000 денари повисоки пензии.
Дополнително, постојано има мерки кои се во насока на подобар животен стандард. За граѓаните се спроведуваат следните мерки како училишна кошничка, велигденска, рамазанска, новогодишна и слично. Во меѓувреме се работи на решение со кое ќе се намали високиот профит на производителите, дистрибутерите, или решение кое ќе води до тоа граѓаните да плаќаат реални цени за производите.
Сето ова е проследено и со инвестиции, намалување на јавниот долг, исплаќање на редовни субвенции за земјоделците, со цена на струјата која не е покачена нити еден процент.
Што правеше СДС седум години? Инфлацијата беше високи 20 проценти, околу 600 илјади граѓани живееја со 150 денари на ден, , сметките за струја се зголемуваа, јавниот долг беше над 60 проценти, а инвестициите најавувани од Зоран Заев останаа само во неговата глава.
Како и да е Заев не ги реализираше инвестициите, ама затоа со другарот Венко Филипче кој го стави да ја води СДС во пропаст никако не пропуштаат луксузирања било викенд луксузирања или одмори. Освен луксузните викенди и одмори, си купуваат авиокомпании, градат низ светот и сето тоа со украдени пари од народот.
Оттука лицемерно е СДС да зборува за граѓаните кои никогаш не биле на дневен ред на Заев и Филипче, а камоли да бидат приоритет.
ВМРО-ДПМНЕ се грижи за секој еден поединец во државава!“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Со закана изнудил 1,5 милион денари, поведена истрага за едно лице

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, постапувајќи по кривичната пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице за кривично дело – Измама, денеска ги разгледа наводите и прибавените докази, по што против осомничениот одлучи да поведе истрага за продолжено кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во периодот од 15.07.2025 до 28.07.2025, со намера да се стекне со противправна имотна корист, уверувал едно лице дека против него ќе биде поведена судска постапка доколку не исплати околу 1.500.000 денари.
Познавајќи го оштетеното лице од минатото, во повеќе наврати од различни телефонски броеви, претставувајќи се во име на министерот за внатрешни работи и тројца јавни обвинители, преку пораки го контактирал осомничениот и ги барал од него паричните средства со цел да биде изземен од обвинение, односно да не биде спроведена постапка против него.
Оштетеното лице, во четири наврати на различни локации во Скопје, му ги дало на осомничениот побараните парични средства.
Јавниот обвинител донесе одлука да поведе истрага за изнуда, бидејќи од преземените дејствија на осомничениот произлегува дека тој користел сериозна закана да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. За ова дело е предвидена построга затворска казна која изнесува најмалку една година, а може да биде изречен и законскиот максимум.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.