Спорт
Џими Батлер повторно кобен за Милвоки

Мајами Хит и Њујорк Никс ќе играат во полуфиналето во плеј-офот во Источната конференција. Двета тима со 4:1 ги елиминираа Милвоки Бакс, односно Кливленд Кавалирс.
Мајами во нестварен натпревар, по едно продолжение го победи Милвоки со 128:126.
Милвоки ја имаа победата во раце бидејќи водеа со 117:113 на 13,9 секунди до крајот, но Винсент постигна тројка, а Холидеј погоди едно од двете слободни фрлања на 2,1 секунди до крајот. Мајами имаше време да избори продолженија и го направи тоа преку Џими Батлер.
Батлер, натпреварот го заврши со 42 поени, со осум скока и четири асистенции.
Го следеше Винсент со 22 поени, а Адебајо постигна 20, со 10 скока и асистенции. Лав имаше дабл-дабл учинок со 15 поени и 12 скока.
Кај Милвоки, Јанис Адетокумбо беше најдобар со 38 поени, 20 скока и три асистенции, додека Мидлтон имаше 33 поени, со шест скока и загубени топки.
Учесници во полуфиналето на Истокот ќе бидат и Њујорк Никс, кои го победија Кливленд со 106:95. Њујорк до победата го предводеше Бренсон, кој постигна 23 поени, со четири скока и загубени топки. Кај Кавалирс се истакна Мичел со 28 поени (7ск, 5ас).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Заврши сезоната за Џек Дрејпер

Британскиот тенисер Џек Дрејпер ја заврши сезоната поради повреда на левата рака.
Седмиот играч на планетата, кој блескаше на Индијан Велс, каде што ја освои титулата, ќе мора да паузира до крајот на годината.
Во еден момент Дрејпер беше четврти на АТП листата, но неодамна доживеа пад, токму поради повредата.
Доживеа разочарување на Вимблдон каде што беше елиминиран од Марин Чилиќ во второто коло, а на Отвореното првенство на САД мораше да го предаде мечот од второто коло против Зизу Бергс.
Ова не е прв пат Дрејпер да се повреди, откако го пропушти Вимблдон во 2023 година и одредени турнири во 2024 година поради проблеми со физичката подготвеност.
Заедно со овогодинешниот Индијан Велс, Дрејпер славеше и во Виена и Штутгарт минатата сезона.
Спорт
Скалони: Каква и да биде одлуката на Меси, ние ќе ја почитуваме

Аргентинците немаа време ниту да ги избришат солзите од збогувањето на Меси на домашна почва кога станува збор за репрезентацијата, а ги дочека нов шок.
Лионел Меси, најголемиот фудбалски син на нацијата, по натпреварот со Венецуела пред некој ден изјави дека не знае дали ќе игра на Светското првенство и дека целата логика налага дека нема да биде таму.
Аргентинците се обидоа да добијат неколку утешни зборови од селекторот Лионел Скалони, за да им каже дека Меси само се шегувал, но всушност, нивните стравови само се продлабочија, бидејќи дури ни стратегот на Албиселесте не знае што ќе се случи до јуни следната година.
„Кои се шансите Меси да игра на Светското првенство? Мислам дека навистина не би било исправно сега да зборуваме за проценти, бидејќи искрено кажано, ни јас не знам. Многу работи можат да се случат додека не дојде време за одлука. Јас дури и не разговарав со Лео за тоа, само слушнав што изјави. Тој има време да одлучи и што и да е ќе ја почитуваме неговата одлука“, рече Скалони.
Селекторот на Аргентина се чини дека не е загрижен дури и доколку Меси реши да не игра на Светското првенство.
„Веќе го формиравме јадрото на тимот, сите го знаат тоа. Прво, да видиме што ќе ни кажат, колку играчи ќе можат да одат на Светското првенство, а потоа ќе одлучиме за составот.“
Спорт
Јувентус остана без важен играч за дербито против Интер

Фудбалскиот сојуз на Португалија објави дека 22-годишниот Франциско Консеисао морал да го напушти репрезентативниот камп по повреда на мускулот. Консеисао нема да ѝ помогне на Португалија во квалификацискиот натпревар овој вторник, на гостински терен против Унгарија во Будимпешта. Португалија досега одигра еден натпревар во квалификациската група и победи во Ерменија со убедливи 5:0.
Консеисао, фудбалер кој во кариерата одиграл 11 репрезентативни натпревари и постигнал два гола, веднаш заминал за Торино и ќе направи дополнителни тестови во својот клуб и ќе продолжи со закрепнувањето.
Јасно е дека тренерот на Јувентус, Игор Тудор, ќе мора да го состави тимот за дербито во сабота против Интер во Торино без Консеисао, играчот кој беше во неговиот почетен состав во првите две кола од Серија А.
Минатата сезона, Консеисао играше во Јувентус како позајмен од Порто, а клубот од Торино го откупи неговиот договор ова лето.
На почетокот од новата сезона, Јувентус забележа две победи, дома 2:0 против Парма и на гости 1:0 против Џенова.
Фото/ Принтскрин