Македонија
Загриженост за постапката против Ристовска покрената поради јавен став – Коалиција за правично судење со аларм за чекорите на обвинителскиот совет

Коалицијата за правично судење изрази загриженост откако Советот на јавни обвинители иницираше постапка до Етичкиот совет до Обвинителството за изјавата на обвинителката Ленче Ристоска.
Од Коалицијата велат дека на денешната седница било дискутирано за поведението на двајца обвинители кои не се појавувале на
работно место, односно за кои Советот немал информации за нивната работа цели 4 години, како и бил донесен заклучок Советот да се обрати до Етичкиот кодекс за постапување во врска со поведението на еден од двајцата обвинители поради изнесени јавни критики за работата на Советот.
Однесувањето на Ристоска на денешната седница на Советот било анализирано од аспект на тоа дали таквото негово постапување е спротивно на правилата предвидени со Етичкиот кодекс, поконкретно со членот 10 од истиот, кој се однесува на почитување на принципот на професионалност, од страна на јавните обвинители. При што на крајот од дискусијата, бил донесен заклучокот Советот да се обрати до Етичкиот совет на јавни обвинители за натамошно постапување.
„Коалицијата „Сите за правично судење“ би сакала да ја истакне својата загриженост за неинформираноста на Советот за работата на одредени јавни обвинители цели 4 години, иницирањето на постапка пред Етичкиот совет поради јавно изнесени критки на јавен обвинител, фактот што дискусијата за овие прашања се одвиваше под точката разно, како и фактот што во соопштението објавено на веб-страната на Советот отсуствуваат информации токму за овие точки на дискусија“, наведуваат од Коалицијата.
Поранешната обвинителка на СЈО, Ленче Ристоска, претходно вчера ја критикуваше работата на Советот за јавни обвинители, велејќи рече дека таму владеат клиентелистички односи.
„Се додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“, рече таа.
Според Ристоска, ова тело од формирањето во 2008 досега потфрлило во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова ветува фонд за лица во ризик за здравствена и социјална поддршка

Поставување нов систем на дневни центри и прифатилишта за жени жртви на насилство, нови сервиси за семејствата и парамедик служба која ќе им помогне на најранливите во нивните домови планира Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Град Скопје од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Во изјава за медиумите денеска таа кажа дека ќе биде основан фонд за лица во ризик со што ќе биде обезбедена здравствена и социјална поддршка во градот, а јавниот простор и транспорт, рече, ќе биде пристапен за лицата со попреченост.
-Градиме центри за дневна грижа за старите лица, отвораме мултисензорски соби во училиштата за децата со пречки во развојот и воспоставуваме програми за обука и вработување на ранливи групи. Нашата цел е јасна – Скопје да стане град на еднаквоста, поддршка и човечка солидарност. Имаме план, имаме решение и знаеме како да го спроведеме сето тоа, затоа што секој човек заслужува достоинствен живот во својот град, истакна Шукова.
Посочи дека во главниот град има луѓе кои живеат незабележани, стари лица кои се сами, жени кои трпат семејно насилство, деца со попреченост кои немаат соодветна поддршка.
-Тоа не смее да биде градската реалност. Имаме јасен план како да создадеме град кој се грижи, град во кој социјалните услуги се достапни, човечки и блиски до секого, додаде кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје.
Македонија
Ѓорѓиевски: Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина

Кога зборуваме за иднината на Скопје, секогаш почнувам од трите основни приоритети на моето делување – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз. Без чисти улици, уреден сообраќај и функционален систем, нема современ град. Но, истовремено, нема ни жив град без радост, култура и места каде нашите деца растат со насмевка. Ова го истакна денеска на прес-конференција, кандидатот за градоначалник на Скопје, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
– Затоа денес зборуваме за обновата на две локации, што за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – Луна паркот и Зоолошката градина. Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени, истакна Ѓорѓиевски.
Притоа, тој нагласи дека Скопје мора повторно да стане град каде детството има свое место, своја радост и свој дом.
– И токму затоа, сакам да најавам дека по многугодишно одолговлекување и празни ветувања, ние ќе започнеме со итна изградба на нов, модерен луна парк, наменет за сите генерации. Ова нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност. Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот, подвлече Ѓорѓиевски.
Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосната обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Тој најави исто така дека ќе ги реновираат живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба. Поставување на топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео – надзор, систем за безбедност и хигиена.
– Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање, останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку „Скопје сити гоу“ (Skopje City GO), за побрз и полесен пристап, рече тој.
Притоа, додаде дека ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење.
– Со ова, Зоолошката – Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, што ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот. Обновата на Луна паркот и ЗОО – Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот. Скопје повторно ќе биде град што се грижи за своите улици, за своите жители и за секое дете кое расте во него, подвлече Ѓорѓиевски.
На новинарско прашање, тој одговори дека до јуни 2027 година би требало да е готов луна паркот.
Македонија
Фатени шверцери на луксузни автомобили, ОЈО Скопје бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривични дела – Криумчарење и Фалсификување исправи.
Како што се наведува во соопштението од ЈОРМ, станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство преку фалсификување службени и други исправи. Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, против дел се веќе изречени пресуди, а за дел, се посочува, кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани.
-Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потрага. Притоа искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото. Втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага. Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава, наведуваат од Обвинителството.
Третиот осомничен, се додава, е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.
За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор. За едниот од нив кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, се наведува во соопштението.