Економија
СДСМ: Највисоки откупни цени на тутун, исплатени рекордни 26 милиони евра за тутунарите

Исплатени се рекордни 26,3 милиони евра субвенции за произведен и предаден тутун од реколтата 2022 година на сметките до 15.753 производители на тутун, соопшти СДСМ.
„Како што беше најавено, Владата предводена од СДСМ во април ги исплати субвенциите и тутунарите веќе ги добиваат средствата на своите сметки. Ова е историска и рекордна исплата. Висината на директните плаќања изнесуваат 80 денари за килограм за прва класа произведен и предаден тутун , 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа.
Откупот на тутунот од реколтата 2022 достигна рекордна откупна цена од 290 денари за килограм, што е зголемување од 44 % во споредба со реколтата од 2021 година. Истовремено, откупот помина без ниту еден проблем, а целокупното производство од реколтата 2022 беше откупено два месеца порано пред истекот на законскиот рок.
Дури 80 % од тутунот е откупен во прва класа, што претставува уште еден историски успех за производителите на тутун, а вкупната вредност на откупениот тутун во 2022 година достигна 6 милијарди денари и во целост е исплатен од страна на откупните претпријатија“, велат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Димитриеска – Кочоска ќе го следи поскапувањето на бензините, не кажа дали тоа ќе повлече други поскапувања

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар
Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Средба на гувернерот Славески со МБА: Стабилниот и одговорен банкарски сектор како неопходна потпора за економијата

„Во услови на светска неизвесност и постојани економски предизвици, воспоставувањето стабилен, добро капитализиран и одговорен банкарски сектор претставува суштинска потпора за граѓаните и за развојот на домашната економија.“ Ова беше една од централните пораки на средбата помеѓу гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и раководството на Македонската банкарска асоцијација (МБА) – претседателката, д-р Маја Стевкова Штериева и заменик-претседателот, м-р Бојан Стојаноски.
На средбата беше нагласено дека одржувањето на стабилноста на банкарскиот сектор е заеднички приоритет и предуслов за градење долгорочна доверба кај граѓаните и кај стопанството. Гувернерот Славески истакна дека банкарскиот сектор кај нас е добро капитализиран, со стапка на адекватност на капиталот од 19%, што овозможува отпорност и во услови на евентуални шокови. Воедно, беше потцртано дека Народната банка е активно вклучена во унапредувањето на регулативата преку свој придонес во подготовката на новиот Закон за банките, како и во доследното спроведување на Законот за решавање банки, заради понатамошно зајакнување на стабилноста и усогласеноста со европските стандарди.
„Народната банка преку добро поставените политики обезбедува стабилна и предвидлива средина. Тоа е предуслов за банките да ги исполнат очекувањата на граѓаните и компаниите – со сигурни, достапни и со квалитетни услуги“, рече гувернерот.
Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно унапредување на конкуренцијата во платниот промет, особено преку финтек-иновации и нови технологии. Во таа смисла беше отворено и прашањето за напредокот во пристапувањето на банките кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Беше нагласено дека крајниот рок за поднесување на барањата е 5 октомври оваа година и дека се очекува од банките да ги засилат активностите за навремено исполнување на оваа важна стратегиска цел, со која ќе се подобри интеграцијата и ефикасноста на прекуграничните плаќања.
Во однос на монетарната политика, гувернерот истакна дека Народната банка внимателно ги следи движењата на внатрешните и надворешните фактори на ризик. Секоја идна одлука за основната каматна стапка ќе биде донесена врз основа на детални макроекономски анализи, со цел да се зачува ценовната стабилност и да се поддржи економската активност.