Македонија
(Видео) Направена реконструкција на трасата по која бил возен исчезнатиот внук на Бошкоски
Реконструкцијата треба да даде повеќе детали за тоа каде е однесен Самоил Костадиновски, исчезнатиот внук на Љубе Бошкоски, од кого речиси два месеца нема ни трага ни глас. Според информации на „Макфакс“, осомничените за грабнувањето, кои се во притвор, биле однесени на локацијата, од каде што го зеле Костадиновски во скопско Пржино, па потоа на местото на кое го оставиле по што му се губи трагот.
Трасата на движење им се следи и преку надзорните камери од „Безбеден град“, но и од снимките од околните објекти. Неофицијално, истрагата напредува, а обвинителот посочува: „Преземени се огромен број дејства“.
„Меѓу другото, беше извршена и реконструкција на целиот настан во согласност со проверките направени до овој момент. Обвинителството крајно посветено работи на расчистување на настанот“, велат оттаму.
Извори за „Макфакс“ тврдат дека осомничените негираат вина, а истовремено посочуваат дека Костадиновски го оставиле во населба блиску до центарот на Скопје и оттогаш немале комуникација. Иако постојат сомнежи, тие не откриваат дали ова развозување на Костадиновски било дел од планот за да ѝ го предадат на друга група.
При претрес во затворот „Идризово“, каде што притвор издржуваат осомничените, беа најдени телефони. Затворската полиција ги најде и ги одзеде. Во нив имало комуникации, кои доведоа до акција на МВР за апсење наркогрупа. Потврда за одземените уреди даде и Филип Андов, директор на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари.
Уапсените што се во притвор се од Скопје. Едниот е 25-годишен, а другиот има 29 години. Двајцата се невработени. Пред судот негирале поврзаност со грабнувањето на Костадиновски. Добија притвор поради опасност од бегство.
Семејството на исчезнатиот речиси два месеца чека каква било информација за Костадиновски. Тие побараа помош и од граѓаните, а кои имаат сознанија, за да ги споделат со полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

