Свет
(видео) Белата куќа ги повика Американците да го напуштат Судан во следните 24-48 часа
Ситуацијата во Судан може да се влоши во секој момент и Американците треба да ја напуштат земјата во следните 24-48 часа, изјави во четвртокот портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, пренесува „Ројтерс“.
„Ситуацијата може да се влоши во секој момент. Континуирано работиме на создавање опции за американските граѓани да го напуштат Судан“, истакна таа на брифингот.
Според Жан-Пјер, Вашингтон е длабоко загрижен поради зачестените прекршувања на примирјето, а американскиот Стејт департмент распоредил дополнителен конзуларен персонал. Таа додава дека САД ги ангажирале американското разузнавање, надзор и извидувачки средства за поддршка на воздушните и копнените рути за евакуација, што ги користат Американците.
Вашингтон ги разместува и поморските сили во регионот позиционирајќи ги да обезбедат каква било неопходна поддршка по должината на суданскиот брег.
„Ова е динамична средина и секоја опција повлекува одреден степен на ризик. Но, бидејќи ситуацијата веројатно нема да се подобри, апелираме до Американците што сакаат да заминат да ги искористат опциите што им се достапни во следните 24-48 часа“, повтори таа.
Како што се развива кризата во Судан, се зголемува и гневот кај Американците што се чувствуваат напуштени од американската влада и оставени сами да се движат низ комплицираната и опасна ситуација, пренесува Си-ен-ен.
„Шокирана сум и згрозена од американскиот млитава грижа за здравјето и за безбедноста на своите граѓани“, вели Муна Дауд, чии родители морале да одат до Порт Судан за да заминат од Судан во Саудиска Арабија.
Иако американските власти уверуваат дека се во блиска комуникација со американските граѓани и активно го олеснуваат нивното заминување од Судан, луѓето со кои разговарале од Си-ен-ен, а чии роднини се меѓу десетиците Американци што сакаат да го напуштат Судан, тврдат дека Стејт департментот не обезбедил речиси никаква помош.
„Да бидам искрен, Стејт департментот беше бескорисен, крајно бескорисен во текот на целиот овој период“, вели Имад, чии родители отпатувале од Картум за Египет.
„Очекувавме дека тие ќе обезбедат некакви насоки, но советите беа шаблонски, ‘само засолнете се каде што сте’, без да обезбедат критични информации. Единствената комуникација беше да се снајдат некако до Порт Судан, каде што ќе добијат помош од Саудијците“, тврди тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Силен ветер ја урна репликата на Статуата на слободата во Бразил
Реплика на Статуата на слободата во градот Гваиба во јужен Бразил се урна во понеделникот поради силни ветрови.
Градоначалникот на Гваиба, Марсело Мараната, објави дека нема повредени во инцидентот.
In Brazil, a strong wind toppled the Statue of Liberty – the moment of the collapse was captured on video. Fortunately, no one was injured. However, the 25-meter replica of the American sculpture was severely damaged. Workers are currently dismantling the monument. pic.twitter.com/rOrSSibwOz
— Farnak (@Farnakyboy) December 16, 2025
Тој изјави дека градските служби, во соработка со членовите на државната цивилна заштита, веднаш го обезбедиле подрачјето и ги спровеле потребните истраги.
Бразилската агенција за цивилна заштита објави дека налетите на ветерот надминале 90 километри на час, додека предупредувањата се на сила низ целиот регион поради неповолни временски услови.
Фото: депозитфотос
Регион
Самит ЕУ-Западен Балкан без Србија: Вучиќ вели дека никој нема да оди во Брисел
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да оди во Брисел на Самитот ЕУ-Западен Балкан, односно дека Србија нема да има свој претставник.
„За прв пат во последните 13 или 14 години, ниту јас ниту некој друг нема да одиме на таа меѓувладина конференција. Никој нема да ја претставува Република Србија, па затоа Западниот Балкан ќе биде без Република Србија“, изјави претседателот за РТС.
Тој изјави дека донел таква одлука за да не биде обвинет никој друг и дека Владата нема да трпи никаков притисок.
Тој рече дека во претходните 24 часа разговарал со голем број европски лидери.
„Искрено сум благодарен за почитта што Урсула фон дер Лајен и Антонио Кошта ја покажаа кон Србија. Исто така, сум благодарен и на претседателот Макрон, со кого разговарав синоќа. Сметам дека сè што правам, го правам за граѓаните на Србија. Без оглед на тоа што знам дека оваа одлука ќе предизвика критики, и во Брисел и од оние кои секогаш критикуваат, дури и кога не знаат точно што критикуваат. Верувам дека со ова ја штитам Република Србија и нејзините интереси, бидејќи мора да покажеме што сме направиле“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека Србија ќе го продолжи својот европски пат додека тој е претседател, а потоа, како што рече, ќе видиме, пренесува РТС.
Фото: депозитфотос
Свет
Сијарто предупредува: На економијата на ЕУ ѝ се заканува колапс во случај на конфискација на руски средства
Конфискацијата на замрзнатите руски резерви може да предизвика колапс на економијата на Европската Унија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
„Руската национална банка ja чува својата имовина и средства во Белгија.
Сосема е очигледно дека ако ЕУ ги конфискува своите резерви, глобалната доверба во белгискиот пазар ќе исчезне, а преку него и целиот финансиски пазар на ЕУ.
Ако довербата во европската инвестициска средина исчезне, тоа може да доведе до колапс на европската економија“, рече тој во програмата „Час Правде“.
Рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно потврдија за време на разговорите дека таков чекор од Брисел нема да помине без одговор од Москва.
Ова ќе зависи од ставот на поединечните земји во Европската Унија, истакна Сијарто.
„Конфискацијата на руски државен имот е една од најсериозните ескалации на ризикот во последните четири години, а запленувањето на резервите од страна на ЕУ е решение кое се заканува со ескалација на војната“, нагласи дипломатот.
И покрај фактот дека се чини дека дипломатското решение за украинската криза се приближува, Европејците всушност се обидуваат да ја продолжат и влошат војната со целосно непотребно присвојување на руски средства, резимираше тој.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на суверените руски средства, пренесува Спутник.
Европската комисија се надева дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани на платформата „Јуроклир“ во Белгија.
Фото: депозитфотос

