Македонија
Зајкова: Правдата, но и казната, треба да биде достапна за сите
Предлог на Законот за изменувањето и дополнување на Кривичниот законик поднесе Либерално-демократската партија, а со измените, кривичните дела сторени со злоупотреба на службената должност, особено од избраните и именувани лица, нема да застаруваат лесно, рече пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова.
„За да не остане правдата заглавена во судските фиоки, криминалците, злоупотребувајќи ги сите лавиринти, ги доведоа своите недела до застарување. Либерално-демократската партија не останува само на зборови, осуди, вознемиреност или разочараност. Со предлог-законското решение периодот на апсолутната застареност се зголемува за една третина од моментно пропишаната, односно застареност на кривичното гонење. Воедно, се подигнуваат и роковите на релативна застареност на казнивото дело, а се предвидува и преодно решение за одлика, а постои веројатност да застарат“, додаде таа.
Според Зајкова, со донесувањето на законот ќе се спречи застареност на одредени кривични дела, кои се однесуваат на службената положба, а за кои во праксата сè почесто се поведуваат судски постапки, а кои, од друга страна, најчесто поради одолжување или одложување на постапката, наместо со казна, завршуваат поради застареност. Со тоа ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото.
„Македонија, според Уставот, е правна држава, законите мора да важат за сите еднакво и никој не смее да биде над законот ниту над правдата. Затоа, правдата, но и казната, треба да биде достапна за сите и никој што згрешил пред законот не смее да помине неказнето. Поради истекување на законските рокови на предметите без правосилна пресуда и настапување апсолутна застареност, се спасија симболите на криминогеното политичко подземје. Секој според законот ќе си го добие заслуженото. Позитивни ќе бидат импликациите со враќање на довербата на граѓаните дека правда мора да има за сите и сликата за Македонија во демократскиот свет, вели Зајкова.
Таа додаде дека за буџетот нема да има финансиски импликации, но ќе има за криминалците, кои досега успеваа, потсмевајќи се, да jа избегнат правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

