Македонија
Маричиќ: Преговорите со ЕУ отвораат можности за македонските истражувачи
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска е во работна посета на Брисел по повод одржувањето на билатералниот скрининг-состанок за Поглавјето 25, „Наука и истражување“.
Маричиќ во воведното обраќање на билатералниот состанок пред Европската комисија рече дека македонската Влада е подготвена да ги исполни условите потребни за ефективно учество во истражувачки програми, со цел Северна Македонија да се интегрира во Европската истражувачка област и да дава свој придонес во неа.
„Преговорите со ЕУ отвораат нов циклус во развојот на науката и истражувањето во Северна Македонија и секако ни дава добра рамка и голема мотивација да продолжиме по патот што го одиме“, рече Маричиќ.
Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, ја искористи можноста и накратко ги претстави реформите и работата преземена во областа укажувајќи на она што досега е преземено и она на што се работи.
„Северна Македонија е во завршна фаза на развивање на стратегијата за паметна специјализација следејќи ја стандардната методологија на Европската Унија и во континуирана комуникација со заедничкиот истражувачки центар. Усвојувањето на стратегијата за паметна специјализација и поставувањето на институционалната инфраструктура за поддршка на соработката меѓу академијата и бизнисот е од особено значење за создавање конкурентна економија“, рече Маричиќ додавајќи дека имаме развиено и национален патоказ за истражувачка инфраструктура и дека „Фондот за иновации и технолошки развој како агенција за имплементација континуирано спроведува активности поврзани со доделување средства за иновативни проекти во мали и средни претпријатија“.
Тој посочи дека буџетот за истражување е двојно зголемен во споредба со претходните две години и дека е насочен кон финансирање научноистражувачки проекти и истражувачка инфраструктура како во академската средина така и во јавните истражувачки институции.
Маричиќ укажа дека истражувањето и иновациите во денешно време се сметаат за двигатели на секоја економија што се стреми да биде попросперитетна и поконкурентна.
„Во исто време, истражувањето и иновациите се сметаат за средства за постигнување дигитална и зелена трансформација на секое општество. Како земја членка на ЕУ, ќе имаме можност целосно да учествуваме во истражувачките програми на ЕУ, што значи вклучување на македонските истражувачи во големи проекти за иновации, истражување и наука“, рече Маричиќ.
На крајот од своето излагање главниот преговарач со ЕУ изрази задоволство што Северна Македонија ќе биде домаќин на годинешниот министерски состанок за Западен Балкан во Скопје на 5-6 јуни бидејќи, според Маричиќ „овој состанок е од политичко и стратешко значење за нашата земја, но и можност за министрите од Западен Балкан, високите претставници на Комисијата, другите релевантни фактори да се вклучат во значајна дискусија и да развијат уште подлабоки врски и соработки“.
Северна Македонија од јануари 2021 година е полноправна членка на програмата на Унијата – „Хоризонт Европа“ за истражување и иновации, во која учествува под истите правила и обврски како и земјите членки на ЕУ, со што Европската комисија дава стратешкото значење, кое се рефлектира преку агендата на Комисијата за иновации, истражување, образование, култура и млади, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
На билатералниот скрининг-состанок учествуваа претставници на работната група предводена од Министерството за образование и наука како главна институција за Поглавјето 25, како и претставници на Министерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, Државниот завод за индустриска сопственост, експерти од академската средина, Комисијата за спречување на корупцијата, кои ги презентираа правната рамка, нивото на усогласеност, институционалната рамка и идните планови во областите: наука, политики за истражување и иновации, аспект на рамнотежа меѓу половите, концептот на отворена наука, заштита на индустриската сопственост во контекст на истражување и развој, учество во програми на Европската Унија и соработка со други европски и меѓународни мрежи, тела и агенции.
Следен состанок на билатералната скрининг-агенда од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, е за Поглавјето 19, „Социјална политика и вработување“, кое ќе се одржи од 10 до 12 мај.
Во рамките на работната посета на Брисел вицепремиерот за европски прашања ќе се сретне со вршителката на должност директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

