Македонија
Лога: реформите во правосудниот систем не можат и не смеат да останат само на хартија
Почетокот на преговори за членство во ЕУ бара од нас да се интензивираат активностите за јакнење на владеењето на правото и правната сигурност преку реформи во системот и хармонизација на законодавството. Министерот за правда Кренар Лога во своето обраќање на Меѓународната научна конференција ,, Современите аспекти на правната доктрина и толкување-предизвици и перспективи” посочи дека реформите во правосудниот систем не можат и не смеат да останат само на хартија. Усвоените закони треба да се имплементираат а реформите треба да овозможат промена на практиките и навиките (особено на погрешните) како и на предрасудите.
„Министерството за правда останува посветено на подобрување и јакнење на правната и институционална рамка во борбата против организираниот криминал и корупција. Реформската агенда бара посветеност, знаење, но и поддршка од сите чинители, во обидот да станеме дел од големото европско семејство.Пред нас се уставните измени. Од нас самите зависи дали ќе чекориме по патот на ЕУ или ќе стоиме во место. Време е, сите заедно да донесеме државничка одлука“, рече Лога.
Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права” од Кластерот ,,Темели” е клучно во евроинтегративниот процес.
„Имаме политичка волја, но и посветеност за решавање на одредени недостатоци во областа на правосудството, како и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Како Министерство за правда имаме направено многу во делот на реформите во правосудниот систем; во тек е дигитализација во правосудството, се подготвува нова Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2023-2027 година После скоро три децении години, најверојатно до крајот на годината ќе имаме комплетно нов Кривичен законик, а во тек е и подготовка на првиот Граѓански законик во кој за прват во еден акт ќе биде кодифицирана граѓанско-правната материја. Тука се и Законите за помилување, за управување со конфискуван имот, за правда на деца, за извршување на санкции и други кои наскоро ќе влезат и во собраниска процедура“, нагласи Лога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

