Спорт
ФК Пелистер: Бевме принудени да играме нерегуларен натпревар во Тетово, фудбалерите стравуваа за животите

Македонскиот второлигаш Пелистер објави соопштение истакнувајќи дека биле приморани да играат нерегуларен натпревар против Тетекс во Тетово (2:1). Домаќините го постигнаа победничкиот гол длабоко во судиското продолжение.
Битолскиот клуб информира дека голем дел од фудбалерите стравувале за својот живот на нерегуларниот натпревар.
ФК Пелистер ја известува јавноста дека попладнево бевме сведоци на тотално нерегуларен натпревар, во кој бевме доведени во ситуација нашите професионалци да стравуваат за својот живот и да играат натпревар со присуство на навивачи в терен.
Сакаме да апострофираме дека по израмнувачкиот гол на Пелистер во 89. минута од натпреварот против Тетекс, на терен влегоа десетина навивачи и натпреварот немаше услови да продолжи и да се доигра. Сепак, беше донесена одлука да се игра дури и со навивачи присутни в терен, на непосредна близина од нашите фудбалери и веднаш до нашиот голман. Нашиот клуб нема никакви замерки за професионалноста на своите фудбалери, но апострофира дека денес многумина од нив стравуваа за својот живот на нерегуларниот натпревар во Тетово.
Порачуваме сериозно да се анализира нерегуларниот натпревар во Тетово и да се извлечат заклучоци зошто и како нашите фудбалери беа приморани да играат во вакви услови. Зошто делегатот дозволи натпреварот да продолжи кога навивачи влегоа в терен и физички манифестираа насилство врз службени лица.
Нема да дозволиме ваков тип на натпревари да ни станат секојдневие и ќе продолжиме со чесниот пристап за игра и однесување која му прилега на клуб како Пелистер.
Чувствуваме должност ваквите девијации на нашите терени, кои никогаш не се случиле и нема да се случај кога ФК Пелистер е домаќин, да ги пријавиме на надлежните органи и јавноста и да ги заштитиме нашите професионалци“, се вели во соопштението на ФК Пелистер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ленокс Луис ги избра петте најдобри боксери на сите времиња

Ленокс Луис се смета за еден од најголемите имиња во тешка категорија во историјата на боксот. Иако има два порази со нокаут во кариерата, тој успеа да им се одмазди на двајцата борци кои го победија, постигнувајќи вкупно 41 професионална победа. За време на неговата импресивна кариера, поранешниот освојувач на златен олимписки медал се соочи со некои од најголемите легенди во тешка категорија, а неговата борба со Мајк Тајсон е сè уште еден од најпрофитабилните мечеви на сите времиња, пишува „Bloody Elbow“.
Во неодамнешно видео објавено на Инстаграм, Луис го откри својот личен список на петте најдобри боксери во историјата. Интересно е што тој не вклучи ниту еден боксер против кого се натпреварувал, како што се Мајк Тајсон или Евандер Холифилд, иако забележа дека би „се ставил во иста соба со тие борци“.
На врвот на својата листа, Луис очекувано го стави Мухамед Али, чиј прекар „Најголемиот“ совршено го опишува неговото наследство. Заедно со Али, листата вклучува уште четири легенди кои ги дефинираа своите епохи:
Џек Џонсон – првиот црн светски шампион во тешка категорија (1908 – 1915).
„Чудото“ Марвин Хаглер – легендарен борец во средна категорија кој ги победил великаните како Томас Хернс и Роберт Дуран.
Џорџ Форман – поранешен двократен светски шампион во тешка категорија и освојувач на златен олимписки медал.
Џо Луис – сопственик на најдолгото владеење со титулите во историјата на боксот, кое траело 11 години и 8 месеци.
Спорт
Интер оствари рекорден приход

Италијанскиот фудбалски гигант Интер оствари рекордни 567 милиони евра приходи во изминатата финансиска година, беше објавено на веб-страницата на клубот.
Финансиските извештаи за сезоната 2024/25 покажуваат приходи од 567 милиони евра, што е зголемување од 94 милиони евра во споредба со претходната сезона. Ова е рекорд, не само за Интер, туку и за италијанскиот фудбал како целина. Претходниот рекорд го држеше Јувентус кога имаше приходи од 464 милиони во првата сезона на Роналдо.
Рекордните приходи на Интер се резултат на зголемените приходи од домашните и европските натпреварувања, како и учеството во првото издание на проширеното Светско клупско првенство. Во исто време, имаше зголемување на комерцијалните приходи од спонзорства и натпревари.
Интер ја затвори финансиската година со нето добивка од 35,4 милиони евра, во споредба со загуба од 35,7 милиони евра во претходната финансиска година. Интер ја заврши рекордната финансиска година без трофеј.
Во финалето на Лигата на шампионите загуби од ПСЖ, во Серија А беше втор од Наполи, во Купот на Италија испадна во полуфиналето против градскиот ривал Милан, „росонерите“ беа подобри и во финалето на Суперкупот на Италија, додека на клупскиот Мундијал клубот загуби од Флуминензе.
Спорт
Детали го делат Бенитез од клупата на Панатинаикос

Трофејниот шпански стручњак Рафаел Бенитез (65) треба да го преземе грчкиот тим Панатинаикос во наредните денови, откако че бидат дефинирани деталите за идната соработка.
Великанот од Атина е во потрага по тренер по заминувањето на Португалецот Руи Виторија, кој беше отпуштен на 15 септември, еден ден откако „зелените“ загубија од Кифисија со 3:2.
Во меѓувреме, Панатинаикос значително ја подобри играта и резултатите под водство на привремениот тренер Христос Контис и забележа голема победа во Лигата на Европа против Јанг Бојс (4:1), но во клубот, и покрај очигледниот напредок, бараат ново, по можност звучно име за клупата.
Според грчките медиуми, изборот паднал на тренерот кој ја освои Лигата на шампионите со Ливерпул во 2005 година, две титули во Ла Лига и Купот на УЕФА со Валенсија и Лигата на Европа со Челзи.
Истите извори наведуваат дека Бенитез пристигнал во Атина со приватен авион во четврток наутро за финални преговори со челниците на клубот и најверојатно за потпишување на договорот.
Наводно, Панатинаикос му нуди дури пет милиони евра само за едногодишна соработка.