Свет
Ерменија и Азербејџан на мировни преговори во САД
САД од вчера се домаќини на мировните преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан, чија цел е смирување на неодамнешните тензии за спорната енклава Нагорно-Карабах, пренесува „Ал Арабија“.
Ерменија и Азербејџан двапати војуваа – во 1990 и во 2020 година – околу регионот, кој официјално е територија на Азербејџан, населен со мнозинско ерменско население, но конфликтот постојано се поттикнува.
Тензиите повторно се зголемија минатата недела кога Азербејџан постави контролен пункт на коридорот Лачин, единствената копнена врска меѓу Ерменија и спорниот регион Нагорно-Карабах, чекор што го разбесни Ереван и беше проследен со размена на оган од двете страни на границата.
Ерменија го смета овој потег на Азербејџан како прекршување на примирјето за кое се преговараше меѓу двете страни.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен во неделата ги почна очекуваните четиридневни мировни преговори меѓу двете страни на вечера со министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов во објект на Стејт департментот надвор од Вашингтон.
„Секретарот верува дека директниот дијалог е клучен за решавање на прашањата и постигнување траен мир“, рече портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.
Блинкен во неделата разговараше и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изразувајќи загриженост за контролниот пункт за кој рече дека ги поткопува напорите за воспоставување доверба во мировниот процес, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Претходно во саботата, Блинкен разговараше и со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, нагласувајќи ја важноста од мировните разговори и ветувајќи континуирана поддршка од САД.
„Не избиравме зборови за потребата од слободен проток на сообраќај и луѓе и трговија низ коридорот Лачин“, истакна Пател.
Според анонимен официјален американски претставник, разговорите се повеќе насочени кон договор за нормализација на односите отколку кон мировен договор. САД очекуваат двете страни да имаат директна и искрена дискусија за сите прашања.
Москва посредуваше за прекин на огнот меѓу Ереван и Баку по последниот судир во 2020 година и постави повеќе од 2.000 мировници по должината на коридорот Лачин во Нагорно-Карабах во ноември откога Ереван и Баку се договорија за мировен договор за ставање крај на повеќенеделните жестоки борби за спорниот регион.
Со оглед на тоа што Русија е заглавена во Украина и не сака да ги заостри врските со клучниот сојузник на Азербејџан, Турција, САД и ЕУ се обидуваат да го поттикнат затоплувањето на односите.
Блинкен веќе учествуваше на два трилатерални состанока со двата кавкаски ривала во ноември минатата година, а потоа повторно во февруари на маргините на меѓународната безбедносна конференција во Минхен, Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Масовен руски напад врз Кременчук – делови од градот останаа без струја, вода и греење
Русија синоќа изврши масовен ракетен и дрон-напад врз украинскиот град Кременчук.
Според украинските воздухопловни сили, експлозии биле забележани околу 1:30 часот по локално време. Во нападот биле користени неколку хиперсонични ракети „Зинжал“, како и десетици дронови.
Градоначалникот на Кременчук, Виталиј Малецки, соопшти дека во делови од градот има прекини на струја, вода и греење, и додаде дека екипите работат на стабилизирање на критичната инфраструктура.
Тој ги повика жителите да останат на безбедни места.
UPDATE—-More footage that has come out from tonight’s Russian strikes on Kremenchuk in the Poltava region of Ukraine. pic.twitter.com/D9wBFrEMSw
— 🇷🇺 Vanguard-Veritas🇨🇦 (@RussCan91) December 7, 2025
Засега нема информации за жртви или за обемот на материјалната штета.
Паралелно со нападот, експлозии биле пријавени и во Фастив, во Киевската област. Таму претходниот ден беше погодена главната железничка станица. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тој напад го нарече „воено бесмислен“. Според министерот за внатрешни работи Игор Клименко, осум лица се повредени во нападите од 5 декември во регионите Киев, Лвов и Дњепропетровск.
Руските напади продолжуваат додека САД се обидуваат да посредуваат во напорите за запирање на војната.
Свет
Најмалку 25 лица загинаа во голем пожар во ноќен клуб во Гоа, Индија
Најмалку 25 лица загинаа, а повеќемина се повредени во тежок пожар што околу полноќ го зафати популарен ноќен клуб во Арпора, во индиската држава Гоа. Според првичните информации на локалната полиција, пожарот бил предизвикан од експлозија на плинска боца во кујната, по што огнот брзо се проширил низ објектот.
Поголемиот дел од загинатите биле вработени во клубот, но властите потврдија дека меѓу жртвите има и тројца до четворица туристи. Идентитетот и националностите сè уште се утврдуваат. Шестмина повредени се хоспитализирани и се во стабилна состојба.
Главниот министер на Гоа, Прамод Савант, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и најави официјална истрага. Таа ќе треба да утврди дали клубот ги почитувал противпожарните правила и дали поседувал валиден безбедносен сертификат.
Првичните извештаи укажуваат дека објектот немал задолжително одобрение дека објектот ги исполнува противпожарните стандарди.

Индискиот премиер, Нарендра Моди, на платформата X објави дека неговата канцеларија ќе понуди отштета до 200.000 рупии (1.889 евра) за секое семејство на жртвите и 50.000 рупии за повредените.
Гоа е позната туристичка дестинација на западниот брег на Индија и секоја година привлекува милиони посетители.
Свет
(Видео) Судири меѓу демонстранти и полиција во Атина: употребени солзавец и шок-бомби
Во центарот на Атина вечерва дојде до судири меѓу демонстранти и полицијата за време на маршот по повод 17 години од убиството на Александрос Григоропулос.
Полицијата употреби солзавец и шок-бомби, а приведени се 38 лица, од кои 8 се уапсени.
Тензии настанаа кога дел од демонстрантите се обидоа да тргнат кон квартот Егзархија, но полицијата ги блокираше. Метро станиците „Панепистимио“ и „Синтагма“ беа затворени од 17 часот по наредба на полицијата.
Сличен марш се одржа и во Солун, каде што беа приведени десет лица.
Убиството на 15-годишниот Григоропулос во 2008 година стана симбол на протестите против полициската бруталност, а годишнината и годинава ја одбележаа судири и силно полициско присуство.

