Свет
„Опасна е, набргу ќе биде попаметна од нас“, предупреди кумот на вештачката интелигенција
Кумот на вештачката интелигенција, Џефри Хинтон, поднесе оставка од „Гугл“ за да може слободно да зборува за ризиците поврзани со вештачката интелигенција.
Когнитивниот психолог и компјутерски научник со децении работел на невронски мрежи и длабоко учење, а се верува дека неговото истражување придонело за развој на услуги, како што е ChatGPT, пренесува Би-би-си.
Хинтон рече дека „сега жали за работата што ја направи“ на развојот на вештачката интелигенција.
Според него, ризиците поврзани со чат-ботовите со вештачка интелигенција се „прилично страшни“ и постои можност вештачката интелигенција набргу да биде попаметна од луѓето.
„Во овој момент гледаме дека системите како GPT-4 ги надминуваат луѓето во однос на општо знаење и таа разлика е голема. Во однос на расудувањето, тој не е толку добар, но очекуваме набргу да биде подобар“, додаде Хинтон.
Според Хинтон, некои од „злонамерните играчи“ би можеле да им дадат на роботите способност да создаваат свои цели, што тој го опишува како „кошмарно сценарио“.
„Во одреден момент целите на вештачката интелигенција би можеле да станат нешто како – сакам да имам поголема моќ“, изјави тој.
Според таткото на вештачката интелигенција, човечката интелигенција значително се разликува од вештачката интелигенција.
„Ние сме биолошки системи, тие се дигитални, а главната разлика е во тоа што има многу копии од исти модели на светот. И сите тие копии може да учат одделно, но да го споделат своето знаење за неколку секунди. Замислете 10.000 луѓе и дека секојпат кога некој од нив ќе научи нешто ново, сите други автоматски го знаат тоа. Токму на тој начин четбот-услугите знаат многу повеќе од луѓето“, објасни Хинтон.
Разделбата со „Гугл“ беше мирна бидејќи Хинтон го пофали „многу одговорниот“ пристап на компанијата кон развојот на вештачката интелигенција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД може да се повлечат од решавањето на војната во Украина, вели синот на Трамп
Американскиот претседател, Доналд Трамп, би можел да се повлече од решавањето на војната во Украина, изјави неговиот најстар син Доналд Трамп помладиот на конференција на Блискиот Исток.
Во долгиот говор против продолжувањето на борбите во Украина, Доналд Трамп помладиот, исто така, рече дека „корумпираните богати луѓе од Украина избегале од земјата, оставајќи го она што го сметале за селска класа да се бори во војната“.
Доналд Трамп помладиот нема официјална улога во администрацијата на Доналд Трамп, но е клучна фигура во движењето MAGA. Неговиот настап ја одразува антипатијата на некои членови на тимот на Трамп кон украинската влада и доаѓа во време кога преговарачкиот тим на Трамп врши притисок врз Киев да отстапи територија.
Доналд Трамп помладиот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја продолжува војната бидејќи знае дека никогаш нема да победи на изборите ако војната заврши.
Тој, исто така, ја критикуваше шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, велејќи дека европските санкции не функционираат бидејќи само ја зголемиле цената на нафтата, од која Русија може да ја финансира војната. Тој го опиша европскиот план како „чекање Русија да банкротира“.
Трамп помладиот без докази тврдеше дека за време на еден ден во Монако ова лето, видел дека 50 проценти од автомобилите како Бугати и Ферари имале украински регистарски таблички.
– Дали мислите дека е заработено во Украина? – праша Доналд Трамп помладиот.
– Слушнавме гласини за тоа што се случува кога ќе видиме дека сите регистарски таблички во Монако се украински. Богатите избегаа и го напуштија она што го сметаа за селска класа за да се борат во овие војни. Немаше поттик да се запре војната бидејќи сè додека парите доаѓаа и крадеа, никој ништо не проверуваше, па затоа немаше причина за мир.
Кога го прашале дали е можно неговиот татко – кој водеше кампања дека може да донесе мир во Украина – едноставно да се откаже, Доналд Трамп помладиот рекол можеби, објаснувајќи дека неговиот татко е еден од најнепредвидливите луѓе во политиката.
Свет
(Видео) Див дабар виден во Велика Британија за првпат по 400 години
Во природниот резерват Пенсторп, Норфолк, за првпат по повеќе од 400 години е забележан див дабар. Животното е снимено на камера додека собира дрвја за своето живеалиште покрај речен брег, оставајќи ги експертите збунети за неговото потекло.
Менаџерот на резерватот, Ричард Споуџ, рече дека дабарот престојува во изолиран дел од резерватот околу еден месец и можеби патува кон соседните мочуришта во потрага по храна. Првите знаци за присуство биле карактеристични траги на дрвја, по што биле поставени камери.
Реинтродукцијата на дабарите во Англија започна во 2015 година, а диви популации се забележани и во Дорсет, Кент, Хемпшир, Сомерсет и Шкотска.
Потеклото на дабарот од Пенсторп останува мистерија.
„Од наша гледна точка, тоа е диво животно и има право да биде тука“, заклучи Споуџ.
Свет
Келог: Мировниот договор за Украина е „многу близу“, клучни остануваат Донбас и Запорожје
Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, изјави дека договорот за прекин на војната во Украина е „навистина блиску“ и дека сега зависи од решавањето на две големи отворени прашања – иднината на украинскиот регион Донбас и нуклеарната централа Запорожје.
Келог, кој треба да се повлече од функцијата во јануари, кажа дека напорите за решавање на конфликтот влегле во „последните 10 метри“, што, како што забележа тој, е секогаш најтешкиот дел.
Двете главни нерешени прашања, рече Келог, се однесуваат на територијата – првенствено на иднината на Донбас – и иднината на украинската нуклеарна централа Запорожје, најголемата во Европа, која е под руска контрола.
„Ако ги решиме овие две прашања, мислам дека и останатите работи ќе бидат решени доста добро“, рече Келог.
Според првичните американски предлози, нуклеарната централа Запорожје би била рестартирана под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а произведената електрична енергија би била подеднакво поделена меѓу Русија и Украина.

