Свет
Кина бара реформи во Советот за безбедност на ОН
Кина останува на својот став дека се потребни реформи во Советот за безбедност на ОН истакнувајќи ја потребата од поголема застапеност на земјите во развој, особено малите и средните земји, пренесува „Саут Чајна морнинг пост“ цитирајќи го кинескиот шеф за надворешна политика.
„Реформата на Советот за безбедност треба да ја поддржува правичноста и правдата, да ги зголеми застапеноста и гласот на земјите во развој дозволувајќи им на повеќе мали и средни земји да имаат поголема можност да учествуваат во одлуките на Советот“, истакна Ванг Ји, директор на Комисијата за надворешни работи на ЦК на Комунистичката партија на Кина.
Ванг Ји го повтори ставот на Кина, една од петте членки со право на вето во 15-члениот Совет за безбедност, за време на состанокот со амбасадорите на Кувајт и Австрија во ОН, Тарек Албани и Александар Маршик, во саботата во Пекинг.
Кувајт и Австрија се копретседатели на меѓувладините преговори за реформите на Советот за безбедност на ОН.
Ванг изрази надеж дека ќе се постигне консензус за процесот на реформи во Советот за безбедност да биде широко признат и дека „резултатите ќе го издржат тестот на времето“ додавајќи дека мора да се отстранат „историските неправди кон Африка“.
Во текот на африканската турнеја во јануари, кинескиот министер за надворешни работи, Чин Ганг, јасно стави до знаење дека Пекинг сака да ја зголеми застапеноста на земјите во развој во Советот за безбедност на ОН со цел да го направи „глобалниот систем на управување поправеден и непристрасен“.
Забелешките на Ванг доаѓаат една недела откако со сличен предлог излезе и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој посочи дека западните сили се премногу застапени во клучното меѓународно тело.
„Вистинскиот мултилатерализам… бара приспособување на ОН на објективните тенденции за формирање мултиполарна архитектура во меѓународните односи“, истакна Лавров минатиот понеделник во седиштето на ОН во Њујорк.
Според Лавров, треба да се забрза „зголемувањето на застапеноста на азиските, африканските и латиноамериканските земји“ во телото изразувајќи жалење поради сегашната прекумерна застапеност на западните земји во СБ.
Во рамките на истата дискусија поддршка за реформи во СБ изразија и американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд, и индиската амбасадорка, Ручира Камбој.
Во својата сегашна форма Советот за безбедност на ОН се состои од пет постојани членки со право на вето – Кина, Франција, Русија, Обединетото Кралство и САД – и 10 непостојани членки, кои се избираат од Генералното собрание на ОН на секои две години.
Според сегашните правила, непостојните членки ги сочинуваат пет африкански и азиски држави, една источноевропска држава, две латиноамерикански држави и две западноевропски и други држави.
Со Швајцарија и Малта како непостојани членки, Западот во моментот има пет места во Советот, повеќе од кој било друг регион. Јапонија, која е близок сојузник на Вашингтон, е исто така меѓу десетте сегашни непостојани членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Куче открило дрога во вредност од 1,7 милиони евра
Со помош на кучето-душкач Мезкал на крајбрежната служба на Грција во камион што со траект од Италија пристигнал на пристаништето во грчкиот град Патра, биле откриени над 44 килограми кокаин и 134 килограми канабис во вредност од 1,7 милиони евра, за што уапсени се две лица.
Како што соопштија од крајбрежната служба на Грција, при контрола извршена од припадници на Регионалната единица за борба против дрога на пристаништето во Патра на товарно возило (со полуприколка) управувано од 49-годишен грчки државјанин и „по индикација од службеното куче за детекција на наркотични супстанции на Крајбрежната стража „Мезкал“, во кабината на возачот беа пронајдени внимателно скриени 20 пластични пакувања со кокаин, со вкупна бруто-тежина од 22,693 килограми“.
При понатамошна контрола, во товарниот простор на полуприколката биле пронајдени 163 пластични пакувања со необработен канабис со вкупна бруто-тежина од 133,669 килограми, како и уште 20 пластични пакувања со кокаин, со вкупна бруто-тежина од 21,942 килограми.
За дрогата бил уапсен возачот на камионот, како и уште едно лице, грчки државјанин кој требало да преземе дел од наведените наркотични супстанции.
Свет
Вонредна состојба и предупредувања поради бура за над 140 милиони луѓе во САД
Снежна бура предизвика сериозен хаос низ Соединетите Американски Држави, поради што за над 140 милиони луѓе, односно повеќе од 40 проценти од населението, е издадено предупредување за опасни временски услови. Поради невремето, речиси 12.000 летови планирани за викендот се откажани, јавуваат американските медиуми.
Предупредувањето се протега од Ново Мексико до Нова Англија, при што Националната метеоролошка служба најави обилни снежни врнежи и замрзнување на коловозите од источен Тексас до Северна Каролина. Во делови од југоисточна Оклахома, источен Тексас и Луизијана е регистрирано формирање мраз со дебелина до 0,6 сантиметри.
Метеоролозите предупредуваат дека по завршувањето на бурата ќе следи екстремно ниска температура, поради што снегот и мразот ќе се топат многу бавно, дополнително отежнувајќи ја нормализацијата на состојбата. Во некои региони штетите од мразот би можеле да бидат споредливи со оние предизвикани од урагани.
Гувернерите во повеќе од десет сојузни држави прогласија вонредна состојба или апелираа граѓаните да останат во своите домови. Во меѓувреме, околу 120.000 корисници останаа без електрична енергија, најмногу во Тексас, Луизијана и Ново Мексико.
US storm leaves 160,000 without power, forces thousands of flight cancellations
winter storm that has cut power to more than 160,000 electricity customers as far west as Texas, and threatened to paralyze eastern states with heavy snowfall pic.twitter.com/oaFPraSjbg
— Muhammad wahaj (@M_wahaj1) January 25, 2026
Авиосообраќајот е сериозно нарушен, при што сите летови беа откажани на некои аеродроми, вклучително и во Оклахома Сити, додека меѓу најпогодените се аеродромите во Далас, Нешвил и Шарлот.
Особено загрижувачки се температурите на Средниот Запад, каде се измерени и до минус 40 степени Целзиусови, што носи ризик од смрзнатини за само неколку минути. Во Висконсин е измерена температура од минус 38 степени, најниска во последните речиси три децении.
Американската администрација соопшти дека е во постојана координација со државните и локалните власти, а девет сојузни држави побараа прогласување вонредна состојба со цел активирање федерални ресурси за справување со последиците од екстремното невреме.
Свет
Орбан со порака до Зеленски: Унгарија нема да дозволи да биде заплашена
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска му порача на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Унгарија нема да биде заплашена.
„Унгарија нема да биде заплашена. Претседателите доаѓаат и си одат, личните навреди можат да се случат, но достоинството на Унгарија е нешто за кое не може да се преговара. Претседателот на Украина Зеленски треба да го запомни тоа“, рече Орбан во објава на социјалната мрежа X.
Унгарскиот премиер претходно во четвртокот го критикуваше Зеленски за неговиот говор на Светскиот економски форум во Давос, во кој, според извештаите од Будимпешта, тој „повторно ја нападна унгарската Влада и него лично“.

