Економија
(Видео) Милошоски за „Бехтел и Енка“: Не бараме министер да ни го раскажува договорот, го бараме на увид, 10 дена
ВМРО-ДПМНЕ го побара договорот со „Бехтел и Енка“ на увид и разумен рок од 10 дена да го разгледа за да закаже седница. Пратеникот Антонијо Милошоски рече дека заклучокот од денешната координација кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, на која беше одлучено опозицијата да предложи тело и да одреди рок кога да биде презентиран договорот пред пратениците со безбедносни сертификати, е промашување.
„Парламентарното мнозинство самостојно си одржува координации и самостојно носи заклучоци, кои ним им одговараат. Денес донеле некои заклучоци што ја промашуваат суштината на барањето на пратениците од опозицијата. Суштината на нашето барање е според Законот за класифицираните информации. Ние не бараме некој министер да ни го раскажува договорот. Ние бараме и имаме право договорот да ни биде даден на увид и бидејќи се работи за договор на 500 страници, да имаме разумен рок од најмалку 10 дена, да го разгледаме, анализираме и потоа да имаме затворена седница, на која ќе ги искажеме сите наши забелешки, но и ќе ги објавиме сите клаузули, кои се штетни за буџетот на Република Македонија“, рече пратеникот Милошоски.
Тој смета дека ваквото барање на пратениците е сосема легитимно оти договорот веќе го виделе и пратеници што немаат безбедносни сертификати.
„Сметаме дека ова барање им следува на пратениците затоа што веќе е направен еден преседан. Самиот договор имале можност да го видат осуммина пратеници од ДУИ и двајца од СДСМ. Тоа се оние што ги поднеле осумте закони за измени во Собранието поврзани со авотпатите на Артан и Ковачевски. Најмалку двајца од овие осуммина се без безбедносен сертификат. Ако тие може да прават предлог на осум клучни закони, вклучително и Законот за работните односи, тогаш може сите пратеници да го добијат договорот, во најмала рака сите што имаат безбедносен сертификат да имаат време да го разгледаат и потоа Собранието на затворена седница да ги слуша забелешките, критиките, пофалбите или обвинувањата од страна на пратениците. Тоа е нашето барање“, рече Милошоски.
Тој очекува власта да постапи во согласност со Законот за класифицираните информации и во согласност со Деловникот и да им го достави договорот за кој, откога ќе го разгледаат, ќе закажат затворена седница за да се расправа на него.
Утрово, на редовна координација кај претседателот на Собранието, на која не присуствуваше опозицијата, присутните пратеници одлучија токму опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на договорот со „Бехтел и Енка“ и да определи датум кога тоа ќе се направи.
Во содржината на договорот увид ќе имаат само пратеници што се носители на безбедносен сертификат и седницата ќе биде затворена за јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Одржана редовната седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на 5 декември 2025 година, ја усвои Програмата за работа за 2026 година, со којашто се утврдија клучните активности за спроведување на законските надлежности и стратегиските области дефинирани со Стратегискиот план 2025 – 2027 година. Во 2026 година ќе се спроведат 179 програмски активности, од кои 113 се редовни, а останатите се насочени кон модернизација на работењето, унапредување на регулативата, јакнење на безбедноста и поддршка на финансиската стабилност.
Монетарната политика и понатаму останува сосредоточена на одржувањето на ценовната стабилност како основна цел и предуслов за одржлив економски раст и стабилен финансиски систем. Во таа насока, Банката ќе работи на унапредување на моделите за макроекономско прогнозирање, модернизација на монетарните инструменти, оптимизирање на ликвидносното управување и подобрување на функционирањето на девизниот пазар и ефикасно спроведување на монетарните операции. Народната банка ќе продолжи со транспарентноста и навременото објавување на одлуките со цел јакнење на довербата и кредибилитетот на монетарната политика. Управувањето со девизните резерви ќе продолжи да се спроведува согласно принципите на сигурност, ликвидност и профитабилност, преку оптимално инвестирање во рамки на дефинираните лимити за валутниот, кредитниот, ликвидносниот и каматниот ризик.
Во доменот на финансиската стабилност, супервизијата и решавањето банки, предвидени се активности за континуирано следење на ризиците во банкарскиот систем, со особен акцент на климатските и на ИТ-ризиците, унапредувањето на супервизорските методологии и процеси, зголемената заштита на потрошувачите преку зајакнати интерни прописи и контроли, како и подготовката за примената на новата рамка за решавање банки во 2026 година.
Во делот на платните системи и платежните услуги, ќе продолжи унапредувањето на ефикасноста, сигурноста и стабилноста на националната инфраструктура. Во 2026 година ќе се примени современа интегрирана платформа за управување со готовината, со цел воспоставување модерен систем за снабдување и обработка на книжните и кованите пари. Истовремено ќе се спроведуваат и активности за модернизација на платната инфраструктура заради целосно функционирање на прекуграничните плаќања во рамки на СЕПА-шемите и за спроведување на проектот за воведување систем за инстант плаќања – клон на ТИПС, кој ќе придонесе за регионално поврзување и понатамошна интеграција со инфраструктурата на Европската Унија.
Во областа на статистиката и економските истражувања, Народната банка, како што информираат од таму, ќе ги продолжи редовните аналитички активности и подготовката на краткорочните проекции, ќе воведува современи алатки и техники за машинско учење и ќе ги унапредува статистичките податоци согласно новите меѓународни стандарди. Како дел од дигиталната трансформација, ќе продолжи спроведувањето на клучните проекти – интегрираниот систем за статистичко и супервизорско известување (ИСИДОРА) и воспоставување централен податочен склад.
Банката останува посветена на јакнење на транспарентноста, доброто управување, етичките стандарди, меѓународната и на меѓуинституционалната соработка преку непречено остварување на функциите на поддршка и примена на најдобрите практики во корпоративното управување, со цел обезбедување законито, ефикасно, правично и навремено носење одлуки во интерес на јавноста и сите сегменти од работењето. Следејќи ги современите ризици и технолошки промени, ќе продолжи да работи на зајакнување на институционалната отпорност, сигурноста на системите и на ефективното управување со ризиците, со цел обезбедување непрекинато функционирање на клучните процеси.
Програмата за работа за 2026 година ја потврдува заложбата на Народната банка за одржување ценовна и финансиска стабилност, како основа за долгорочен економски развој, доверба во институцијата и заштита на јавниот интерес.
Во насока на натамошно унапредување на ефективноста на монетарната политика, на седницата на Советот беа усвоени регулаторни измени за премин на Народната банка кон нова оперативна поставеност на монетарните инструменти. Примената на новата оперативна монетарна рамка ќе започне од 24 декември 2026 година. Со измените се врши модернизација на оперативната поставеност на монетарната политика согласно најдобрите практики на централните банки. Се очекува овие промени да придонесат за засилување на сигналниот механизам на основниот инструмент на монетарната политика – благајничките записи, а со тоа и на монетарната трансмисија. Благајничките записи и натаму остануваат основен инструмент на монетарната политика, при што нивната рочност се намалува на седум дена, а воедно се преминува кон примена на пазарни принципи на аукцирање. Инструментот расположлив депозит на седум дена кај Народната банка се укинува, а за оптимално ликвидносно управување на дневна основа банките и штедилниците и натаму ќе може да го користат расположливиот депозит преку ноќ. Во новата оперативна рамка, каматната стапка на расположливиот депозит преку ноќ се врзува за каматната стапка на благајничките записи, на ниво пониско за 50 базични поени и ќе се менува согласно промената на каматната стапка на основниот инструмент на ист начин како што се менува каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ. Со тоа, се формира симетричен коридор од каматните стапки на расположливиот депозит и на кредитот преку ноќ во однос на основната каматна стапка на Народната банка.
Економија
„Нетфликс“ го купува „Ворнер брос“ за 72 милијарди долари
„Нетфликс“ го купува филмскиот и стриминг-бизнис на „Ворнер брос дискавери“ за 72 милијарди долари, пишува Би-би-си.
„Ворнер брос“ поседува франшизи, како „Хари Потер“ и „Игра на тронови“, како и стриминг-услугата „Ејч-би-о макс“.
Ова преземање треба да доведе до радикална трансформација на американската филмска и медиумска индустрија, но аналитичарите предупредуваат дека може да наиде на отпор од регулаторните органи за заштита на пазарната конкуренција.
Том Харингтон, раководител на телевизискиот оддел во Enders Analysis, верува дека договорот, доколку добие регулаторно одобрение, ќе има огромно влијание врз филмската индустрија.
„Ако се реализира, тоа ќе го преобликува Холивуд, при што стримерот ќе преземе бизнис што во голема мера е егзистенцијална контрадикција. ‘Нетфликс’ отсекогаш имал ограничена употреба на кино, но генерално неговата понуда го поткопува тоа“, рече тој.
Харингтон предвидува големи намалувања на телевизиската и на филмската продукција во рамките на комбинираниот ентитет, што би можело да предизвика отпор од холивудските синдикати.
За потрошувачите, спојувањето веројатно би значело повисоки цени, рече тој.
„’Нетфликс’ би станал поскап, па дури и ако ‘Ејч-би-о макс’ биде затворен/стане неважен, поголемата пенетрација на ‘Нетфликс’ во домаќинствата веројатно би значела зголемување на вкупните приходи од претплати“.
Економија
Трипуновски: Досега се откупени 1,7 милион килограми тутун со просечна цена од 419,68 денари
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска е во работна посета во прилепскиот регион, каде што врши увид во процесот на откупот на тутун.
„Сакам да ве информирам дека од пријавените 320 пунктови низ државата, отворени се 207 заклучно со вчерашниот ден”, изјави министерот Трипуновски.
Тој додаде дека од компаниите кои што се пријавени во Регистарот за откуп на тутун, само една компанија досега не отпочнала со откуп, но истата ќе започне на почетокот од наредната недела согласно планот и динамиката.
„Согласно податоците кои ги добиваме на дневна основа од Државниот инспекторат за земјоделство, до вчерашниот ден се откупени 1,7 милиони килограми тутун со просечна цена од 419,68 денари”, истакна министерот Трипуновски.
Тој посочи дека според податоците од Сојузот и Инспекторатот, досегашниот тек на откупот се одвива во добра атмосфера.
„До последниот ден од откупот ќе бидеме тука, додека не се собере последното ливче тутун. Очекуваме дека оваа сезона ќе заврши успешно”, заклучи министерот.

